Незгоден баланс

Никола Поповски

Едно од многуте непишани правила во политиката е дека политичарот поединец или власта во целина можат да направат сто и една добра работа, но тие најчесто ќе се помнат по една или две грешки што ги направиле во текот на својот мандат, а гласачите ќе останат фокусирани и фрустрирани од тие грешки и тоа ќе го определи нивниот однос кон тој политичар или власт. Ако тоа не се знае или не се сфати навреме, кога сметката ќе се испорача обично е многу доцна за да се сфати што се случило. Кога грешките се повеќе од една или две на број, тогаш обично тоа се претвора во катастрофа.

Ваквиот проблем почна многу сериозно да се провлекува низ многу нишки на владеењето и на сегашната власт. Таа како да не е сосема свесна дека веќе забрзано почнува да испорачува многу повеќе од само една или две грешки и ризикува да остане запаметена по повеќе проблематични одлуки и политики. Фокусираноста кон целта да се оствари членството во НАТО како да ја прави слепа за другите проблеми или за последиците од преголемото верување дека зачленувањето во НАТО само по себе ќе ги надмине многуте грешки во чекори. Инсистирањето на брзо членство во НАТО во текот на оваа или почетокот на следната година наметна жестоко темпо на процедура за менување на името и поради тоа и на Уставот на државата. За само половина година со една фантастична брзина се потпиша и се ратификуваше договорот со Грција, се одржа и не успеа референдумот за негово плебисцитарно прифаќање, а потоа врз основа на договорот се драфтираа и се донесоа четири уставни амандмани што попатно ги зарија ноктите малку повеќе во Уставот одошто потребата од чистата промена на името Македонија.

Но, несреќата за актуелната власт ни од далеку не заврши тука. Очигледно е дека трчањето за постигнување на квантитативен капацитет во Собранието за промената на државното име донесе нова серија неочекувани проблеми. Се чини дека сојузништвото со ѓаволот непланирано донесе многу проблематични дополнителни грешки. Прво мораше да се заборави обидот за државен удар на организаторите и учесниците во неговата реализација. Тој заборав во вид на амнестија донесе триесетина ослободувања од кривично гонење и притвори на лица што имаа големи изгледи да завршат во затвор. Во нив и четворица актуелни пратеници. Со тоа и практично се случи целосно симнување на одговорноста за едно многу тешко кривично дело во секоја држава и општество, а тоа е обидот со државен удар и по насилен пат да се грабне и задржи власта.

Тоа не беше доволно за промената на името, туку само доволно за да се почне со процедурата на промена на Уставот. Следуваше ново голтање на горки апчиња во вид на заборавање и премолчена амнестија на лицата што извршија огромни злоупотреби на јавните пари и со нив направија невиден грабеж. Примерот со изградбата на спомениците и објектите од т.н. проект „Скопје 2014“ е евидентен. За возврат, тоа донесе уште најмалку два-три гласа за усвојување на амандманите за промена на името на државата. Но, и тоа не беше доволно. Мораше да се оди уште понатаму.

Третиот бран на заборавање кривични дела се чини дека не беше последниот, туку само претпоследниот. Со него се ослободија, иако формално само од притворот а не и од гонењето, неколку познати поранешни политичари и „деловни“ луѓе што, според обвинението, имале здружување со цел измама на доверителите. Веројатно попатно го „измамиле“ и буџетот на државата. Тие си се вратија дома, но нивното враќање донесе уште еден-два дополнителни гласа во Собранието за менување на Уставот. Тоа горчливо апче уште долго ќе горчи во устата на власта.

Кога конечно се мислеше дека патот кон промена на Уставот е чист како скопските улици, се појавија уште две мали, но значајни пречки. Две помали партии на албанската заедница во Македонија испорачаа свои дополнителни барања. Едно за промена на преамбулата на Уставот и едно за амандманот во врска со карактерот на државјанството на граѓаните на Македонија. Што би се рекло, врти-сучи, проблемот на крајот се заврши и со нивно прифаќање. Тоа ги донесе последните неколку гласови за да се заврши сè што треба со Уставот. Сега Уставот со променето име го имаме, но имаме и слобода за многумина што се гонеа за сторени тешки кривични дела од сферата на безбедноста на земјата, нејзиниот политички систем, изборите, корупцијата, насилството, стопанскиот криминал и што ли уште не. Имаме и состојба во која се чини дека заедно со слободата ќе им останат и парите што криминално си ги обезбедија. Големи пари. Преголеми.

На толку компромиси (читај: за многумина големи грешки) обично политичката карма е безмилосна, па и оние неколкумина, досега четворица, на кои ништо не им се прости и веќе беа осудени или пред изрекување на конечна пресуда, слободно и неказнети си заминаа од Македонија. За нив имаме еден симпатичен еуфемизам – тие се во бегство.

Со серија чекори од страна на Владата и Собранието одеднаш се потопија и напорите на некои институции што изградија некаква доверба и симпатии кај граѓаните – на пример СЈО, или оние што почнаа да ја враќаат – на пример, Јавното обвинителство со гонењето на учесниците во обидот за државен удар. Судството, пак, уште неизлечено од стравотните удари што ги доби од страна на партиската власт во периодот 2007-2016 година, доби закони со кои нивните постапки се запираат, се ограничуваат, застаруваат, се намалуваат казните и сл.

Кога и по сето тоа се мислеше дека состојбата ќе се врати во некоја привидна нормала и Македонија ќе започне да се занимава и со други од многуте наталожени непремостливи проблеми, се случи уште нешто што голем дел од јавноста го прими како стравотен факт – стапи во сила законот со кој се уредува употребата на албанскиот јазик во Македонија. За два дена Македонија стана Северна и во голема мера двојазична. Тоа предизвика еуфорија кај некои албански политичари што скапо ќе го чинат нивниот поголем брат – коалицискиот партнер во власта. Едновремено помалиот коалициски партнер повторно покажува дека е многу способен да го обезбеди својот себичен интерес во Македонија и со тоа да го дотолчи стожерниот партнер на негов терен, а таму каде што треба да испорача автономни резултати, на пример, во ресорите што ги раководи, да покаже тотална индиферентност што се граничи со неспособност. За несреќа, се чини дека во тоа не се осамени.

Сите што мислат дека сега конечно сè се заврши и дека се направени сите можни и неможни компромиси од страна на Македонците и дека нивните политички претставници во Владата и до крајот на мандатот ќе се занимаваат со економски, образовни, социјални, здравствени и други политики, едноставно се лажат. Сè упатува на тоа дека тие до крајот на мандатот ќе се занимаваат само со спроведување на уставните амандмани околу промената на името на државата и спроведувањето на законот со кој се уредува употребата на албанскиот јазик во Македонија. Тоа ќе ги одземе целата енергија и посветеност, на што ќе се надградат и потребните најмалку три месеци околу спроведувањето на претседателските избори (под услов да се успешни и да завршат до мај) и трчањето по владите и парламентите на 29-те земји членки на НАТО со молби и барања ратификацијата на спогодбата за нашето членство во организацијата да заврши што побргу (под услов претходно сè да заврши како што е договорено со Грција). Кога сето тоа ќе заврши, веќе ќе почнат да се насмевнуваат новите избори во 2020 година во кои власта ќе влезе со огромниот товар на сè за што претходно зборувавме. Погрешно сработеното и несработеното можат да бидат во многу незгоден баланс со успесите (читај: членство во НАТО), а за тоа да биде многу доцна.