Национално бламирање за инстант-помирување

Ило Трајковски

Во времето на транзиција низ кое одиме, одиме, одиме и никако да го изодиме, се урнисаа многу вредности. Се урниса смислата на многу работи кои ни беа важни, кои ни служеа како патокази на нашето однесување како луѓе, како родители и чеда, како соработници, колеги и како граѓани. Кој за што милува, но некако сите жалиме за нешто. Јас најмногу за урнисувањето на смислата на зборовите, на говорот, на идеите. А на почетокот на човештината е токму зборот, словото. „Во почетокот беше словото и словото беше во Бога и словото беше Бог“, како што се вели во Библијата. Зборот, односно зборувањето или словото и словењето се изворот на сè човечко. Социолозите инспирирани од Јурген Хабермас би рекле од зборот, од комуникацијата настанува општеството (На почетокот беше словото и словото беше во општеството и словото беше општеството). Мирјанинот Јован, пак, исто како и светиот Јован ќе рече дека без него, без зборот, без словењето исчезнува сè што било, исчезнува општеството, исчезнува човештината.

Не велам дека сме ги изгубиле зборовите. Тие се тука. Ние сè уште зборуваме, сè уште сочинуваме некакво општество, некаков збир на единки. Но, меѓу нас нема заедништво. Затоа зборовите ни се двосмислени, тросмислени… бескрајно бесмислени. Затоа, зборувајќи, всушност војуваме. Моќта на зборовите не се мери по важноста на нивната смисла, туку по силата на гласот, на татнежот со кој се изговараат. Зборовите се користат повеќе како куршуми, како топовски ѓулиња. Словењето стана инструмент на желбата за надмоќ. Многу од зборовите се само празни флоскули, само лушпи чии јатки ги изел црвот на недовербата, ги исушила сиромаштијата, себичноста, малодушноста, пресметливоста. Поради тоа, многу некогаш симболички силни зборови и идеи денес наликуваат на стари, калливи врчви наполнети со нови вина, со нови значења. Ова мое овонеделно словење е бунт против актуелното обесмислување на говорните симболи – простување и помирување!

Зборовите „простување“ и „помирување“ беа изговорени од највисоко државно ниво (говорницата на Собранието) и од страна на највисок државен функционер (претседателот на Владата). Неговите зборови за одреден број пратеници од редот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ беа повик за простување и помирување со нив. Во тој дух тие својата поддршка за од Владата предложената потреба од уставни амандмани ја условиле и со „простување во врска со настаните од 27 април… и сеопфатно национално помирување“. Во таа насока тие предложиле и „формирање собраниско тело…“ кое ќе изготви и предложи на Собранието „план за национално помирување“ и тоа „во рок од 30 дена.“ Предложено – сторено! Веќе се работи на предлогот!

Денес сакам да речам – не во мое име. Не за вакво обесмислување на „националното помирување“. Ова е веќе трет пат како високи државни функционери и политички моќници повикуваат на национално помирување и никако да се помириме. Претходно, во декември 2017 година од импровизираната говорница пред Владата, на тоа повика лидерот во оставка на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Една година претходно, претседателот Ѓорге Иванов во името на националното помирување го повлече потегот со општата амнестија, со кој ја внесе нацијата во уште поголема шизма.

Познавајќи нешто од областа на транзициската правда, во чии рамки спаѓаат поимите национално простување, помилување, помирување и други потези, како и актуелните предлози, не се ништо друго туку план за инстант-национално помирување и за подигрување со таа идеја. А инстант-производите како, на пример, инстант-кафето, инстант-храната, инстант-тоалетите и други „инстанти“ не се долговечни. Тие имаат моментна функција и само привремено задоволуваат, поточно, залажуваат некоја потреба. Инстантите функционираат според формулата „дај што дадеш“ и „купи ден – помини“.

Логиката на функционирање и опстојување на инстантите е неспоива со логиката на симболи како што е националното помирување. Тоа или ќе го направиме како што треба или нема да го има. Инстант-решенијата може и да се полезни во врска со некои споредни потреби. Но потребата од национално помирување кај нас е многу постара и потрајна од која било влада и од судбината на која било политичка фигура. Затоа таа идеја не смее да биде искористена за еднократна употреба. Општественото, или националното единство, се гради долгорочно и врз темелни вредности и принципи. Искуствата од големиот број земји кои тргнале на патот на национално помирување покажуваат дека за тоа има неколку предуслови.

Прво разграничување што е простување, а што помирување, кој и за што може и треба да се прости, и кој, за што и како се помирува. Простувањето е индивидуален, психолошки и, пред сè, морален концепт и чин. Помирувањето е политички и правен концепт. Простувањето е нужна, но недоволна претпоставка за помирувањето. Во нашиот случај добро е што жртвите кои настрадаа во настаните од 27 април се подготвени да им простат на агресорите. Тие покажуваат доблест. И ќе мора и понатаму да покажуваат величина и да ги контролираат сопствените инстинкти за одмазда. Но, тоа не е доволно. Не се повредени само нивите тела и личности. Повредено е и националното достоинство изразено преку интегритетот на државните институции. Затоа, делото за кое се товарат насилниците подлежи под кривичното, а не под граѓанското право. Заев и другите повредени може да организираат и групна сеанса и да им простат на обвинетите. Истото би можеле да го направат и партиите (политички) чии членови биле повредените. Партиите, како и единките, се приватни чинители. Но, државата не смее да простува. Држава која го заслужува тоа име нема душа, нема пријатели туку само интереси (Де Гол). Таа е најстуденото од сите студени суштества (Ниче). Таа може да помилува или да помирува, но не и да простува, оти не е нејзино да простува. Резонот на помилувањето и помирувањето е рационален, а на простувањето емоционален.

Второ, за разлика од простувањето кое се остварува како личен однос на жртвите кон насилниците помирувањето е колективен чин. Тоа нужно ја вклучува државата и нацијата. Помирувањето претпоставува репарација на интегритетот на националниот колективитет, а не на директните жртви. Затоа националното помирување не е просто морална сатисфакција на нацијата, туку законски регулирана размена на одговорност за вистина. Во земјите во кои процесот на помирување ги дал посакуваните национално интегративни резултати тоа е преку откривање на вистината и утврдување на одговорноста. За таа цел, најчесто, се конституираат т.н. комисии за вистината.

Од оваа гледна точка, предлогот кој, според премиерот, е веќе влезен во собраниска процедура уште од самиот почеток е осуден на неуспех. Но, не треба да жалиме за тоа. Тој и не треба да успее. Проблемот е во тоа што неговата неуспешна реализација за последица ќе има празнење на смислата на симболот национално помирување. Слично како што тоа се случи со идејата за лустрација. Како што ВМРО-ДПМНЕ ги упоропасти помирувачките ефекти на лустрацијата, така СДСМ, со ваквиот пристап, ќе ја упропасти идејата за национално помирување. Еднаш, заради коалициски интереси социјалдемократите се помирија со докажани негативци како Љупчо Георгиевски и Љубе Бошкоски, на пример, кои во 2002 година први пробаа да останат на власт со упад во ДИК и заканувајќи се со државен удар. Тоа не им успеа благодарение на одважноста и интегритетот на тогашната претседателка на ДИК која денес е без работа во државата – после четиринаесетгодишна судиска кариера во земјата и меѓународно! Сега, слушаме, се помируваат со изведувачите на вториот обид за државен удар кој заврши крваво, иако, за чудо, без смртни последици. Но, ако не умреа луѓе од ваквите проекти умира смислата на државништвото, на националноста како форма на заедништво.

Во чие име вака се арчат зборовите со кои го осмислуваме општественото живеење, го осмислуваме националното заедништво? Ничија политичка кариера, ничија власт, не е над интересите на нацијата. Особено не на оние што се огрешиле пред законите. Европските нации својата интеграција ја постигаат врз основа на владеење на законот. Според тоа, ничии политичка волја и интерес не можат да биде над законот. Најмалку волјата на сложните „калуѓери“ за кои знаме дека и на Велипеток мрсат. Владеењето на законот и преку тоа утврдувањето и обзнанувањето на вистината е предусловот на националното помирување и интегрирање на едно антагонизирано мноштво.