НАТО, НАТО, мое злато?

Здравко Савевски

Се случи и тоа. Го потпишаа Протоколот за зачленување во НАТО. Пресреќни беа нашите властодршци! И како не би биле, нели? Повеќе од четврт век се чекаше овој момент!

Но дали, ние, народот, треба да ја споделуваме радоста со властодршците поради (скорешното) членство во НАТО? Како и многу други цели што тие си ги зацртаа да ги истераат, тоа на народот му го продаваа како себе-подразбирлива придобивка, како нешто што треба да бидеш слеп за да не видиш дека е позитивно. За отпосле, кога ќе си ја истераа намерата, работата да испадне: се тресеше гората, се роди глушец. Никакви придобивки! Само прашањето, како дозволивме, повторно, да нè излажат?

Така беше со приватизацијата. Мора да се приватизира она што е општествена сопственост, да се „либерализира“ економијата. Ако така постапиме, оп, еве нè со животен стандард како западните земји. Кој се спротивставува – мора да е задрт комуњар! И ја приватизираа целата економија. Резултатот? Некои, малкумина, новородената олигархија, се стекнаа со големо богатство, а народот – остана со прстот в уста. Од стандардот како во Германија и Шведска – никаде трага. Уште полошо, тонење во сиромаштија, крпење на животот за мнозинството граѓани…

Да наведеме еден поскорешен пример. Мора да падне режимот на Никола Груевски за да дојде животот. Кој ќе каже дека не заслужува доверба партијата која е исто толку клиентилистичка колку и таа на Груевски – мора да е одработувач за режимот! И, дојде СДСМ на власт. Продолжија со истите практики на владеење како ВМРО-ДПМНЕ, за нив привилегиите што ги носи власта, а за народот трошките, колку да му ги замачкаат очите. Дури и тоа малку го прават. А од животот – ни трага ни глас…

Сега членството во НАТО. Ќе нагрнеле странските инвестиции, ќе скокнел до небо животниот стандард! Кој ќе каже дека нема врска членството во НАТО со подобрувањето на животниот стандард – мора да е русофил, Путинов агент! Ете, наскоро ќе станеме членки на НАТО, наскоро ќе се видат наводните придобивки од зачленувањето во НАТО. И што ќе биде кога ќе стане јасно дека уште еднаш излажеле? Не берете гајле, штом се зачлениме во ЕУ, дури тогаш ќе потече медот и млекото!

Им завидувам на народите од Средна и Источна Европа, како и на народите на Балканот, кои веќе се членки на НАТО и ЕУ! Но, не им завидувам на животниот стандард, кој во најголем број случаи е сличен на нашиот. Не им завидувам ниту на нивната „демократија“, која во некои случаи (особено во Унгарија и Полска) е на пониско ниво дури и од кај нас. Им завидувам зашто нивната владејачка класа веќе одамна не може да ги лаже со придобивките од зачленувањето во НАТО и ЕУ. И нив ги лажеа исто како нас, но ги зачленија и… видоа дека од тоа не зависело подобрувањето на животниот стандард. А еве каде ни се Албанија и Бугарија! Треба само да ја преминеме границата за да видиме во каков „процвет“ е Албанија по десет години членство во НАТО, каков невиден „економски бум“ има во Бугарија што повеќе од десет години е членка на НАТО и ЕУ! Толку им е прекрасно што, како и кај нас, и таму луѓето бараат начин како да се иселат. И, реално, на тоа се сведуваат придобивките од членството во ЕУ (не од членството во НАТО!): поради членството на твојата држава во ЕУ, да можеш со твојот пасош да се иселиш на Запад и да го бараш подобриот живот таму.

Трагикомичен ми е Заев со неговото столче што ќе сме го добиеле со зачленувањето во НАТО. Исто како со пенкалото со кој „го бутнал режимот“. Кое црно пенкало, кои бакрачи! На власт го донесе неговата способност да го излаже народот, на власт го седна неговиот империјален господар за преку него да ги истера своите геостратегиски планови околу проширувањето на НАТО. Сега ќе сме добиеле столче во НАТО, рамноправно ќе сме одлучувале со САД, Британија, Германија за светскиот мир. Точно дека ќе добиеме столче, но дека рамноправно ќе одлучуваме со САД, Британија, Германија – тоа се приказни за мали деца. Ќе ги седнат на столчето и ќе им кажуваат што да прават, како на ученичиња, а тие ќе имаат право само да климаат со главите.

Меѓусебниот однос на шефот и неговиот потчинет веќе го гледаме. Лани, се истрчаа и зедоа учество во евтиното шоу на британската влада во случајот „Скрипал“, протерувајќи руски дипломат. Бидејќи британскиот „сојузник“ го побара тоа од нив. Сега, нашето МНР објави дека го поддржува обидот за државен удар во Венецуела, против „диктаторот“ Мадуро. Што работа имаме ние со Венецуела па да треба да заземеме став во врска со нивните внатрешни работи? Ама, американскиот „сојузник“ тоа го побара и нашите вазали, нормално, соодветно реагираа. А истовремено во Судан има протести против диктаторот Омар ал Башир, против кого дури и се води кривична постапка од Меѓународниот кривичен суд заради геноцид и злосторства против човештвото. И има убиени луѓе во протестите. Но, во врска со тие протести, молчи и американскиот сојузник, молчат и неговите македонски вазали. Ама, за Венецуела се огласија. Тоа е таа „демократска“ лицемерност што континуирано ја практикува САД и тоа е таа „демократска“ лицемерност која тие ја бараат од своите вазалски држави.

Во крајна линија, не е премногу важно каков став ќе заземат нашите властодршци околу Венецуела или Судан. Со нивната вазалска надворешна политика се бламираат (и нè бламираат) во очите на прогресивната светска јавност, но тоа не ги менува работите за нас овде и сега. Она што е далеку поважно за нас е една мала епизода што се одигра на маргините на славеничкиот прес во Брисел на кој беше објавено дека НАТО ја лапна и Македонија. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг беше прашан од новинарите како тоа ја примаат за членка во НАТО Македонија кога таа не ја исполнува обврската да троши барем два проценти од својот бруто домашен производ за одбрана. Генералниот секретар ги смири нивните стравувања, изјавувајќи дека Македонија ветила дека ќе ги удвои расходите за одбрана до 2024 година.

Пред СДСМ да дојде на власт, државата трошеше 0,98 проценти од својата економија за одбрана. Оваа година е планирано овие расходи да се искачат на 1,19 проценти. За ова зголемување да се случи, буџетот на Министерството за одбрана за две години (од 2017 до 2019 година) порасна за 33,7 милиони евра. Видете сега колку голема е оваа сума пари (33,7 милиони евра), видете колку минорно процентуалното зголемување предизвика таа сума (од 0,98 на 1,19 проценти) и запрашајте се колкава сума пари ќе треба дополнително да се трошат за процентот за одбрана да порасне од 1,17 за оваа година на 2 проценти во 2024 година. И на крајот, потсетете се дека парите не растат по дрвјата.

Во буџетот за оваа година, за да се зголеми буџетот на Министерството за одбрана, беа намалени буџетите на Министерството за здравство и на Министерството за култура. Запрашајте се: каква е таа влада која, при толку лошо јавно здравство, го намалува буџетот на Министерството за здравство, а драстично го зголемува буџетот на Министерството за одбрана?

За жал, ние допрва ќе гледаме вакви работи. Зашто ќе мора да се исполнат НАТО-стандардите, а парите, ете, не растат по дрвјата. Како и приватизацијата, зачленувањето во НАТО нема да биде само феномен кој ништо добро нема да ни донесе. Тоа ќе биде и проблем што дополнително ќе доведе до осиромашување на народот. Ама, како и за времето на приватизацијата, многумина ќе даваат поддршка на процесот за отпосле, кога штетата веќе ќе биде направена, да се свестат дека поддржувале процес кој бил на нивна штета.