Назад во криза

Петар Арсовски

Претседателските избори, уште официјално незапочнати, веќе ја доминираат медиумската и политичката агенда. Кандидатите се во поход за глас повеќе, а почнаа и првите пинг-понг стрели од едниот кон другиот штаб. Во претседателските избори секоја партија влегува со различна агенда, најчесто дијаметрално спротивставена. СДСМ се бори за превласт, ВМРО-ДПМНЕ за преживување. Неопределените избираат правец во кој ќе се движи државата. Сепак, фактот што на овие избори, двата големи партиски блока, особено кај Македонците, настапуваат со толку различни агенди и визии за иднината, може да биде индикација на дополнителна поларизација на електоратот за време и после изборите. Дотаму што не треба да се исклучи можноста после изборите Македонија да биде во нова политичка и идеолошка криза.

Ако ги разгледуваме, најнапред, стратегиите на партиите на овие избори, ќе видиме дека тие агенди не се, условно речено, претседателски. СДСМ на овие избори се бори за продолжување на својата вкупна стратегија, на задржување на правецот во кој се движи државата, односно за нова легитимација на своите политики, па со тоа и среднорочна политичка превласт. Имено, доколку на овие избори нивниот кандидат победи со значајно мнозинство, тоа де факто ќе значи дека електоратот ја легитимирал нивната политика и дека е подготвен да им даде поддршка и покрај тлеечкото незадоволство од динамиката на спроведување на домашните реформи.

ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, се бори за преживување (на партиското раководство), и за борба за докажување дека поразот на изборите, како и успехот на власта да го реши проблемот со името и со тоа да ја втурне државата во евроатлантските интеграции, не ги оставил назад на перонот, додека возот отишол напред. Борбата за опозицијата е да докаже дека сè уште е консолидирана, силна, и дека нивната национал-романтична идеологија, на која инсистираат во последниот период, уште постои кај значаен дел од електоратот. Ова ќе се мери по бројот на гласови кои ќе ги добие нивниот кандидат, особено во првиот круг. Доколку таа бројка покаже некаква консолидација, пораст од претходните резултати, тоа за нив ќе биде индикација дека националната агенда сè уште е силна, а тие витални. Голема разлика против нивната кандидатка, пак, ќе значи дека таа агенда е мртва, Преспанскиот договор и вкупниот правец во кој се движи државата затворено прашање, и дека тие ќе мораат да се ребрендираат во тој правец за да останат реална политичка алтернатива.

Ова кај гласачите ќе донесе неколку наративни оски. Првата, на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде дека претседателските избори се нов референдум, односно нова шанса да се блокира или поништи Преспанскиот договор. Ова тврдење ќе донесе извесна консолидација на порадикално десните гласачи околу ВМРО-ДПМНЕ, особено имајќи го предвид популистичкото кокетирање со тие емоции на нивниот претседателски кандидат. Втората оска, на СДСМ, ќе биде приказната дека најдоброто допрва доаѓа, и дека и покрај бавноста на реформите, правецот е вистински и дека задржувањето на тој правец наскоро ќе донесе поволности за државата и граѓаните. Овој наратив е реално потежок, зашто бара од гласачите нова шанса, ново трпение, игра на нивната рационалност и конструктивност, наместо претходниот, кој игра на емоција и незадоволство, и нуди психолошко ослободување веднаш, барајќи електоратот да добие инстант гратификација против власта. Овие два крупни правци на кампањите, заедно со многубројните микроагенди, кај електоратот ќе создадат бинарна поларизација: ќе создадат впечаток на можност за нова вкупна пресвртница, на линија на продолжување кон евроатлантските интеграции или повторна блокада на процесот. Така, од претседателски, овие избори ќе се претворат во избори на кои ќе се легитимира или поништи вкупниот стратегиски политички правец, што е секогаш радикализирачка, биполарна, атмосфера.

Таквиот микс ќе има неколку ефекти, кои мислам дека ќе го комплицираат политичкиот процес. Прво, дијаметралните стратегии ќе донесат конфронтирачка кампања со значајни негативни елементи. Имајте предвид дека, доколку се следуваат првите пораки од штабовите, кандидатите не се борат за тоа кој побрзо ќе ја внесе Македонија во ЕУ, или кој подобро ќе ја претставува државата надвор. Тие се борат за тоа дали Македонија воопшто треба на овој начин да влезе во ЕУ. Борбата не е дали врховниот командант побрзо ќе ги имплементира НАТО стандардите, борбата е дали треба воопшто да продолжиме кон НАТО.

Проблемот со вака спротивставените агенди, е што тие најверојатно ќе произведат нова политичка криза без оглед на исходот на изборите. Илузијата дека ревизијата на Преспанскиот договор е можна, па со тоа дека ВМРО-ДПМНЕ би можел да го блокира овој процес, доколку биде избран нивниот кандидат, ќе создаде консолидација на гласачкото тело на десницата, но околу погрешна платформа. Опозицијата, наместо да ја забрза својата трансформација во технократска, способна партија на нова јапи-генерација, всушност ќе се консолидира околу национална платформа, односно околу истиот наратив кој досега го застапуваше Иванов, и ќе остане трајно маргинализирана и радикализирана.

Така, ќе се создадат неколку ризици. Првиот е ризикот од бојкот во вториот круг. Ако Пендаровски води со значајна разлика, единствената опција за исполнување на блокадата на евроатлантските интеграции за ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат неуспешни избори – тоа е единствениот начин тие политички да продолжат да тврдат дека „народот не ја легитимирал политиката на СДСМ“ така што не излегол на избори, и дека така народот, всушност, избрал блокада на Преспанскиот договор – тоа е идентичниот нивен заклучок од референдумот. Тоа секако би донело до нова политичка криза, особено доколку нивниот резултат во првиот круг е пристоен и ги наведе во барање нови предвремени парламентарни избори.

Втората опција, доколку победи Силјановска-Давкова, исто така води во нова политичка криза – таа тврди дека нема да го користи новото име, дека ќе ги блокира сите постапки во кои има влијание а кои го користат новото име и слично. Тоа реално би претставувало продолжение на стратегијата на Иванов, да го спречува секој потег кој го продолжува сегашниот правец на државата и секако исто води до барање за нови предвремени парламентарни избори. Третата опција, да победи Пендаровски, исто така, ќе направи нова криза. Иако е точно дека стратегискиот правец на евроатлантски интеграции на тој начин нема да биде загрозен директно, сепак, тој исход ќе ја остави опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) трајно радикализирана, турната во крајно десниот политички спектар и консолидирана околу погрешни оски – блокадата на Преспа, враќањето назад на „македонштината“ и, се разбира, неизбежното освојување на Солун. Тешко е да се замисли дека таквата опозиција ќе учествува во политичкиот процес, особено во реформите за кои е неопходно двотретинско мнозинство. Така, и со тој исход, мислам дека политичкиот дијалог и соработка завршуваат во нова криза.

Значи, како и да се свртиш, нова политичка конфронтација изгледа неизбежна. Ова најмногу зашто изборите доаѓаат пред гласачите да имаат време да ја „преболат“ Преспа, а опозицијата очигледно нема проблем таа рана да ја чепка и отвора повторно. Така, долго ќе крвавиме.