Навивачки популизам и насилнички квазипатриотизам

Звонко Давидовиќ

Со години наназад читам и слушам дебати, полемики, предлози и идеи за реформа на правниот систем, за правдата и правичноста. За жал, најголемиот број дискусии, предлози и анализи се необјективни и навивачки, а особено се популистички. Ваквиот навивачки популизам или правната неписменост се присутни кај луѓето и нивните гледања на нештата, а нивното сфаќање за правдата и правичноста најчесто зависи од политичката обоеност или симпатии. Особено од формирањето на СЈО ваквиот навивачки популизам кулминира покажувајќи ја правната неписменост на огромен број луѓе.

Она што произлегува од научните трудови кои се занимаваат со популизмот како феномен е дека еден од елементите на популизмот е критичкиот однос или настроеност кон елитите кои стремат кон статус-кво позицијата, но овој услов не е доволен. Вториот елемент на популизмот е антиплурализам. Популистите секогаш тврдат дека тие и само тие се претставници на интересите на народот и нивни заштитници, а класични примери се турскиот претседател Ердоган и унгарскиот премиер Орбан. Ердоган и покрај своите многубројни домашни критичари изјавува – Ние сме народот. А кои сте вие?

Популистите тврдат дека секогаш зборуваат во името на народот и во негов интерес. Секој што ги опоменува дека не се во право можат да го опишат како неморален и како некој што не е во вистинска смисла дел од народот. Со други зборови, популизмот е секогаш облик на политика на идентитетот. Со ваквото сфаќање на популизмот како облик на политика на идентитетот чија цел е исклучување на неистомислениците или опонентите, следува и заклучокот дека популизмот е опасен за демократијата. Демократијата бара и претпоставува плурализам и признавање дека треба да се обезбедат правични услови во кои можеме да живееме заедно како слободни и рамноправни граѓани, но и како граѓани чијашто различност не се доведува во прашање. Идејата за еден хомоген, автентичен народ не е ништо друго освен фантазија или прв чекор кон фашизмот, како најекстремен облик на популизмот. Ваквата идеја е опасна, затоа што на популистите не само што им овозможува успешно да ги користат конфликтите, туку тие ја поттикнуваат поларизацијата, а кон своите политички противници се однесуваат како кон непријатели на народот и настојуваат сосема да ги исклучат од политичкиот живот.

Еден од применуваните начини за политичко дискредитирање или елиминација од политичкиот живот се и монтираните судски процеси преку кои судовите како продолжена рака и слуга на извршната власт спроведуваат политичка егзекуција со правни средства.

Но тоа не значи дека сите популисти ќе ги испратат своите непријатели во затвор или логор или ќе кренат ѕидови покрај границите на својата земја, но исто така не значи ни дека популизмот се сведува на безопасна изборна реторика или на едноставен протест кој ќе спласне штом популистот ќе ја освои власта. Популистите можат да владеат единствено и само како популисти. Овој начин на управување го карактеризираат три нешта – обидот да се зграпчи и зароби државниот апарат, корупцијата и масовниот клиентелизам. Сето ова неминовно води кон обидот на популистите систематски да го потиснат или неутрализираат граѓанското општество.

Тврдењето на популистите дека само тие го претставуваат народот и зборуваат во негово име, а секој што не е истомисленик е непријател на народот, им овозможува заробување на државата и нејзините институции, коруптивни процеси, слабеење на граѓанското општество и невладините организации, слабеењето на демократските процеси. Нивните следбеници и симпатизери, што ни е добро познато во Македонија, секогаш ќе ги оправдаат ваквите лидери и политичари со зборовите – крадат, ама и градат за својот народ.

Неоспорно е дека популизмот е опасност за демократијата и претставува нејзин изопачен облик кој само наративно ветува дека ќе ги воспостави највисоките демократски идеали за владеење на народот. Едно од орудијата или алатките со кои многу вешто се поигруваат популистите е и националниот идентитет како симбол на надмоќност или супериорност на нацијата и наводната нејзина загрозеност од меѓународни институции или сојузи кои немаат национални обележја и нивна дискредитација со тврдење дека вредностите на една нација и нејзините интереси ќе бидат погазени и обезличени, што неминовно води кон изолација и ксенофобија.

Имајќи ги предвид сите наведени обележја на популизмот, со сигурност можеме да кажеме дека долг временски период во Македонија се владееше популистички. Ваквиот начин на владеење чекор по чекор ја доведе Македонија до состојба на заробена држава со целосно или претежно заробени институции, судство кое не е повеќе трета власт туку слуга и егзекутор на извршната власт, корупција, клиентелизам, немање одговорност, селективна правда, двојни аршини, нееднаквост пред законот, нееднаквост и нееднаков пристап до институциите и правата на граѓаните, енормно богатење на поединци преку коруптивни или сомнителни зделки склучени со државата, непланско и криминално празнење на државниот буџет. Правдањата и изговорите за ваквата состојба не сакам посебно ни да ги наведувам и само ќе потсетам на одговорите на популистичките следбеници кои тврдеа дека снимките се сечени, лепени и монтирани, а крадењето го правдаа со градење на барокниот гипс-картон во Скопје.

Ваквиот начин на владеење создаде популистички клиенти, односно следбеници кои не успеваат да се ослободат од стегите на популизмот и таквиот начин на размислување  со извикување на пароли и оправдување дури и на очигледните пропусти, ненормалните состојби и незаконитото постапување успеваат да најдат одговор кој е најмалку логичен и достоен за образован човек, а кој одговор нема никаква врска со реалноста, но е во функција на смирување на совеста на следбеникот или поддржувачот. Но ова не е најлошото од сè, најлошото е што ваквиот начин на практикување на власта и владеење со државата и народот создаде омраза и поделеност помеѓу луѓето, и тоа по неколку основи.

Едната е верската основа со примеси на националната припадност, каде што мнозинството се обидува да изврши супремација на едниот етникум над другиот, но во исто време со претерување или забегување во истакнување на подреденоста на другиот етникум кој е во малцинство, а кој се обидува да докаже дека треба да има дури и поголеми права од сите други граѓани. Втората поделба е политичката определба или симпатија која ги раздвои општеството и граѓаните на главно две групи кои меѓусебно се мразат до насилие. Оваа поделба создаде и една трета група граѓани кои се ни таму ни ваму, а кои се комплетно незаинтересирани или депримирани да направат каков било чекор кон подобрување на состојбата и се во состојба на хибернација.

Ваквиот начин на размислување неминовно доведе и до распаѓање и извртување на моралните вредности кон полошо, а честопати и кон ненормално и нецивилизирано однесување со нагласена омраза и потреба од линч на неистомислениците. Ваквата морална деградација доведува до вистинска војна на социјалните мрежи во која говорот на омраза е сеприсутен. Омразата дури оди дотаму што сите цивилизациски вредности се погазени и заборавени, па навивачкиот популизам бара линч на секој обвинет кој не е нивен истомисленик и за кого сè уште нема судска пресуда. Истите тие фејсбук- квазипатриоти до вчера бараа правда, правичност, владеење на правна држава и законито постапување и се противеа на погазување на презумпцијата на невиност или монтирани судски процеси, жестоко критикувајќи ја претходната власт, но сега тие го прават или го бараат истото и истиот начин на справување со политичките противници. Коректно е да се каже, а токму поради вистинските борци за демократија кои лично во најопасното време на режимот го кренаа гласот и јавно критикуваа со свое име и презиме, квазипатриотите тогаш се криеја и се тресеа од страв да го кажат своето мислење гласно, туку шепотеа вртејќи се панично да не ги слушнал некој.

Ниту еден вистински борец за демократија нема да го исплука својот политички противник, туку прво ќе му го овозможи правото да ги каже своето мислење и став и ќе му се спротивстави со силата на аргументите, а не со тупаницата или со власта на која моментално се наоѓа. За да создадеме правна држава и да создадеме услови за еднаквост на сите граѓани пред законот, треба, пред сè, самите да го почитуваме законот, доследно и до последна буква и да овозможиме правично и законито судење за секого, без оглед каде припаѓа, колку е високо на општествената скала, чиј партиски припадник или симпатизер е. Повикувањето на линч, ситењето и насладувањето со туѓа судбина не е пат кон демократијата туку кон реваншизам и прв чекор да станеме исти како оние против кој сме се бореле.