Мухарем Инџе – човекот што може да го собори Ердоган

Љупчо Поповски

 

Кога претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пролетва ненадејно ги распиша претседателските и парламентарните избори (една и пол година порано од редовниот термин), тоа изгледаше како рутинска операција од теоријата – дека победата е загарантирана и дека неспорниот владетел на државата ќе може да раководи со огромните овластувања што му ги дава новиот претседателски систем. Ердоган очекуваше дека разединетата опозиција ќе се мачи да најде соодветен ривал кој може да претставува барем привидна закана за неговите планови. На два дена пред гласањето в недела, на 24 јуни, Ердоган има многу грижи – победата во првиот круг од гласањето не изгледа лесна, а ниту евентуалниот втор круг изгледа сигурен.

Феноменот Мухарем Инџе, претседателски кандидат на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), ги претвори изборите во извонредно возбудлив натпревар во кој првпат во 16. години владеење Ердоган не се чувствува сигурен. Анкетите велат дека Ердоган може да смета на 45-46 отсто поддршка, а за Инџе би гласале околу 30 отсто и тие двајца би оделе во вториот круг. Тоа изгледа како доволна разлика, но картите за вториот круг се мешаат повторно, а целокупната опозиција и курдските гласачи (околу 12 отсто) веќе изјавија дека ќе го поддржат ривалот на Ердоган.

Појавата на Мухарем Инџе е навистина политички и општествен феномен во Турција, речиси непознат во нејзината понова историја. Инџе, 54-годишен жесток пратеник од секуларистичкиот камп, внесе невидена енергија во кампањата откако на 3 мај беше избран како кандидат на неговата партија ЦХП. Митинзите на Инџе се неверојатно посетени, на секој чекор прави „селфиња“ со своите поддржувачи, игра и пее на бината, а крстари од плоштад на плоштад во поголемите градови зборувајќи од покривот на неговиот изборен автобус. Тој ветува дека ќе му стави крај на, како што вели, владеењето на еден човек, дека ќе ги реши економските проблеми кои внесоа голем немир меѓу обичните Турци, дека уште првиот ден на функцијата ќе ја укине вонредната состојба која е во сила од летото 2016 година и дека нема да се всели во огромната палата со 1.150 соби што ја изгради Ердоган, туку претседателската канцеларија ќе ја пресели во симболичкиот пансион Чанкаја, кој го користеше Кемал Ататурк.

Како можеше Мухарем Инџе да создаде толкав бран на ентузијазам за толку кусо време? Има неколку причини за тоа. Првата лежи во самиот Инџе. Тој е целосна спротивност од Ердоган. Вооружен со извонредна смисла за хумор и пораки на обединување, Инџе е сѐ она што не е Ердоган. Турскиот претседател е фигурата што ја поларизира Турција, без оглед на неговите изборни победи, тој употребува антагонистичка реторика што ги навредува неговите опоненти и мисли дека трансформацијата на земјата во умерено исламистичко општество треба да оди само според диктатот на неговата Партија за правда и развој (АКП). Ердоган направи изборна коалиција со ултранационалистите од Партијата на националистичката акција (МХП) верувајќи дека е завршена промената на општеството кон конзерватизмот и исламизмот и дека со победата на изборите конечно ќе може да се прикаже за рамен на Ататурк.

Инџе влезе во кампањата поинаку. Прво отиде во посета кај сите претседателски кандидати, вклучувајќи го и Ердоган и затворениот лидер на прокурдската Народна демократска партија (ХДП), Селахатин Демирташ и секаде донираше по 500 лири во нивните кампањи како демонстрација на помирување и братство. Неговото семејство потекнува од истиот град од каде што се корените на Ердоган, Ризе на Црното Море, но е роден во Јалова, јужно од Истанбул, на брегот на Мраморното Море. Пред да стане пратеник беше наставник по физика.

„Ердоган е бел Турчин. Јас сум обоен од Турција. Ердоган е од палатата, јас сум сиромашен. Ердоган е оној кој ги прави насловите во весниците, јас сум човек што се бори против газдите. Ердоган е поддржувач на статус кво, јас сум реформатор“, зборуваше на митингот во Истанбул на 6 јуни. Држи по неколку митинзи на ден во различни градови. Често некои од тие собири се на полноќ. Младите го сакаат. Во Истанбул дојде до бината за говор откако маршираше со масата 2,5 километри привлекувајќи сѐ со себе – од групите фудбалски навивачи до граѓаните што му мавтаа од балконите на улиците. Инџе ветува дека ќе ја намали нееднаквоста во општеството, дека ќе го запре иселувањето на мозоците, дека ќе го реформира образовниот систем, дека драматично ќе ги зголеми правата на малцинствата, вклучувајќи ги Курдите и Алевитите. Инџе е и твитер-феномен. Кога гостува на телевизија, Твитер експлодира. Неговите духовитост и интелигенција го креваат духот кај обичниот граѓанин и ги распрснува стравовите – затоа и рејтинзите на социјалните мрежи се огромни. Едно негово интервју во силна провладина телевизија имаше четири пати поголема гледаност од она на Ердоган во истата програма ден-два порано.

Инџе ветува дека ќе го реформира судството, па стотиците професори, новинари, интелектуалци ќе бидат ослободени од затворите. Дека ќе ја врати независноста на централната банка, дека повторно ќе воспостави демократски парламентарен систем. Тој самиот припаѓа на националистичкото крило на секуларистичката партија и нагласува дека конзерватизмот во неговото семејство е природна работа (сестра му носи шамија).

Но Мухарем Инџе знае дека еден од клучевите за евентуалната победа во вториот круг е во гласовите на огромното курдско малцинство (околу 15 милиони). Неговата партија ЦХП е во лошо сеќавање кај Курдите поради тоа што таа е највиновна за нивната маргинализација во општеството во минатото. Неодамна во центарот на Курдите, градот Дијарбекир, се собра огромна маса луѓе да слушне дали тој има да им каже нешто поинакво од другите мејнстрим турски политичари. Во огнен реторички говор тој им го кажа ова на Курдите: „Прво ние ќе ги учиме нашите деца на турски како формален јазик. А како втор тоа ќе биде јазикот што го зборуваат со нивните родители дома, било да е тоа курдски, арапски или кавкаски“. Инџе само го повтори неговиот став од 2016 година кога се разиде од пратеничката група на сопствената партија и гласаше против симнувањето на имунитетот за членови на прокурдската партија ХДП. Ова приближување кон Курдите може да има огромно значење во вториот круг. Ердоган досега освојуваше огромен дел од гласовите на Курдите, но воената интервенција против курдските милитанти, во која последниве неколку години загинаа 3.600 лица, стотици илјади се раселени, а историскиот центар на Дијарбекир, Сур, е во урнатини. Голем број гласачи се оддалечија од него. Втор момент за тоа дистанцирање е што Ердоган направи изборна коалиција со ултранационалистичката МХП, која е голем противник курдските права во Турција.

Оваа отвореност на Инџе кон Курдите можеби и ќе се исплати. Неговата партија направи предизборна коалиција со десничарската Ији партија и исламистичката Среќна партија за парламентарните избори што исто така се одржуваат в недела. Прокурдската партија ХДП не е во овој сојуз, но има премолчен договор дека секуларистичките гласачи од ЦХП ќе ѝ помогнат да го достигне 10-процентниот праг за влез во парламентот, а тогаш веројатно опозицијата ќе го освои мнозинството.

Главен проблем на Инџе е дали во кампањата освои дел од срцата на најтврдокорните поддржувачи на Ердоган во Анадолија. Без нивна поддршка победата во вториот круг е речиси неможна. Инџе се обиде преку телевизиски дуел со Ердоган да привлече дел од тие поддржувачи. „Ајде да дебатираме на телевизија која вие ќе ја одберете“, му порача неодамна на Ердоган. Претседателот молчеше неколку дена, минатиот викенд одговори од неговата карактеристична височина: „Тој нема никаков срам кога ме кани на телевизија. Сака да го зголеми рејтингот благодарејќи на нас“. Инџе одговори експресно: „Тој вели дека сум сакал да добијам рејтинг. Па дури и временската прогноза е погледана од неговите интервјуа“.

Можеби Мухарем Инџе внесе непредвидлива динамика во едноличната турска политика доминирана од еден човек и една партија. За исклучително кусо време мобилизираше огромни маси внесувајќи ја кај нив надежта за промени. Но дали е тоа доволно. Реџеп Таип Ердоган сѐ уште е алфа и омега во турската политика. Турците и од едниот и од другиот политички спектар со нетрпение го чекаат утрото на 25 јуни – дали овој виор на турската политика ќе донесе изборни изненадувања.