Момци, главата горе

Сашко Ѓ. Димовски

Македонија имаше две дијаметрално спротивни недели на Европското ракометно првенство во Хрватска. Од играчки и од резултатски аспект, се разбира. Првата блескава и еуфорична, втората со драстичен пад и осцилации до непрепознавање. Константа нема. Ако Шпанија ги откажа „црвено-жолтите“ по воведните десетина минути, Чешка ги тресна од земја во последните десет, а Данска вчера дојде како логична психолошка последица на ефектот од настапите во Вараждин.

Сонот за медал, како шанса на генерацијата, кој одеднаш се појави на хоризонтот, се загуби на идентичен начин. Од првопласиран во групата по прелиминарната фаза, националниот тим заврши како последен во главната. Трите пренесени бода ветуваа многу, но реалноста одново се покажа сурова и отвори дилеми за амплитудите од колективниот кардиограм на репрезентативците.

Легитимни се недоумиците од типот како е можно да се совлада една Словенија, бронзена од последниот Мундијал, или да се стави во џеб една Германија, која на ЕП допатува како бранител на тронот, а да се загуби глава против една Чешка, која не припаѓа на првиот ракометен ешалон на Стариот Континент. И тоа кога најмалку требаше во натпревар што беше прогласен „да се биде или не“. Точно е дека повредата на Кире Лазаров претставуваше голем удар врз целокупниот амбиент во таборот на Раул Гонзалес, но, исто така, е факт дека и без капитенот, Чешка беше ставена на „мјут“ во три четвртини од средбата. Одговори за изгледот на последната веројатно ќе останат во затворениот репрезентативен круг како што останува и „штета за пропуштената прилика“ како општ впечаток.

Тивко, без помпа и со скромни најави заминаа ракометарите на ЕП во Хрватска. Не дозволија да паднат под притисок за резултат или позиционирање ниту да се обременат со императиви. Растовареноста со која заминаа од Скопје и намерата да одат од меч во меч како состојка во рецептот на Шпанецот даде резултат во Загреб меѓутоа создаде обврска да се продолжи по зачекорениот курс. Јавноста и навивачите силно го посакуваа тоа како причина за ново минување низ Триумфалната порта и заедничко дружење на плоштадот „Македонија“.

Шансата за поправање на пласманот од Србија во 2012 година, па и за освојување на историски медал, сепак, отиде во неврат. За нова ќе треба да почекаме до некое ЕП или СП во иднина, а прашање е кога и дали воопшто Македонија ќе биде во ситуација каква што беше во Хрватска. Неспорно, и покрај сѐ, беше срцето на терен и борбеноста и, секако, желбата за успех што гореше кај секој еден под команда на Ел Команданте. Ако некој најмногу посакуваше подиум, тоа беше секој еден од Никола Митревски (1) до Жарко Пешевски (33), според бројките на дресовите. За сопствена промоција, но и за државата што ја претставуваа.

Трите меча во Вараждин никако не смеат да надвладеат над трите меча во Загреб. Македонија, севкупно гледано, остави добар впечаток на првенството без разлика што не заврши како што почна. Ги доби Талески, Кузмановски, Велковски на бековските позиции, срамежливо се најавува и Поповски кои заедно со стандардните Стоилов, Ф. Лазаров, Пешевски и Георгиевски се иднина на националниот тим по повлекување на искусните Кире Лазаров и Миркуловски од големата сцена. Процесот на нивно стигнување е во постапка, младите покажаа дека нараснуваат како тесто, а хрватските арени дојдоа како еден вид рерни во кои печеа за идните репрезентативни предизвици. Затоа, момци, главата горе.