Молчењето (не) е злато

Марија Павлеска

На 8 октомври, минатиот понеделник, одекна веста за убиството на бугарската новинарка Викторија Маринова, која беше уредник во локалната телевизиска станица ТВН од Русе. Триесетгодишната Маринова истражувала и известувала за наводна корупција поврзана со фондовите на Европска Унија.Маринова е четвртиот новинар убиен во Европската Унија од 2017 година. Во изминатите 18 месеци беа убиени Ким Вал од Данска, Дафне Каруана Галиција од Малта и Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова од Словачка.
И Јан Куцијак од Словачка, исто како Маринова, истражуваше за злоупотреба на европските фондови. Денови пред да се случи убиството на бугарската новинарка, словачката полиција објави дека уапсила осуммина осомничени за смртта на новинарот Куцијак и неговата свршеница. Петмина од нив, неколку дена подоцна, беа ослободени. Словачките медиуми пишуваа за можни врски на еден од ослободените со полицијата. Останатите тројца осомничени, кои јавниот обвинител побарал да бидат задржани во притвор, се обвинети за убиство со умисла и други злосторства.
Жан-Клод Јункер, претседателот на Еврокомисијата, во својот годишен говор во септември истакна дека за ЕУ слободата на медиумите е света. Од Меѓународната федерација на новинари сметаат дека истражувачкото новинарство во Европа е во опасност и дека не смее да има неказнивост. Федерацијата преку изјавата на генералниот секретар Антони Беланже истакна дека е време за акција од страна на државите во однос на овој сериозен проблем.
Во Македонија корупцијата не е главна тема на телевизија. Ова е заклучено според резултатите од проектот „Заедно во борба против корупцијата“, кој го реализираа Центарот за истражувачко новинарство „СКУП – Македонија“, Институтот за човекови права и „Медиум – центар за развој на локални телевизии“.
Истражувањето кое претставува мониторинг на петте национални телевизии за нивното известување за корупцијата покажува: „Иако корупцијата како тема е присутна во медиумите, прилозите се оскудни и базирани на изјави на политичките партии, а наместо континуирано, случаите се следат само кога се актуелни“. Истражувачите потенцираат дека за корупцијата е важно да се следи во континуитет, за таа да остане во фокусот на јавноста. Загрижувачки е и податокот дека покрај доминацијата на категоријата „вест“, над две третини од сите вести се базирани врз само еден или два извори. Она што е уште поалармантно е резултатот дека токму во најголем дел од прилозите кои се со еден извор, изворната информација доаѓа токму од некоја од политичките партии.
Ако се навратиме на септември во нашата држава, ќе се сетиме на сите билборди, реклами и говори на дебати и трибини каде што се спомнуваа европските фондови. Сумирано, целата кампања за референдумот се засноваше токму на средствата што Македонија ќе ги добива како земја членка на ЕУ. Европските вредности беа заменети со европски пари. Толку пари за образование, толку за здравство, толку за патишта. Од нашиот буџет единствено има пари за нови, понови и најнови избори, секако со истите актери. Ова успокојување дојде во неделата од министерот за финансии, кој на прес-конференција порача дека и без ребаланс на буџетот, пари за избори ќе има.
Повеќемина функционери во текот на септемвриската кампања нè информираа: „Сега, Македонија дневно добива по 260.000 евра дневно како помош од Европската Унија. Таа помош ќе расте со нашиот напредок кон Европската Унија“.
Борбата против организираниот криминал е назначена како втора точка од трите приоритети на Министерството за внатрешни работи од првиот реформски план на Владата наречен 3-6-9. Оваа точка 2 е поделена на три потточки од кои првата е посветена на реформите во борбата против корупцијата.Така што, добро е да знаеме колку илјадници евра доаѓаат како помош и поддршка, но треба транспарентно да се објавува каде и како се трошат тие пари.
На почетокот на март оваа година се случија првите оставки во составот на нашата Антикорупциска комисија. Антикорупциска сè уште немаме, но изминатиов период започнаа дебатите за предлог-законот.Ветувачки се заложбите на министерката за правда Рената Треневска-Дескоска за воспоставување транспарентна постапка при изборот на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и утврдување критериуми што ќе значат нејзино одделување од политиката. Еден од критериумите за избор на член или претседател на Антикорупциската комисија да биде тоа лице да не вршело политичка функција во Владата, во парламентот, ниту да било донатор на политички партии во последните 10 години.
Со цел на зголемување на транспарентноста, за поздравување е и предлогот новинарските здруженија и невладините организации кои работат во полето на корупцијата да можат да номинираат претставници што ќе учествуваат во интервјуирањето на кандидатите за членови на ДКСК.
Овој закон требаше да влезе во Собранието веднаш по референдумот, со цел до крај на октомври комисијата да има избрани членови. Борбата со корупцијата се чини дека ќе треба да почека да поминат уште едни избори за најпрво законот да биде изгласан и ние по десет месеци да добиеме комисија кога ќе се занимава со корупција.
Иако кај нас е општо позната народната мудрост „молчењето е злато“, за да имаме вистинско демократско општество треба токму гласно да се зборува и пишува. Денес за жал сè позастапена е и самоцензурата.
Во филмот „Вистина“ (2015), новинарот Мајк Смит го прашува новинарот Ден Радер зошто влегол во новинарството. Тој одговара кратко велејќи: „Од љубопитност“.
На што Мајк прашува зачудено „Тоа е тоа?“
„Тоа е сè“ – одговара Радер.
Љубопитноста е вистински двигател, но ќе знаме дека живееме во вистински здраво демократско општество кога љубопитноста нема да биде опасна по живот, пред сè за новинарите истражувачи.