Мирот стана мислена именка во Сирија: Многу војни во сиријската војна

Сирискиот претседател Башал ал Асад победи во граѓанската војна во неговата земја, но тоа не значи дека конечно ќе има мир. Всушност,  конфликтот ескалира, потпален од многу надворешни сили кои се приклучија на сириското бојно поле поради сопствени интереси. Во текот на седумте години во војната во Сирија се вовлекоа многу други земји кои се обидуваат да го обликуваат конфликтот на секаков можен начин, од бомбардирање, користење на платеници, па сѐ до испорака на оружје и пари. Војната стана уште покомплицирана и посмртоносна со текот на времето, а иднината на Сирија сега во голема мера се одредува надвор од нејзините граници. Кој сега се бори во Сирија и зошто?

Соединетите Американски Држави –САД влегоа во Сирија главно поради ИСИС. На настан во Вашингтон американскиот претставник во коалицијата против ИСИС, Брет Мекгерк, изјави: „Ние сме во Сирија за да се бориме против ИСИС. Тоа е нашата мисија и ние ќе ја завршиме“. Неодамна секретарот за одбрана Џејмс Матис рече дека САД не се таму за да заземат страна во  граѓанската војна. Но, тие имаат и други интереси таму, вклучувајќи го  влијанието на Иран, како и казнување на употребата на хемиско оружје.
Пред појавувањето на ИСИС во 2014 година, САД генерално се обидуваа да го смират конфликтот, бидејќи напорите на меѓународната дипломатија не успеваа во тоа. Администрацијата на Барак Обама се залагаше Асад да се повлече и одби да им праќа оружје и помош на бунтовниците што му се спротивставуваа, стравувајќи дека ќе паднат во рацете на исламистите и радикалните џихадисти меѓу нив. Во 2012 година Обама, исто така, постави „црвена линија“ во врска со хемиското оружје велејќи дека неговата употреба ќе ја смени стратегијата на САД во Сирија. Но, кога Асад употреби отровен гас врз цивили во 2013 година, Обама одлучи, наместо да употреби сила, да постигне договор со Русија за уништување на резервите на хемиско оружје на Асад. САД почнаа да ја бомбардираат Сирија една година подоцна не погодувајќи цели на режимот, туку цели поврзани со ИСИС. Оттогаш продолжува бомбардирањето.
Претседателот Трамп неодамна изјави дека САД ќе ја напуштат Сирија наскоро – додека неговите воени советници планираа да испратат дополнителни војници. Кога зборуваше, САД имаа околу 2.000 војници во оваа земја. Новинските извештаи велеа дека Трамп сакал да ги повлече во рок од шест месеци, но се случи хемискиот напад од минатиот викенд, по кој следеше  одмазда со ракетен напад, исто како што направи Трамп и минатата година. Ова значи дека САД уште еднаш ја проширија својата мисија надвор од борбата против тероризмот.

Европа –Европските земји, како Франција и Велика Британија, исто така се во Сирија поради ИСИС. Политиките на овие земји во голема мера се поврзани со оние на САД, вклучувајќи го и учеството во одмазднички напади против наводното користење хемиско оружје на Асад првпат во петокот. Разликата е во тоа што Европа се бори и со кризата со бегалци која произлезе од конфликтот во Сирија, која ја измени политичката динамика на континентот помагајќи ги изборните успеси на екстремно десничарските партии кои се противат на имиграцијата.
„За да се соочиме со овие закани, потребно ни е да се стабилизира Сирија, а за да се стабилизира потребна е веродостојна политичка транзиција“, изјави францускиот амбасадор во Вашингтон, Жерар Арод, додавајќи дека целта на Западот треба да биде политички ангажман со Русија, Турција и Иран околу  политичка транзиција.

Русија-Русија е во Сирија за да го заштити режимот на Асад од бунтовниците што ги гледа како терористи и да влијание на проектот за Блискиот Исток. Нејзината воена интервенција во септември 2015 година обезбеди Асад не само да ги санира своите загуби, туку и да го врати поголемиот дел од Сирија. Во тоа помогна американскиот пристап кон сириската политика, како и метастазирањето на ИСИС кое создаде заеднички непријател и во „про“ и „контра“ Асад камповите.
Односите на Русија со сирискиот режим датираат од Студената војна. Сирија е дом на единствената руска поморска база на Медитеранот. Но, Русија, исто така, е вистински загрижена за растот на исламистичките групи што се појавија во другите арапски земји, каде што силните владетели се заменети со хаос. Можеби најважно од нивна гледна точка, сепак, е дека сирискиот конфликт му покажа на светот дека Русија се враќа. Навистина, ако во Сирија има неопходна сила, тоа е Русија. Москва има блиски односи со речиси сите главни актери во конфликтот, освен САД: Иран, Сирија, Турција и Израел. Русија посредува за тоа каков вид иранско присуство во Сирија ќе толерира Израел. Сепак, не е јасно дека Русија има доволно влијание да го убеди Асад да престане да користи хемиско оружје врз својот народ.

Иран-Иран е во Сирија за да го заштити режимот на Асад, а исто така да ги користи своите бази за да го загрози непријателскиот Израел од соседна земја. Сирија е ирански сојузник од Иранската исламска револуција во 1979 година и беше единствената арапска држава која го поддржа за време на бруталната војна со Ирак на Садам Хусеин во 1980-тите. Но, настрана од лојалноста, Сирија, исто така, е од стратегиска важност за Иран бидејќи дејствува како тампон-зона против каква било воена акција на Израел или на други од нејзиниот запад, како и на поставеност преку која може да се вооружува и снабдува Хезболах за да врши притисок врз Израел и да ги продолжи своите воени акции во регионот.

Саудиска Арабија-Саудиска Арабија е во Сирија за да му се спротивстави на Иран, пред се преку финансирање на бунтовниците. Таа ја финансира сириската опозиција токму поради тоа што Иран, нејзиниот главен регионален ривал, се вмеша во конфликтот. Во бунтот против малцинската секта на Асад од страна на сунитските лидери Саудиска Арабија виде можност да ја претвори Сирија од проиранска во антииранска држава. Турција и Катар, исто така, во бунтот видоа можност да ја трансформираат Сирија во попријателска држава и да финансираат групи со врски со Муслиманското братство.

Израел-Израел е во Сирија за да му се спротивстави на Иран. Оваа земја стравува дека Техеран ќе воспостави постојани воени бази во Сирија и дека Иран, заедно со својата милиција Хезболах, ќе остане во близина на неговата граница и ќе изгради воени објекти, како бункери кои можат да се употребат во иден конфликт со еврејската држава.

Турција-Турција е во Сирија поради Курдите. На почетокот на конфликтот Анкара силно му се спротивстави на Асад, иако претходно беше близок турски сојузник. Турција ги поддржа групите што му се спротивставија на Асад, вклучувајќи ги и исламистите. Но, ненамерна последица на сирискиот конфликт беше подемот на Курдите. Тие брзо станаа една од најефикасните борбени сили во Сирија помагајќи им на САД во успешната борба против ИСИС. Кога Курдите воспоставија успешна енклава во Сирија, Турција брзо ги испрати своите војници преку границата и го зазеде градот Африн, каде што Русија има контрола.

(Atlantik.com)