Миграции: глобални поттици, локални трауми

 

Ило Трајковски

Прашањето за иселувањето од земјата станува сè погорливо. Снемува доктори и работници, снемува млади, а старите остануваат сами. Заедно со тоа земјата снемува надеж, снемува перспектива. Приказните за интеграцијата во НАТО и ЕУ не само што не влеваат нова надеж туку носат нови фрустрации. Најголемиот дел од младите, иако не само тие, веќе не веруваат дека вреди да се чека овде конечно да почне да се живее уредено и пристојно, речи го европски. Оние што не се партиски задоени и мобилизирани сфаќаат дека многу од тоа што овде се прикажува како европски е само мантра за доминацијата. Наместо тоа, реки млади од Република Македонија, но и од други земји со слично ниво на општествен развој и со слично место во европските и глобалните интеграции, тргаат директно кон изворите. Од земјите од глобалната периферија млади од Македонија, Италија, Грција, Турција, на пример, мигрираат во Германија, Британија, Франција, Швајцарија или во некоја од земјите на Бенелукс и скандинавските земји, потоа во САД, Канада и Австралија.

Со уште некоја земја плус, тоа е горе-долу кругот на земји кон кои се движат иселеничките бранови од целиот свет. Според податоците на Интернационалната организација за миграции (ИОМ), во некои од земјите кои примаат најголем дел од иселениците процентот на доселеници со регулиран статус во 2017 година стига до близу 30 отсто (Швајцарија, Австралија), во други се движи околу 20 отсто (Канада, Шведска, Австрија) во трети околу 15 отсто (Франција, Британија, Белгија, Ирска, Германија, САД). Надвор од ова јадро на западната цивилизација како силни магнети за емигрантите се појавуваат само уште три земји: Саудиска Арабија (со 38 отсто), Оман (44 отсто) и Израел (23 отсто).

Сите други земји, како и Република Македонија, губат помал или поголем дел од своето население. Но и во едните и во другите миграцијата и мигрантите ги следат многубројни трауми. Трауми при заминувањето од татковината, трауми при пристигањето во новата земја. И во едниот и во другиот случај мигрантите се предмет на различни јавни стигми. Дома им велат дека заминуваат поради „невозвратена љубов“, поради себичност и непатриотизам. Во Хрватска, на пример, се размислува иселувањето на младите да се услови со еден вид иселеничка такса – ако имаат стари родители, да си ги земат со себе или за нивно останување во земјата да ѝ платат на државата. Во земјите во кои пристигаат им велат дека се дојденци, имигранти, дека се гетоизирани и неинтегрирани. Против нив се креваат силни екстремни движења. Имигрантите се обвинуваат за сите социјални проблеми во земјите домаќини и со темата имиграција завршуваат дискусиите за сите горливи проблеми во тие земји – за невработеноста, за тероризмот и општата несигурност и многу други.

А фактите зборуваат дека вистински страдалници се само мигрантите. Тие за својот чекор плаќаат две сметки. Како иселеници тие не само што не ги прекинуваат врските со земјите од кои потекнуваат, туку значително придонесуваат за подобрување на лошата економска состојба од која „избегале“. Некои земји во одредени моменти, со соодветни програми, успеваа да вратат назад дел од тие луѓе овозможувајќи им да ги вградат дома надвор стеканатите стандарди и ресурси. Како доселеници не само што не им ги одземаат работните места на домашните работници туку им ги вршат оние работи што тие ги сметаат за недостојни за луѓе како нив. Спротивно на пропагандите на политички популисти како Трамп (во САД), Лепен (во Франција), на Гауланд (во Германија) или на Фараж (во Британија), економските и социолошките анализи покажуваат дека доселениците во западните земји не само што не им ги земаат работните места на домашните работници туку креираат нови и нови работни места. Обратно, во земјите од кои заминале се создаваат сериозни нарушувања на пазарот на трудот.

Во основата на ваквата противречност меѓу економијата и политиката на миграцијата лежи логиката на капитализмот. Тој денес е доминантниот начин на производство не само во имигрантските туку и во емигрантските земји. Токму поради тој историски факт, Френсис Фукојама напиша дека падот на комунизмот значи крај на историјата – дека нема веќе алтернатива на либералниот капитализам. Проширувањето на капитализмот на светско ниво покрена нови високи бранови миграции. Како и во претходните три века, експанзијата на капитализмот, било внатре во рамките на националните општества или на светско ниво, го раздвижува светското население. Во согласност со неговата логика на нерамномерен развој, капитализмот ги влече во својата орбита најдинамичните делови од работната сила.

Привлекувајќи ги во своите јадра, капитализмот истовремено ги ослободува милионите мигранти не само од сиромаштијата и мизерните економски услови во нивните домицилни земји. Тој нив ги ослободува и од различните други пранги и човечки мизерии (криминал, корупција, клиентелизам, заробени институции) кои се карактеристични за сиромашните земји вклучени во глобалниот поредок. Затоа, дури и Владимир Илич Ленин во далечната 1913 година ќе напише „Единствено реакционерите се слепи пред прогресивната важност на оваа современа миграција на нациите“. Уште повеќе од тоа, гледајќи како Америка во тој период за потребите на својата индустрија ги цица највредните работници од заостанатите земји, вклучувајќи ја и Русија, ќе констатира дека тоа е единствениот пат за развој на помалку развиените земји: „Еманципацијата од јаремот на капиталот е невозможна без понатамошен развој на капитализмот и без борбата меѓу класите која е заснована на него“.

Од таа перспектива се поставува прашањето дали постојните стигматизации, но и инструментализации на миграцијата – дома и во туѓина – се функционални за напредокот на земјите во развој? На пример, дали се функционални многубројните неодамнешни подбивни коментари, но и ограничувачки мерки на сметка на нашите иселеници поради нивниот негативен став кон промената на името на Републиката? Дали навистина Македонија само се празни?

Во врска со последното прашање ќе почекаме до наредниот попис. Тој и тоа како е поврзан со прашањето за местото на дијаспората во нашето општество. Дотогаш и покрај сите приказни за празнењето на Република Македонија официјалната статистика покажува позитивно миграциско салдо! Да, позитивно! Официјално, барем според извештаите за миграциите на Државниот завод за статика, во последните петнаесет години бројот на оние што се иселуваат од земјата е помал од бројот на оние што се доселуваат во земјата! Притоа, најголемиот број доселеници доаѓаат од Албанија, Косово и од Турција!