Мали, ситни, правни прашања

Ана Павловска-Данева

Во време кога се решаваат „крупни политички прашања“ секое друго, кое не е поврзано со промена на името, Уставот или со амнестија и помирување, станува прашање од второстепено значење. Другите теми на правните експерти не им гарантираат „медиумска“ кариера, ниту пак дополнителен хонорарен ангажман. Пратениците од опозицијата, кои после амнестијата нема да бидат опозиција исто така не ги интересираат обичните правни теми кои го чинат нашето секојдневие.

Некој ќе рече, добро ѝ текнало на власта, направила добар „дил“ со овие пратеници, нема да ги прати во затвор, ама ќе ги искористи не само за гласање за измените на Уставот, туку и за цел пакет закони со кои ќе се реформира правосудството. И, така, формата ја заменува суштината. Секогаш кога во Македонија треба да се решаваат суштински работи, властите со невидена леснотија ја исфрлаат на површина формата која за народот станува интересна како звучна и шарена тропалка, која на бебето му го одзема целото внимание додека родителите му ја полнат устата со невкусна мешавина на зеленчуци.

Затоа, имаме ситуација кога ниту еден поддржувач на реформите гласно не запрашува:

Дали бројот на судии во државава ќе остане ист? Судската мрежа, односно бројот, видот и надлежноста на судовите исти ќе останат? Списокот на адвокати што даваат бесплатна правна помош на сиромашни граѓани ќе остане ист? Условите за директори на затворите (во моментов секој може да биде директор на затвор) ќе останат исти? Сите државни комисии што одлучуваат во втор степен за правата на граѓаните и кои имаат улога на квазисудови ќе продолжат да постојат? Обвинителствата и судовите уште ќе чекаат Царината, УЈП, МВР и другите управни органи да се смилуваат да им дадат податок од нивните регистри или ќе можат сами, по електронски пат да имаат пристап до потребниот документ/податок за да не им помине животот на странките во чекање надлежните да ги прибават неопходните податоци за водење на постапката? Судски совет ќе остане истиот? Новите членови на Судски совет (кога и да се случи да се изберат нови) повторно со години (шест) ќе седат таму и нема да се појавуваат на судења, нема да работат судски премети (што треба да биде нивна основна дејност) и ќе заборават да судат додека се занимаваат со избори и разрешувања на колеги? Антикорупциска комисија и според новиот долгоочекуван закон повторно ќе брои рекордни седум члена наместо бројот на функционери да се намали?

Вака можам до недоглед да редам прашања кои се од значење за секој граѓанин на државава, а не станаа дел од пакетот „дај ми (глас) – на ти (амнестија)“. Затоа, за реформи, за вистински реформи ќе зборуваме уште долго. Само ќе зборуваме, за жал.

Во меѓувреме, да пробаме да се позанимаваме со обичните правни теми. Оние кои не се „реформски“, па оттука не се ни интересни за дебати и за колумни. Оние кои додека се подготвуваат големите политички чекори и игри, се „крчкаат“ во кујните на малите кабинети.

Сега е на повидок носење на долгоочекуваниот закон за инспекциски надзор. Една од оние небитни работи споредено со крупните политички прашања: Устав, амнестија, СЈО, судска реформа. А, нема граѓанин, дуќанџија, кафаенџија, стопанственик, професор, лекар… што не е засегнат и опфатен со законов. Ама, содржината на законот е небитна, сè додека го имаш во џеб вистинскиот контакт за јавување во случај „да ти влезе инспекција“. А, секој има по некој контакт. Стар или нов, сеедно. Битно постојат.

Јас, сепак, ќе се потрудам да укажам на неколку работи во новиот закон за инспекциски надзор кои ми се чинат важни. За сите нас, бидејќи ќе дојде време кога одредбите од законите ќе бидат важни за сите, за оние кои имаат и за оние немаат контакт, како и за самите контакт лица. Прво, не смее да се дозволи реализација на идејата инспекторите да ни влегуваат по куќи и домови. Не смее да се дозволи оваа одредба (мислам и на ЕНЕР објавена) да помине затоа што е противуставна, затоа што ја нема никаде во ниту еден правен систем компаративно и затоа што државава непотребно ќе ја претвори од полициска во инспекциска држава, наместо да ја ослободи заробената држава.

Како преку Закон за инспекциски надзор може да се ослободи заробена држава? Така што наместо секое влегување на инспектор во фирма да биде проследено со казна и платен налог, ќе се воведе опомена. Не, не „укажување“ како што советуваат одредени експерти-инспектори, туку опомена како казна која е предвидена во сите други законодавства. Зашто укажувањето подразбира ем да ви пишат инспекторите укажување, ем да одите на „едукација“, ем ќе платите глоба.

Понатаму, треба да се прецизира поимот „нестручно и несовесно“ работење како основ за разрешување инспектори и директори на инспекторати, бидејќи овој поим ништо ама баш ништо не значи, тој единствено претставува основ за политички реваншизам и тргање од функција на неподобните. Го гледавме единаесет години овој филм и бевме (најмногу сегашнава власт) против него. Зошто истото се прави?

Добро е што се предвидува законска можност за зголемување на платите на инспекторите, тие навистина работат под голем ризик и силни притисоци. Но потребно е и тие постојано да се обучуваат, надградуваат во знаењето, во почитувањето на етичките стандарди, во личниот интегритет. Вакви обврзувачки норми за инспекторите нема. Како што нема ни обврска да се релиценцираат. Правилото „еднаш инспектор – секогаш инспектор“ не е добро правило, а уште пострашна е основата за исклучок од ова правило да биде „нестручно и несовесно“ работење кое секој директор, министер и член на познатиот Инспекциски совет ќе си го толкува како што сака.

На крајот, мора да се престане со мајтапењето наречено стручен испит за инспектори. Јас знам дека за Инспекцискиот совет спроведувањето и организирањето испити за инспектори претставува најверојатно моќна дејност која нуди многубројни удопства и привилегии, ама мора да се има предвид дека постојат и луѓе кои ја разбираат материјава и кои се мајтап со сите нас како држава. Не може половина од законот за инспекциски надзор да се однесува на содржината на испитните прашања и начинот на полагање на испитот за инспектори. Итно да се предвиди основ за носење на правилник за спроведување стручен испит за инспектори, па таму нека се натпреваруваат пишувачите на норми кој ќе биде покреативен и каква новина во испитувањето на идните инспектори ќе смисли. Дали од пет понудени одговори еден ќе биде точен, два помалку неточни, а два повеќе и најмногу неточни и сето тоа ќе се клика на старите компјутери (еве можност и причина да се набават нови) во некои умирисани сали со компјутери, при што резултатите ќе се знаат и пред кандидатите да седнат на испит, или ќе се спроведат јавни устени испити при што кандидатите за инспектори ќе треба замислете на глас да врзат цела една реченица пред јавност што ќе ги слуша? Ах да, во вториов случај ако им се слуша гласот, тогаш тие од него нема да го слушаат тивкиот туѓ глас што ќе сака наредби да издава, затоа политичката одлука гласи – кликање на безгласни букви со точни, повеќе и помалку неточни одговори!

(Авторката е универзитетски професор)