Македонија си доби свој „Брегзит“

Слободанка Јовановска

 

Македонија изврши политичко самоубиство. Место да го изгласа референдумот и да отвори пат за евроинтеграција и стабилизација на земјата, поради тесни партиски и профитерски причини голем дел од граѓаните останаа дома и бојкотираа. Она што ни се случува сега наликува на „денот потоа“ во Велика Британија, кога сите што не сакаа да ја сфатат важноста на референдумското изјаснување се разбудија и сфатија дека донеле одлука што значајно ќе им ги влоши животите и, што е најважно – скапо ќе ја платат. Дека е така покажува општата криза, а пред сѐ на моралот и на довербата, што владее деновиве во државава, како резултат на одлуките со кои таа капитулираше околу најважното прашање – пресметка со криминалот, злоупотребите и корупцијата.

Не можејќи на регуларен начин и со поддршка да ја отвори вратата за Македонија во НАТО и во ЕУ, премиерот Зоран Заев повлече низа потези кои нашата цена за подобрата иднина ја направија многу висока. Да поминеше референдумот, немаше да го има беспотребно Рамковниот договор во Уставот, немаше да се ослободуваат пратениците силеџии за да го гласаат договорот со Грција, немаше да има амнестија за тајфата околу Бетмен и тврдокорните и немаше Дурловски дрско да ни пее од притвор,  практично порачувајќи дека џабе е најавуваното помирување – бидејќи пак ќе протестираат и пак ќе ги користат истите политички методи за истите политички цели. Дека Македонија може ќе оди напред кон НАТО, но внатре ќе оди назад, бидејќи разните бетмени, муковци, дурловци не ја добија заслужената казна, а тоа го гледаат илјадници други на кои им се праќа порака – а зошто повторно да не упаднеме во парламентот и зошто повторно да не ја уриваме легално избраната влада, кога за тоа и онака не се одговара?

Уште повеќе, да не ѝ се случеше на Македонија овој „Брегзит“, немаше така лесно да побегне Никола Груевски, бидејќи интересот да се капитализира од неговото бегство ќе беше многу понереален од сега. Вака, не само непомирена, туку и осилена тврдокорна маса која си  бара шанса да дојде до државната каса и да живее на наша сметка, бидејќи не нуди никаква перспектива за другите освен за себе, ги направи големи потенцијалите за внатрешни замешувања, се разбира на наша штета. А, ниту една држава во светот досега не се усреќила, туку напротив, се упропастила, со вклучување повеќе странски интереси во својата домашна агенда. Примерите со Либан, Украина и Сирија се толку трагични, што нема потреба од други споменувања. Да не гласаше Македонија како што гласаше, сега немаше да ги трие рацете ни унгарскиот премиер Виктор Орбан, идеолошки сојузник од интерес на Никола Груевски, кој во моментов е соочен со процедура за одземање на гласачките права во ЕУ, што не се случила никогаш во педесетте години историја на Унијата.

Груевски му е сега „кец на десетка“ на Орбан, кој на штета на Македонија ќе си ја зацврсти својата позиција во ЕУ и глобално. Освен што ќе ѝ испорача на Русија шанса да ја блокира Македонија како членка на НАТО,  со тоа ќе си ја зацврсти и позицијата околу гласачките права во ЕУ. Македонија, пак, по сите тешки отстапки кон Грција, кон измените во уставот за да се задоволат албанските барања, кон Бугарија и кон криминалците од ВМРО-ДПМНЕ, и по сите штети за владеењето на правото, може да остане пак на суво во однос на членството во алијансата.

Внатрешното неединство и гладта за власт и за неконтролираните привилегии, внатрешната политичка сцена ја преворија во гладијаторска арена која само зема жртви, а нема никаков напредок веќе три децении. Од тоа внатрешно неединство и борба да се живее и богати на државни јасли место со чесна работа, профитираат сите околу. И, што е најважно, завчерашните протести покажаа дека нема крај и дека сѐ додека има простор за корупција и трошење туѓи пари, сѐ додека никој за тоа не одговара, сѐ додека законите се носат по мерка на политичките елити, сѐ додека судовите постојат за да одговараат ситни риби, сѐ додека патриотизам се продава со  име, јазик, историја и слични тешки патриотски лаги, Македонија само ќе плаќа пенали. Жална беше речиси сцената вчера на стотици главно жени, пензионери, невработени  и други маргинализирани групи граѓани како стојат и глумат политика и патриотизам, додека тие што ги донеле таму седат во скапи и удобни места чекајќи да им ја завршат нечистата работа – за да можат да ги возат уште една деценија за ситни пари.