Македонија и Украина во потрага по православниот грал

 

Љупчо Поповски

 

Наивно е да се помисли дека сензационалната одлука на Вселенската патријаршија од почетокот на овој месец дека таа има право да дава автокефалност на црквите, без согласност на другите помесни цркви, нема никаков печат на геополитиката, туку дека сака само да ја покаже моќта на патријархот Вартоломеј  во однос на неговите ривали. Неговите зборови: „Ако Вселенската патријаршија се откаже и не ги исполнува своите одговорности и се оддалечува од православниот ред, тогаш локалните цркви ќе одат ‘како овци без пастир’“, предизвикаа голема травога барем во две престолнини – Москва и Белград. Во првата затоа што Московската патријаршија раководи со 150 милиони верници, половина од сите православци во светот и што сака да ја задуши секоја желба за автокефалија. А во втората, затоа што Српската православна црква во оваа одлука на Архијерејскиот собор на Вселенската патријаршија гледа голема опасност да ја загуби контролата, влијанието и моќта во однос на црквите во Македонија и Црна Гора. Третата работа е поврзана со ривалството на Вартоломеј со московскиот патријарх Кирил за водството во православниот свет. Вакви одлуки во православието се случуваат толку ретко што дури и не можат да се запаметат, но и за нив дојде редот затоа што настаните во политиката ги одредија и постапките во верата.

Оваа одлука може да има огромно значење за Македонската православна црква. Иако овдешните владици настојуваат да ја денфуваат можната еуфорија и како што изјави митрополитот Тимотеј, „МПЦ е подготвена за разговор со Цариград за изнаоѓање начин за решавање на македонското црковно прашање и очекувам во наредниот период да има средба на комисиско ниво на претставници на Вселенската патријаршија со архијереи на МПЦ“, сакаат на некој начин да го дофатат моментот и конечно да го пронајдат загубениот свет грал. Можноста македонската црква да добие автокефалност директно од Цариград, без да се земе предвид острото противење на српската црква, на прв поглед се чини дури и неприродно. Најмногу поради тоа што српската и грчката црква се на истата линија да ја држат во изолација МПЦ како некое заблудено дете, а и поради тоа што сите архијереи во Вселенската патријаршија се Грци. Врските на Вартоломеј и неговите архијереи со митрополитите од Грчката православна црква имаат илјадагодишна традиција и се речиси како едно тело. Грчкиот премиер Алексис Ципрас го има почитувањето кон црквата, но се држи на дистанца од неа. Кога поднесуваше заклетва, тој не се заколна врз библијата (како што го правеа тоа сите досегашни премиери) за да ја покаже секуларноста на државата. Но, неговото влијание врз црковните работи не може да се потцени.

Малку е веројатно дека и писмото на македонскиот премиер Зоран Заев испратено до Вартоломеј, или барањето на МПЦ бугарската црква да биде нејзина мајка во стекнувањето на автокефалноста, ја одиграле најважната улога. Многу поверојатно е дека големиот план за решавање на невралгичните проблеми на Балканот ја одиграл најважната улога. Српскиот пиемонт на поранешните југословенски простори треба да се стави во рамки во кои не ќе може да рефлектира нестабилност, а веќе е време Српската православна црква, како предводник на националистичкото крило во општеството, да ги ослободи од зависноста националните цркви на своите соседи.

СПЦ ваквата одлука на Вселенската патријаршија ја дочека како кошмар. Во писмото што српскиот патријарх Иринеј му го испрати на Вартоломеј, пишувано на старогрчки јазик, го советува поглаварот на Вселенската патријаршија дека прави многу лоши чекори кои ќе имаат последици за целото православие. Но покрај советите, речникот што тој го употребува за „расколничката“ македонска црква е преполн со омраза. Македонците се нарекуваат „неиспилени северномакедонци“, а Македонија измислена државичка од Комунистичката партија и Тито. Иринеј го потсетува Вартоломеј дека со томос од 1922 година Вселенската патријаршија ѝ ги отстапила на СПЦ на верско управување просторите на тогашната Вардарска бановина во рамките на Кралството СХС. И дека сега нема никаква логика и дека е непринципиелно тоа што ѝ било дадено на тацна во 1922 година да ѝ се одзема.

На патријархот Иринеј на помош му пристигна и Јован Вранишковски од ПОА на СПЦ, кој за белградска „Политика“ огнено го брани правото на СПЦ за јурисдикција врз македонската црква. „Давањето автокефалност на Македонија и Црна Гора без согласност од СПЦ би бил опасен преседан.“ И тој како и Иринеј вели дека со можниот акт на Цариград ќе се нарушеле принципите во православието и ќе се урнел целиот систем на односите.

„Украинското прашање“ изгледа поразлично, трае подолго – цели три века – но основата е иста: украинските верници сакаат своја црква, а не сè уште да бидат под капата на Московската патријаршија. Изгледа дека Украинците побргу ќе го пронајдат православниот автокефален грал од Македонците, можеби и затоа што глобалната игра е поголема. По анексијата на Крим, по поттикнувањето на бунт и воената помош за сепаратистите во Донбас, Русија е на добар пат да ја изгуби црковната битка со Украина.

На 31 август рускиот патријарх Кирил отпатува во Истанбул за да изврши притисок врз Вартоломеј да ги отфрли барањата на Киев за автокефалност. По тричасовните разговори Кирил изјави дека тоа бил „дијалог меѓу двајца браќа“ и  „дека нема ништо тајно во средбата“. Можеби навистина немало ништо тајно, но веќе утредента архијереите на Вселенската патријаршија се собраа на тридневно заседавање, Вартоломеј го соопшти ставот дека тој е надлежен за давање автокефалност и најави испраќање на двајца емисари во Украина.

Овој спор – кој е надлежен за украинските верници – трае три века. Христијанството дојде на големите руски простори во 10 век преку државата Киевска Рус, која е претходничка на Руската Империја. Седиштето на руската црква беше во Киев до 17 век, кога беше преселено во Московската патријаршија. Од 10 век украинските верници секогаш беа насочени за спиритуално водство кон Константинопол, центарот на Византија. Тоа продолжи и по падот на Византија. Во црковната историја работите некогаш изгледаат како застанати во времето, па и сега Вселенската патријаршија сака да има клучно влијание во одлучувањето што да се прави во Украина.

Главните проблеми и своевидната верска војна меѓу Киев и Москва почнаа по распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991 година. Една година претходно, рускиот патријарх, Алексиј Втори, ѝ додели самоуправен статус на украинската црква, но таа остана дел од руската црква. Сега има три православни цркви во Украина – првата е Украинската православна црква на Московската патријаршија, која има широка автономија во рамките на руската црква. Втората е Киевската патријаршија основана 1992 година, која ја води патријархот Филарет, кој е анатемизиран од руската црква како отпадник и предавник. А третата е Украинската автокефална православна црква основана во 1921 година, како акт на отпор кон Москва и репресалиите за време на советскиот режим.

Кому сега Вартоломеј да му даде автокефалност? Украинскиот претседател Петро Порошенко пролетоска беше на шестчасовен разговор со Вартоломеј и негов избор е црквата на Филарет. Особено поради тоа што за време на револуцијата во 2014 година и настаните на Мајдан, црквата на Филарет застана на страната на демонстрантите, а украинската испостава на руската црква одбра да молчи. Податоците велат дека бројот на верниците меѓу овие две спротивставени цркви е изедначен. Според некои информации, православниот грал во вид на томос треба да дојде од Цариград во Киев кон крајот на овој месец.

За време на Руската Империја, православната црква беше дел од системот на државата. По 1917 година црквата беше ставена на маргините во општеството, а свештениците прогонувани. По доаѓањето на Владимир Путин на власт, руската црква стана дел од неоимперијалистичката идеологија на Кремљ за цементирање на влијанието во православниот свет, а со тоа и за промовирање на руските интереси.

Автокефалноста на украинската црква не само што може да предизвика големи поделби во православниот свет, туку геополитички тоа ќе биде сериозен удар за руските интереси и за стратегијата на Кремљ. Како да е дел од пропагандната машинерија на Кремљ, руската црква преку соопштение објави дека „автокефалноста ќе биде брутална инвазија без преседан на канонската територија на Московската патријаршија. Таквите акции нема да останат неодговорени“.

Во МПЦ не зборуваат многу, но со некакво блажено нетрпение го очекуваат исходот на оваа битка меѓу патријарсите Вартоломеј и Кирил. Евентуалната одлука за автокефалност на независната украинска црква на Филарет ќе го отвори патот за ослободување од канонските пранги на СПЦ.