Македонија земја на деформитети

Македонците се физички недоволно активна нација. Податоците од неодамнешни истражувања од невладини организации, од Институтот за јавно здравје и  од Факултетот за физичка култура се поразителни. Проблемот е системски, а системот не го препознава или се однесува дека го нема. А, и тоа како е присутен. Особено во предучилишна и одделенска настава , од прво до петто одделение, фаза што е посочена како основа за натамошен правилен развој на децата, за нивно насочување, за стекнување на навики во тинејџерски години, за подигнување на свеста и  за негување на задоволително ниво на спортски активности при трансфер од втората во третата деценија во животот. Но, проблемот е присутен и во средните училишта. Како причини се истакнуваат силниот продор на технологијата, немањето време, отсуството на навики, незаинтересираност и пари.

Здравствени испитувања меѓу децата во Охрид исфрлија на површина загрижувачки бројки. На локално ниво, неверојатни 70 до 80 отсто од најмладите се соочуваат со сериозни деформитет на ‘рбетниот столб и на стопалата и доколку празните фрази и клишеата за јавност не се заменат со конкретни мерки, државата се соочува во иднина со бројни случаи на намалена работоспособност.

„Деформитети кај децата се јавуваат од постојано седење пред компјутер, пред телевизор. Современиот начин на живот направи децата да бидат физички неактивни. Реалноста е поразителна. Минување на многу време пред компјутер, на телефон, пред телевизор, на лаптоп или таблет доведува до нарушување и на видот. Трите неделни часа по физичко воспитување се недоволни и сметам дека треба да биде зголемен на пет“, смета Раде Илиевски, наставник по физичко воспитување во ОУ „Рајко Жинзифов“.

Последици од физичката неактивност во форма на деформитети има неколку. Можна е појава на кифоза (искривување на средишниот дел на ‘рбетниот столб), сколиоза (странично искривување на ‘рбетниот столб што доколку се игнорира може да наложи потреба од оперативен зафат), лордоза (деформација на долниот дел ‘рбетниот столб во долниот дел на грбот, може да се јави и на вратот), рамни стапала, т.н. „кокошкини гради“, итн.

Само 8,3 отсто Македонци се физички активни

Од Институтот за јавно здравје постојано препорачуваат редовна физичка активност со умерен интензитет како пешачење, возење на велосипед и спортување. Според Светската здравствена организација (СЗО), пак, околу 80 отсто од вкупната тинејџерска популација на планетата е физичка пасивна, причина што во нејзиниот извештај котира на четвртото место на листата на ризици за смртност. Македонскиот просек е над планетарниот и според истражување од 2016 година, само 8,3 отсто од вкупното население во државава е физички активно над 150 минути во континуитет согласно препораките на СЗО за подобрување и одржување на здравјето. Поделбата на потребното време за „здрав дух во здраво тело“ во СЗО е направена врз основа на три возрасни групи. Првата е од пет до 17 години чиј пропишан дневен минимум е еден час умерена до енергична физичка активност. Втората е од 18 до 64 години за која се советува 150 минути умерена физичка активност во ден, 75 минути енергична активност во тек на недела или избалансиран микс. За лица над 64 години се препорачува максимум два и пол часа умерена физичка активност или 75 минути енергична физичка активност во работна седмица. Но, за најголем дел од македонската популација важи она „да можат со автомобил ќе влезат и во кафуле, во ресторан или на трибина“.

 

Без навики во основно училиште, без однос кон физичко во средно

 

„Независен весник“ ги побара причините за физичката пасивност на Македонците. Побаравме ставови и одговори од наставници и професори по физичко воспитување и имавме прилика одблиску да добиеме одговори од ученици. Посетивме едно скопско средно училиште, бевме гости на четири часа со четири различни класа и на прва заклучивме дека се нема однос кон часовите по физичко воспитување што не беше случај пред 25 и повеќе години. Иако вкупниот број на тинејџери со кои се соочивме не беше голем, само тројца од нив пријавија дека носат опрема, а ниту еден не влезе во сала со неа.

„Да немате опрема за часовите по физичко воспитување е како да немате молив или пенкало за часови по македонски јазик или математика. Не личи во фармерки и во јакна да вежбате во сала“, го објасни професорката својот принцип за што е апсолутно во право. Нè интересираше во што е проблемот? – Дали е во (не)пренесување на навика од родители или стекнување на сопствена, дали е достапните услови во училиштето или во средината во која живеат, дали е можеби во немањето на слободно време, финансии, друштво, итн.

„Проблемот е во нас“. Две години бев дел од ракометната паралелка. Имав повреда, сменив училиште и прекинав“, признава едно корпулентно момче со конституција на ракометен кружен напаѓач и  предиспозиции за потенцијален наследник на Стојанче Стоилов.

„Ладна е салата“, изусти низ насмевка негов другар од класот како алиби што опремата ја оставил дома, но и како нова причина за апатија кон часот по физичко.

„Го сакам спортот, особено ракометот. Имав желба да тренирав и се запишав како член на ракометен клуб. Но, се соочив со неправда што ме демотивираше. Моето место во тимот го зеде мој врсник од кој објективно бев подобар, но потекнува од имотно семејство и мораше да влезе во екипата. Откако загубив место, се повредив, а потоа и се отпишав“, одговори трето момче.

 

ДПИ нема претставки за замена на часови по физичко со други предмети

 

Сите животни навики се стекнуваат од најмали нозе, па така и за практицирање на спортски активности. Официјални бројки не постојат, но проценките укажуваат дека секое трето, па можеби и секое второ дете во државата е насочено од семејството да се занимава со некоја дисциплина. Но, за жал, кај најголем дел не е на долг рок и по одреден период доаѓа до откажување како последица на различни причини (разочарување, некоректна селекција, повреда, здравствен проблем).

 

„Податоците од истражувањата за физичката активност се катастрофални. Сите граници се поместени и во денешно време буквално од три години се седи на лаптоп. Како нација мора да почнеме да преземаме мерки бидејќи се соочуваме со страшни последици. Голем е бројот на деца со деформитети како сколиоза, кифоза, лордоза што се јавуваат уште во рана возраст“, ни изјави професорка во едно од скопските средни училишта.

За некои средини (основни училишта), пак, може да се слушне дека часовите по физичко воспитување се заменуваат со друг предмет, а веројатно притоа се заведуваат како одржани.

„Ваков вид на претставка во оваа учебна година не е доставена. Доколку се добие и се утврди отстапување од наставните часови се превземаат соодветни мерки, а наставата мора да се реализира според планираното“, велат од Државниот просветен инспекторат (ДПИ).

„Тандем“ проекти во Карпош и Центар

 

Најкритично е во најрана возраст, до петто одделение, во која децата не се опфатени во организиран систем на вежбање по физичко образование. Во таа фаза се губи контрола што подоцна е проблем во спортот кај нас.

„Многу физички карактеристики што може да се коригираат до шесто одделение се завршена работа. Потоа може да се работи само на сила, на издржливост и на моторички залихи. Не може да се развива рамнотежа и прецизност, што на некој начин значи дека се соочуваме со ограничување и тоа е проблем. Не е присутен само од сега туку се провлекува од поранешна Југославија. Ама па тогаш имало улица, имало многу деца, се играше сервис, плочка, џамија, криенка, граница, девојчињата играа ластик. Се правело се и сешто и се компензирало. На 16 години е првиот критичен праг за откажување на децата од спортски активности, девојчињата и порано. Вториот е упис на факултет и третиот е на 21 година кога од икс причини момчето или девојката не се гледа дека ќе успее во сениорски спорт“, вели доцент доктор Влатко Неделковски од катедрата по ракомет при Факултетот за физичко обрзование, спорт и здравје.

Во обид за поправање на сликата се отпочнати т.н. „тандем“ проекти во Карпош и во Центар, вели Неделковски. Опфатени се 15 училишта во кои работат учителка со професор по физичко. Општина Центар комплетно ги финансира активностите додека Министерството за обрзование и наука (МОН) одбра 15 училишта во кои се опфатени по еден до два класа. „Тандем“ на Факултетот е присутен веќе 10 години и двете мерења покажуваат подобрување во структурно-моторичка дебелина и способностите во однос на периодот пред десет години.

„Треба да се чека пет-шест години за здравје и десет години за спорт. Има поместување на подобро во физичките активности како култура на живеење ако зборуваме општо за сета возрасна популација. Ама градот Скопје или Кисела Вода, Центар, Карпош, Аеродром не се репер. Има многу средини каде што примерите од овие општини не се случај. Се работи аеробик, фитнес, теретана, трчање на кеј, пешачење во парк или на Водно, возење на велосипед и тоа се актуелизира и добива на популарност, но како култура на живеење е проследено со навики што се создаваат од прво до петто одделение“, нагласува Неделковски.

 

Над четири милијарди денари за проектот „145 спортски сали“

Во насока на подобрување на спортската инфраструктура, а со тоа и доближување на спортот до најмладата популација се вклучи и државата преку проекти на Министерството за образование и наука (МОН) и на Агенцијата за млади и спорт (АМС). Вкупната финансиска конструкција е проектирана на 4.317.871.595  денари или над 70 милиони евра.

„Досега се изградени и предадени во употреба 65 спортски сали, во тек е изградба на 11 и до крај на проектот ќе преостанат уште 69. Согласно предвидената финансиска рамка, активностите се проектирани на 4.317.871.595 денари“, ни одговорија од МОН за нивниот проект. Во него се опфатени два типа на сали – мали и големи што се пропишани со критериуми.

„Критериумите се бројот на учениците и просторните услови што ги дозволува училиштето. Согласно ова имаме два типа, односно, мала сала од 650 метри квадратни и голема сала со површина од 1.200 метри квадратни. Во секоја има соодветни реквизити и опрема за изведување на наставата по физичка култура“, појаснуваат од МОН. Во МОН не располагаат со сознанија за евентуални злоупотреби на изградените спортски сали и нивно комерцијализирање за време на наставата.

„Досега не е пристигната ниту една поплака или претставка за злоупотреба на спортската сала за време на наставата. Дали салата ќе биде предмет на комерцијално работење по завршување на наставата, односно, нејзино издавање под кирија на заинтересирани поединци или спортски клубови е одлука на самото училиште“, потенцираат од Министерството за образование и наука и додаваат дека и формирањето на цената за користење е во надлежности на општината или училиштето.

Сашко Димовски