Магиски реализам или преклузивна инклузивност

Звонко Давидовиќ

Вистини и легенди, магиски реализам, фантастично и надреално во нормално окружување, при што вистинското станува фантастично и надреално, а фантастичното станува реалистично.
До неодамна, освен во книжевните трудови, ваквиот опис беше резервиран само за една држава во светот – Колумбија. Моќта на белиот прав, парите во фантастично големи износи, корумпираноста на системот и немоќта на државата и институциите да се справат со неколку поединци доведе до создавање на многу легенди и многу вистини за кои и ден-денес не сме сигурни што е што. Еден ист човек е и херој и криминалец, и добар и лош, зависно од тоа кого ќе го слушате и кој ја раскажува вистината.
Долго време во мојата земја се создава една нова страница на магискиот реализам. Невозможното и фантастичното стануваат вистина, а вистината стануваше фантастична и невозможна.
Десетина години во мојата земја никој не слушаше ниту гледаше добро. Ни кажуваа дека живееме подобро од кога и да е, иако тоа и не успевавме баш да го видиме и почувствуваме. Или нешто не е во ред со нас или сме под влијание на непријателите на нашето ни мило раководство. Никој ништо во оваа наша мила Македонија не украл, никој никогаш нечесно не работел, никој не ја узурпирал државата и институциите и ги претворил во партиска сопственост, а ако сте мислеле поинаку, тогаш сте непријател, предавник, соросоид или сороспија. Вистинските луѓе беа на вистинските места, законот важеше за сите подеднакво, а ако мислевте поинаку, вие сте комуњар. Судот во тоа време судеше според закон, а Владимир Панчевски беше најдобриот претседател на најдобриот суд, најдобар градител, најдобар правник, судија и што ли уште не, а ако не сте мислеле така или сте новинар, или адвокат, или сте од СЈО. Немаше селективна правда и двојни аршини, за сите важеше ист закон, и ако сте згрешиле и сте го прекршиле законот, сигурно ќе завршевте во притвор или затвор освен ако не ве гони СЈО, бидејќи тогаш настапуваа Панчевски и сфаровски-судство според кои снимките и „бомбите“ не постојат, а СЈО е неуставно. Судиите не се избираа според тефтерчиња и партиска координација, туку најспособните судии со најголем успех и најмногу напишани пресуди ги избираа судиите. А за тефтерчињата, злобниците тоа само го спинуваа дека се избираат судии по истите, та тефтерче е за да се запише нешто да не се заборави договореното. Не седеше на чело на судскиот совет една персона која никогаш не напишала пресуда и на која долго време ѝ беше изминат мандатот, тоа злобниците го измислуваа само за да ѝ наштетат. Не , никогаш не се случи истата да ја наследи човек без компас и визија на кого новинарите и адвокатите му беа лути непријатели со секоја критика, а кој никогаш ништо ни слушнал ни видел, ниту за колешката во бомбите ниту за злоупотребата на АКМИСОТ. Долго време во мојата земја царуваше Уставот, сите беа еднакви пред лицето на законот, правдата и правичноста беа симбол на правната држава. Ако сте мислеле поинаку, тогаш вие сте биле или комуњар или „шарен“ или луд.
Денес во мојата земја се живее подобро од кога и да е, животот дојде за сите, особено за оние што молчеа и го сркаа кафето во кафулињата додека по улиците ечеше „Нема правда, нема мир“. Тие се сега советници, консултанти и експерти, затоа што никогаш ништо не направиле, не кажале, не сториле, а сите други што зборуваа кога се молчеше од страв се необјективни, непотребни, одвишок. Денес во мојата земја подобро живеат сите оние што го урнисаа системот, што ги демонтираа и узурпираа институциите затоа што се повторно на чело на истите, континуитетот тивко се шепка како оправдание за истите. Сваровски-судството сѐ уште го водат сфарОВЦИ, сѐ уште притворот е казна, правдата е со двојни аршини и селективна е како и што била. Судиите повеќе немаат притисок од власта, но менталниот склоп им е ист па, сега сами клиентелистички им се додворуваат без кој било тоа да го бара тоа од нив. Денес во мојата земја не се избираат судии од тефтерче, па ние сме напредна земја има и подобри и помодерни начини, а изборот го вршат истите оние од минатото, кои како тргнало долго уште ќе бидат наша сегашност. Никој за ништо не одговараше од минатото ниту за заробената држава, ниту за урнисаните институции, ниту за деценијата кражби, расипништво, неодговорност. Големите ветувања, магичните зборови еднаквост, правда, правичност, одговорност сега само се шепотат тивко, просто нечујно како да се голем срам фрлен на ѓубриштето на историската можност која ја имавме. Наеднаш истите тие што беа најодговорни за состојбата против која се боревме стануваат реформатори на своите реформи кои веќе неколкупати ги реформирале. Инклузивност, вклученост, опфатеност, е зборот кој е магично нов во мојата земја, зборот кој во своето полно значење се применува, вклучува сѐ што не чинеше и што требаше да биде изведено пред лицето на правдата. Но инклузивноста често во вакви ситуации доведува до преклузивност, исклучивост, време по кое се губи она на што се полага право.