Леб и циркус

Анета Димовска

Текстов го пишувам по завршена семејна прослава кај блиски, драги пријатели, со повеќе гости, секој на некого кум, друштво… Тоа се луѓе што не ги гледаш секој ден, но кога ќе ги сретнеш, продолжувате кај што сте застанале. Во таква атмосфера, каде што домаќинката се потрудила околу трпезата, по некоја чаша алкохол, се делат информации за личните и семејните достигнувања: некој купил нов автомобил, некој зборува за случувања на работа, па понатаму разговорот оди колку децата се оптоварени со учење и дали е потребно да го знаат распоредот на планетите во соларниот систем или да прават диктат по музичко…
Врз секој муабет се чувствува товарот на она што ќе следува, притискаат „значајните“ теми, па минути се во прашање кога некој ќе се префрли на политиката. Тогаш следуваат рафално нафрлени реторички прашања и веднаш потоа констатации за тоа што не е добро. Аргументите не се слушаат, секој однапред има изграден став, секој од сè се разбира и секој е незадоволен од нешто.
Драматично е тоа што се уште критиките се насочени кон претходната власт, оти веројатно од актуелнава немаат очекувања или не можат да ги препознаат случувањата во моментот и фактот дека последиците од истите ќе се чувствуваат во иднина. Веројатно е слично во секое македонско друштво.
Кон крајот на првиот век од новата ера, римскиот поет Јувенал во збирката на сатирични песни се повикува на практиката на обезбедување на бесплатна пченица за граѓаните, како и скапи циркуски игри и други форми на забава како средство за стекнување политичка моќ. „Panem et circenses“ или „Леб и циркуси“, станува синоним за владина политика во чија основа е обезбедување на забава за да се смири јавното незадоволство.
Македонски еквивалент на циркуските претстави се судските процеси, апсењата, притворите и сензационализмите врзани за препознатливи ликови, кои треба да ја задоволат жедта за забава на широките народни маси. Ова се интересни теми за на трпеза. Но римската формула за успех на власта вклучува и леб.
Ако се земат предвид податоците за БДП (-0,4 отсто за првите три квартали во 2017 година), изминатата година ќе ја завршиме со рецесија или евентуална стагнација, иако Владата ветуваше 1,6 отсто, па 2,2 отсто претходно.
Бруто-инвестициите бележат значителен пад, како резултат на неизвесната клима и збунувачките сигнали што ги испраќаше новата влада до постојните и потенцијални инвеститори. Ова е делумно цената на претставите за широките народни маси во кои се сатанизираа странските инвеститори и постапките на привлекување на истите, но и на некадарниот тим за привлекување на нови инвеститори. Исто така, ова се должи и на стопирање на бројни инфраструктурни проекти и пад на градежништвото за околу 12 отсто во првите три квартали.
Приватната потрошувачка сѐ уште е отпорна, а извозот расте, како резултат во најголем дел на оние „непожелни“ компании во зоните, но со недоволно темпо за да се надомести падот на инвестициите.
За 2018 година се ветува раст на македонската економија од 3,2 отсто. Предвидено е приватната потрошувачка да расте со 2,8 отсто на реална основа, а се очекува и раст на бруто-инвестициите од 3,6 отсто, раст на извозот на стоки и услуги од 7,5 отсто, со едновремен раст на увозот од 6 отсто и раст на јавната потрошувачка од 1,3 отсто.
Од мерките што беа преземени од новата влада (првенствено административното утврдување на минимална плата на 12.000 денари и пораст на платите во некои јавни сектори за кои се предвидени средства со буџетот за 2018 година), се гледа дека тенденција е да се обезбеди пораст на расположливиот доход на домаќинствата, за инстант-пумпање на БДП преку приватната потрошувачка, што е решение на кус рок. Позитивните тенденции што се очекуваат во светската, но првенствено во европската економија ќе влијаат на зголемување на извозот од Македонија, пред сè од зоните, но покрај најавените „Мерки за поттикнување на инвестициите и конкурентноста на македонската економија“ од страна на Владата, кај бруто-инвестициите ефектот во 2018-та ќе изостане.
Во економијата постои феномен на времено доцнење, интервал помеѓу поврзани настани, односно временска разлика од моментот кога се случил одреден настан до ефектите од него. Така, предвидените мерки теоретски може да дадат резултат, но по 3-4 години.
Затоа, ако Владата има сериозна намера инвестициите да растат во 2018 година, прво што мора да направи е да престане со создавање на клима на сомнеж кон постојните странски инвеститори, да ги поддржи во намерите, но и да ги побара контактите од фиоките на административците што работеле на привлекување на истите и веднаш да се заложи за присуство во Македонија на секој инвеститор што пројавил интерес и чија одлука за инвестирање е во понапредна фаза.
Понатаму, да не ги зголемува даноците и сериозно да работи на подобрување на условите за бизнис на постојните компании, покрај останатото и преку ставање во функција на пасивизираната администрацијата во сите институции и постапување по барањата на бизнис-секторот во предвидените рокови со закон. Да знае дека капиталните инвестиции се важни и да пристапи кон енергична реализација на истите.
За да работи ангажирано на претходното, можеби е клучно Владата да разбере дека интересот за циркусот ќе заврши, а за лебот утре треба да се работи денес.
Тоа е за Владата и за креаторите на економската политика, а за моите пријатели и граѓаните на оваа држава е потсетувањето дека во Македонија има нова власт, која ги има сите механизми да работи на подобрување на животот во секој сегмент и очекувањата треба да се насочат кон неа.
И уште нешто за пријателите. Да, мислам дека децата треба да учат за распоредот на планетите во Соларниот систем.