Критичарот на Иванов стана негов фаворит

Претседателот Ѓорге Иванов предизвика политичко изненадување кога ги обелодени своите предлози за нови членови на Уставниот суд. Наспроти досегашната практика – кадровските решенија на Иванов да произлегуваат од опкружувањето на ВМРО-ДПМНЕ – овој пат тој излезе со компетентни предлози што повеќе се очекува да бидат прифатливи за партиите од новото парламентарно мнозинство отколку за главната опозициска партија. Во политички кругови тоа се толкува како своевиден влог на Иванов во кохабитацијата со новата владејачка гарнитура на „Илинденска“, посебно со СДСМ и ДУИ, кои „до вчера“ не го признаваа неговиот легитимитет од изборите во 2014 година.

Покрај Дарко Костадиновски, специјалист по меѓународно право и советник за надворешна политика на Иванов, кој е во претседателскиот кабинет уште од времето на Борис Трајковски, за нов уставен судија е предложен и универзитетскиот професор Осман Кадриу. Тој во повеќе наврати во изминатиот период беше критичен кон политиките на Иванов, особено за колективната аболиција и одбивањето да му го даде на СДСМ мандатот за состав на влада.

„Ако актот остане во правна сила, последиците се големи: Во правниот поредок е создаден хаос, судската власт е парализирана, а посебно е суспендирана надлежноста на СЈО“, оцени Кадриу кога Иванов го донесе актот на колективна аболиција за случаите што произлегоа од „бомбите“ на СДСМ.

Кога шефот на државата го „чуваше“ мандатот за состав на влада, условувајќи го сегашниот премиер Зоран Заев, Кадриу излезе со став дека во ваква ситуација треба да се заобиколи шефот на државата и да се најде начин да се состане парламентот.

„Во најмала рака сега треба да се бранат државата и институциите. Иванов не постапи по уставната определба, останува да се видат другите опции што ги нуди Уставот“, изјави познатиот професор и искусен судија и адвокат.

Иако е на функцијата подолго од осум години, Иванов првпат предлага членови на Уставниот суд. Наташа Габер и Гзиме Старова, на кои им заврши мандатот минатиот месец, влегоа во судот по предлог на претходниот претседател Бранко Црвенковски, кога тој беше во кохабитација со ВМРО-ДПМНЕ.

Кадриу вели дека му претставува чест и задоволство што е предложен за член на Уставниот суд од претседателот Иванов и дека се чувствува привилегиран бидејќи, како што вели, предлозите на шефот на државата имаат посебна тежина.

„Не можам да прејудицирам како ќе постапи парламентот по предлозите на Иванов. За тоа, веројатно, ќе се носат одлуки на ниво на пратенички групи, ама не очекувам проблеми бидејќи предлозите на претседателот на државата имаат посебна тежина“, вели Кадриу.

Од претседателскиот кабинет соопштија дека предлогот за нови уставни судии е објавен во консултации со релевантни фактори водејќи се од квалитетот и професионалноста на нивните личности.

Парламентот треба да избере тројца нови членови на Уставен суд, од кои едниот по предлог на собраниската Комисија за избори и именувања, а од редот на немнозинските етнички заедници во земјава – на местото на Исмаил Дарлишта. За тој кандидат, како и за Османи, покрај мнозинство од најмалку 61 глас, ќе треба да се обезбеди и т.н. Бадентерово мнозинство, за што одлучувачка ќе биде ДУИ.

Ејуп Халими, координаторот на ДУИ, ни изјави дека неговата пратеничка група допрва ќе расправа за предлозите за нови уставни судии.

ДУИ, иако беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, во 2014 година не го призна легитимитетот на Иванов откако Али Ахмети излезе претходно со барање владејачките партии да настапат на претседателските избори со „консензуален кандидат“. Тоа резултираше со големо заладување на односите меѓу ДУИ и претседателскиот кабинет, така што владејачката партија на Албанците остана без свој претставник во Советот за безбедност, а беше блокирано и именувањето на нејзини кадри за амбасадори во повеќе дипломатски претставништва во земјава. Сега ДУИ, по автоматизам, влезе во Советот за безбедност, преку Талат Џафери како претседател на парламентот.

СДСМ, пак, за разлика од 2009 година, не го призна вториот избор на Иванов за шеф на државата откако тогаш опозициската партија реши да не ги признава ниту парламентарните избори што се одржаа паралелно со претседателските. Сепак, СДСМ сега по функција има исто така свои членови во Советот за безбедност кај Иванов каде што, покрај премиерот Заев, се и Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, па и шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Следен предизвик за кохабитацијата, веројатно, ќе биде законот за употреба на јазиците, за кој минатата недела беше одложен почетокот на амандманската расправа. ВМРО-ДПМНЕ го „напдна“ со повеќе од 80 амандмани законот кој е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ, ДУИ и „Алијансата за Албанците“. Кога овој закон ќе биде изгласан во парламентот, Иванов ќе се најде пред одлука дали да стави вето или да го потпише, како што ги потпишуваше сите закони на претходната владејачка гарнитура, дури и оние околу кои имаше многу големи реакции во јавноста.

Александра М. Митевска