Криви жени

Румена Бужаровска

Ми се случи неколкупати во текот на оваа недела да слушнам примери во кои жените се посочуваат како дежурни виновници. Не дека ваквата осуда е ретка појава: таа е чест, но тажен и вознемирувачки механизам на угнетување и контрола.

Тој што најмногу ме растревожи се случи во текот на радиоемисијата „ПичПрич“ на Канал 103, каде што со мојата колешка Ана Василева ја отворивме темата за вонтелесното (или вештачко) оплодување, па поканивме четири гостинки во емисијата кои отворено зборуваа за своите искуства и сознанија. Од овие четири храбри гостинки, кои беа крајно компетентни да зборуваат за ова прашање, го дознав тоа што не треба да биде изненадување за едно прилично дисфункционално патријархално општество – дека како што и општеството и семејството вперуваат прст во жената кога кај брачниот пар постои неплодност, истото се случува и во здравствените институции: жената е таа која е обвинувана за немањето потомство. Медицинскиот персонал, едноставно, не се фокусира на мажот, и покрај тоа што (како што наведе една од гостинките) статистички во медицината проблемот кај мажите е пет пати поголем од проблемот кај жените. Така, поради патријархалната умствена матрица, се случува лекарите да се фокусираат врз жената и да ѝ ги прават сите можни испитувања без мажот да помине низ истите. Беше и посочено, сосема логично, дека дури и кога жената е во одлична состојба, тоа се третира како „женски инфертилитет“ наместо машки.

Вториот пример на кој наидов оваа недела (во текот на еден јавен настан) исто така отсликува како жената е дежурна виновница, и тоа е идеја што сигурно сте ја слушнале, а служи за да се поткопа феминизмот (феминизмот, да појаснам за сите неверувачи и скептици, е борба за родова еднаквост, а не превласт). Ова е идејата дека жените се најголеми непријатели на феминизмот. Со други зборови, жените се виновни што опстојува патријархатот, бидејќи тие го репродуцираат. Жената, едноставно, е столбот на патријархатот.

Зошто, побогу, жените би биле столбови или виновници за патријархатот? Како им одговара на жените овој систем, во кој тие немаат никакви придобивки? Жените мазохистички уживаат во патријархатот, или? Ваквиот став е едноставно нелогичен.

Верувањето дека жените една на друга си се душманки – и со тоа пак се виновни за сè – не е ново. Тоа е мит што е добро истражен во општествената наука, во кој се потенцира идејата дека има нешто вродено кај жените што ги тера да се подриваат меѓусебно (значи, да бидат самодеструктивни). Кога жените се во меѓусебен конфликт, општеството тоа го перципира како нездраво и со далекосежни последици, додека кога таквиот конфликт – да речеме, на работното место – се случува меѓу мажите, се перципира како нормален, како натпревар од кој се изнедрува напредок. Понатаму, бидејќи од жената, а особено од мајката, се очекуваат солидарност и заштита, нивното недобивање несоодветно се пречекува со непријателство и осуда. А бидејќи општеството успеало да ни ја наметне идејата дека жените се виновни, па дури и за немање на сопствени права, оваа осуда се толерира и се негува.

Тоа што треба да го имаме предвид е дека во вакви општества, во обид индивидуално да се заштитат од шовинизмот со кој се опкружени на работното место, во домот или во своето непосредно друштво, несвесно се случува жените да се приклонат кон „победниците“, или кон матрицата на победникот: затоа се случува тие да се оградат од женските искуства и да ги репродуцираат патријархалните матрици, со тоа што ќе тврдат дека размислуваат како машки, дека повеќе им годи машко друштво, дека повеќе ги разбираат мажите, дека жените преемотивно ги разбираат работите и дека самите се виновни што не се на помоќни позиции во општеството. Овој тип однесување не е карактеристичен само за жените – туку и за други маргинализирани групи кои во обид да се заштитат од осудата на општеството, се приклонуваат кон доминантните општествени сфаќања.

И ваквите тенденции не треба да се за осуда, оти и тогаш влегуваме во матрицата дека жените се виновни за сè. Ако сакаме навистина да сме солидарни, тогаш треба да се обидеме да ги разбереме оние што општеството ги оцрнува како наши „непријателки“: нашите баби, мајки, сестри.