Кој е Чаушеску, а кој Милошевиќ

Ерол Ризаов

Почна најновото силно бомбардирање на јавноста со жестока пропаганда и нови дози на омраза и радикализација на односите меѓу политичките партии и нивните лидери два месеца пред првиот круг на претседателските избори. Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, од завчера ја активираше тешката артилерија. Го прогласи Зоран Заев истовремено за чудовиште, за деспот, за Николае Чаушеску и за Слободан Милошевиќ. Тоа беше најжестоката реакција по најновите истражни постапки на обвинителството за луѓе од партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ кои се осомничени и обвинети како организатори на крвопролевањето во Собранието на 27 април 2017 година.

Станува збор за добро познати поранешни носители на највисоки функции со исклучок, во ова фаза на истрагата, на претседателот на државата. Притоа, Христијан Мицковски не се труди да биде барем малку поиновативен и пооригинален, туку напросто смета дека е многу прагматичен ако за сè она за што е обвинет Никола Груевски во изминатите 12 години, се разбира и неправедно осуден и прогонет, го обвини за истите злодела премиерот Зоран Заев за да почне големата кавга и пресметка кој е поголемо чудовиште, поголем тиран и деспот, кој е македонски Чаушеску, а кој Милошевиќ.

Обвинителите од редовното јавно обвинителство велат дека амнестијата не важи за организаторите на крвавиот четврток. Категорично тврдат дека законот е јасен и недвосмислен и дека имаат цврсти докази за организиран напад врз Собранието. Така, Македонија повторно по двата чекора назад со амнестијата, фаќа чекор напред во една многу деликатна фаза од историските процеси која ќе одреди дали ќе продолжи битката за владеење на правото и независен правосуден систем, или со државата непречено ќе продолжат да владеат носители на организиран криминал, корупција и злосторнички здруженија, како наследно право од прв ред на секоја власт. Судските процеси со докажани и издржани пресуди за насилно попречување на примопредавањето на власта на партиите кои обезбедиле мнозинство по веродостојни избори и за конституирање на парламентот со избор на претседател, премиер и влада е еклатантен случај на обид за државен удар. Ако во една парламентарна земја за ваков настан, со директен пренос од крвопролевање и обиди за убиства и линч на пратеници и на лидерот на опозицијата, кое го виде цел свет, нема правна судска разврска за организаторите на ова злодело, тогаш катанецот на вратата на највисокиот законодавен дом, на целиот општествено-политички поредок, на целиот правосуден систем и на сите институции е само симболичен чин, кој треба да означи крај на опстанокот на државата и на нејзината смрт. Нема држава без правдата да ги стаса тие што се обиделе да ја урнат, да го нарушат уставниот поредок.

Судските процеси и праведната разврска на сите покренати обвинувања од страна на специјалното и на редовното јавно обвинителство се најзначајната работа што се одвива во Македонија, проследена со големи, често несфатливи, тешкотии и силни попречувања кои немаат врска со правните процедури, а можат да ја загрозат иднината на државата и на нејзините граѓани. Всушност, станува збор за атак врз двата фундаментални предуслови за непречено функционирање на државата – тоа се демократијата и владеење на правото. Демократијата означува запазување на сите предуслови за фер судење, вклучувајќи и ослободителни пресуди во недостиг на докази, колку и да се чини како неправедно, а владеењето на правото означува дека нема недопирливи и дека пред законот сите се еднакви што треба да биде јасна порака дека кршењето на законите, кој и да е на власт, е неисплатлива работа и дека правдата ќе ги достигне сите, па макар биле на највисоки функции.

Воспоставување доверба во судството и правосудниот систем во сите инстанци е нешто најдобро што може да ѝ се случи на Македонија. Сегашните судски процеси и истраги, не само за настаните од 27 април 2017 година, туку и за сите тешки предмети кои се во тек во македонските судови, се најголемата шанса за тоа. Спасувањето на обвинетите и осудените со политички одлуки, со помилувања и помирувања, со аболиции и амнестии, со уцени и притисоци е спротивната крајност која води кон повторно инсталирање на режим и страховлада во која никој не смее да се спротивстави на неправдата и злоупотребата на власта и на моќта. Прифаќањето да се разводенат истрагите и судските процеси, да останат без праведна пресуда, да се забошотат со лажни толкувања на законите, виновниците да се спасат од казна и покрај несоборливи докази е соучесништво рамно на направените тешки кривични дела, а во некои случаи се и потежок престап кој означува уривање на правниот и државниот поредок.

Незамисливо е да останат без правна разврска тешките случаи на злоупотреба на власта, на организираниот криминал и корупција, на фалсификувани избори, на нарачани судски пресуди и масовно нарушување на човековите права и слободи. Без да се охрабри судството и сите носители на правосудниот систем, правдата да се истера до крај без ниту една отстапка, да се влезе во изборна пропаганда со премолчување на тешки кривични дела на осомничени политичари и моќници, е најголем грев и свесно подривање на обидите за воспоставување на владеење на правото.

Трошењето пари на граѓаните од државната каса на избори во кои учесниците во трката за освојување на претседателската функција, или на која било друга функција, не го поддржуваат владеењето на правото и независноста на судството да суди според законот, туку го попречуваат со тоа што самите му судат на политичкиот противник е всушност и најголемата промашена инвестиција. Тоа се фрлени народни пари за поддршка на организираниот криминал, на озаконување на корупцијата и легализација на украдениот имот на државата и на граѓаните. Тоа е поддршка на повторното заробување на државата и контрола на институциите на системот и медиумите, сериозна загроза на човековите права и слободи. Сегашниот почеток на кампањата за претседателските избори недвосмислено упатува на обидите за враќање во минатото и повторување на истите грешки. Нема ни вербална ограда, па ни плакнење на устата од злоделата на политичарите против кои се водат судски постапки, туку, напротив, има многу гласно премолчување на нивните „подвизи и успеси“. Карикатурална е споредбата кој во Македонија е деспот, Чаушеску и Милошевиќ. Ние за тоа си имаме наша автентична единица мерка за мерење на чесноста и успесите која сè уште е во сила иако дејствува оддалеку. Се вика груевизам.