Кој го пријави Иванов?

Сè уште невратен од Турција, каде што беше меѓу ВИП-гостите на отворањето на најголемиот аеродром во светот, македонскиот претседател Ѓорге Иванов се соочи со можен кривичен прогон во земјава бидејќи оневозможи стапување во сила на законите за јазици и за ратификација на договорот од Преспа.
Иако поминаа неколку месеци од првото „апсолутно вето“ на Иванов, од скопското јавно обвинителство вчера соопштија дека отвориле предмет за претседателот. Но остана нејасно кој го пријавил Иванов за прекршување на Уставот, со оглед на тоа што обвинителството ја покренува постапката по две анонимни пријави во врска со законите кои во два наврата беа суспендирани од шефот на државата, наспроти уставните одредби кои не предвидуваат т.н. апсолутно вето.
До доцна попладне кабинетот на Иванов не се огласи во однос на предистражната постапка на обвинителството, од каде што, пак, соопштија дека моментно се преземаат дејствија за проверка на наводите од пријавата. За таа цел, веќе биле побарани податоци и информации од Собранието и од кабинетот на претседателот за тоа кога се донесени одлуките во законодавниот дом, односно дали и од кои причини не се потпишани од страна на претседателот.
Иванов и во јули годинава беше на службен пат во Турција – неговата, можеби, најчеста дестинација за време на двата мандата на чело на државата. Тогаш присуствуваше на претседателската инаугурација на Реџеп Таип Ердоган. Малку пред тоа, Иванов соопшти дека нема да го потпише законот за ратификација на договорот од Преспа, појаснувајќи, меѓу другото, дека не прифаќа уставни измени со цел промена на уставното име. И по неговото враќање од Анкара, ратификацијата на договорот остана без претседателски потпис, иако овој закон, во меѓувреме, беше вторпат донесен во македонскиот парламент со апсолутно мнозинство. Неколку месеци претходно, тој постапи слично и со законот за употреба на јазиците, како една од точките од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ – со таа разлика што во однос на договорот од Преспа претседателот се соочи со дипломатски апели да го почитува Уставот. Но Иванов досега не го направи тоа, така што деновиве, со оглед на новиот распоред на сили во законодавниот дом – по пристапувањето кон уставните измени, почнаа наголемо да се разгледуваат опциите за поведување нова постапка за импичмент. Меѓутоа, обвинителството излезе побрзо од парламентот отворајќи случај против Иванов.
Според член 75 од Уставот, законите се прогласуваат со указ што го потпишуваат претседателот на државата и претседателот на Собранието.
Претседателот на државата може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и, доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (најмалку 61), претседателот на државата е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот и доколку законот се донесува со двотретинско мнозинство. Поточно, во ваков случај тој нема право ниту на „суспензивно вето“.
Адвокати што ги консултиравме велат дека ако обвинителството одлучи да отвори истрага против претседателот тој, веројатно, би бил гонет за злоупотреба на службената положба и овластување, согласно со член 353 од Кривичниот законик. Во тој дел, меѓу другото, се предвидени санкции и за неизвршување на службената должност. Претседателот на државата, според Уставот, ужива имунитет од кривично гонење. За евентуално одземање на имунитетот на шефот на државата одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.
Во последните години, Иванов беше во повеќе наврати критикуван од стручната и политичка јавност дека ја злоупотребува службената положба во насока на кочење на клучните политички процеси во земјата. Такви обвинувања против него имаше кога прогласи колективна аболиција за прислушувањето, како и кога не го даваше мандатот за формирање на владата на СДСМ и на ДУИ… Но, освен обидот за импичмент против него поради аболицијата за „бомбите“, Иванов досега не се најде под истрага на органите на прогонот.
Ова е првпат во Македонија да се отвори кривичен предмет за извршување на претседателските должности. Претходниот претседател Бранко Црвенковски беше „таргет“ во случајот „Надеж“, со кој беа опфатени негови соработници, додека во овој случај Иванов е „осомничен“ за прекршување на Уставот. Според уставниот член 87, претседателот е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. Постапка за утврдување одговорност на претседателот покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство. Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот, функцијата му престанува по сила на Уставот.

Александра М. Митевска