Консензуален претседател за да не се повтори Иванов

Не е исклучено владејачките СДСМ и ДУИ да настапат во коалиција на претстојните избори – со единствен кандидат за претседател. Во СДСМ, според неофицијалните информации, првично е прифатлива идејата што ја реактуелизира деновиве лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој во интервју за телевизијата Клан – Македонија изјави дека неговата партија не се откажува од намерата за консензуален претседателски кандидат.
– Ние сакаме консензуален претседател и секако дека можеме да зборуваме и за имиња, но за тоа е многу рано – рече Ахмети. И од СДСМ велат официјално дека претседателските избори се далеку и дека владејачката гарнитура е фокусирана на реформите.
– Кога ДУИ официјално ќе излезе со таков предлог до СДСМ, партијата ќе го разгледа и ќе носи одлуки. Ги очекуваме претседателските избори, ама сè уште има време до нивното одржување. Кога ќе дојде време ќе ги почнеме и внатрепартиските подготовки и консултации за изборите. Сега сме фокусирани на тековниот процес, односно на спроведувањето на планот 18 и на договорот од Преспа, вели Костадин Костадинов – портпарол на СДСМ.
Соговорници од ДУИ појаснуваат дека кога се зборува за консензуален претседателски кандидат не се алудира на тоа дека претседателот на државата мора да биде етнички Албанец, туку дека идејата е тоа да биде кандидат кој би бил прифатлив за сите граѓани и за сите партии кои би застанале зад него. Како што велат нашите соговорници, не е важна етничката припадност на идниот претседател, туку неговиот политички профил и капацитетите да ја извршува највисоката државничка функција. Шефот на државата, како што се оценува, треба да биде претседател на сите граѓани, а не како застапник на интересите на само една етничка заедница и на партијата која го кандидирала на изборите.
Соговорници од СДСМ, пак, сметаат дека не гледаат засега причина за одбивање евентуален официјален предлог од ДУИ за заеднички настап на претстојните избори. Зошто СДСМ и ДУИ, како коалициски партнери во владата, да не излезат со заеднички кандидат за претседател, слично како што настапија и во голем дел од општините со мешан етнички состав на локалните избори минатата година, велат нашите соговорници. Исто така, се посочува дека, кога до неодамна беше во оптек идејата за предвремени парламентарни избори доколку не се обезбедеше мнозинство за уставните измени, СДСМ и ДУИ, како и другите помали партии од владејачката коалиција, ќе одеа со заеднички кандидатски листи во шесте изборни единици.
Сè уште високиот цензусот од 40 проценти за претседателски избори, како и одлучувачката улога што, вообичаено, ја имаат партиите на Албанците во вториот круг, кога треба да се постигне потребниот одѕив, според проценките, се дополнителен мотив за да се размислува во насока на етнички мешана коалиција за изборите што би се одржале во втората половина на март или во првата половина на април.
Во мај следната година, пак, досегашниот претседател Ѓорге Иванов заминува од резиденцијата на Водно. Неговата втора кандидатура за шеф на државата во 2014 година беше потврдена откако ВМРО-ДПМНЕ го отфрли предлогот за консензуален кандидат што Ахмети тогаш премиерно го пласираше. Иванов, всушност, не се вклопуваше во концептот на ДУИ, од каде што и сега сметаат дека со консензуален претседател во иднина ќе се избегнат ситуации какви што создаваше во изминатите години актуелниот шеф на државата.
Во последните четири и пол години, односите на релација ДУИ – Иванов беа крајно заладени, дури и во периодот кога партијата на Ахмети беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија од албанскиот блок немаше свој претставник во Советот за безбедност сè додека Талат Џафери не стана член по автоматизам, како претседател на парламентот. Исто така, Иванов со години не ставаше потпис за кадри на ДУИ да бидат испратени за амбасадори. Непотпишан остана и законот за јазиците, кој беше дел од преткоалицискиот договор меѓи интегративците и социјалдемократите, а што Иванов уште неподготвен го стигматизираше како дел од т.н. тиранска платформа, поради што и не го даваше мандатот за формирање на новата влада.
Откако ВМРО-ДПМНЕ не го прифати предлогот за консензуален претседателски кандидат, ДУИ не учествуваше на претседателските избори во 2014 година. Вториот изборен круг, сепак, заврши со висок одѕив – нешто над 54 проценти, со оглед на тоа што истиот ден се одржуваа и предвремени и претседателски избори.
Функционерите на СДСМ, кои се најтесно поврзани со тековниот клучен политички процес околу спроведувањето на договорот од Преспа и евроатлантските перспективи, се всушност и најспоменуваните за моќен претседателски кандидат на владејачката партија на изборите следната година. Така, во јавноста се шпекулира со имињата на Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Стево Пендаровски, а не се исклучува дури ни можност од „ротација“ на премиерот Зоран Заев. Во последно време, во игра како да влегуваат и професорот Денко Малески и министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, најспоменуван е Трајко Славески, а се врти и името на Ганка Самоиловска.

Ќе спречи ли Дескоска аболиција на Груевски?

Евентуална аболиција од претседателот Ѓорге Иванов за случајот „Тенк“, за кој е правосилно осуден и поранешниот премиер Никола Груевски, би била тешко изводлива операција. Според упатените во оваа проблематика, во случај Иванов да реши да го аболира Груевски, кој вчера требаше да се јави за издржување на двегодишната затворска казна, таа одлука би била незаконска без претходна постапка во Министерството за правда. Така е предвидено со измените во Законот за помилување, кои беа донесени во 2009 година, кога ВМРО-ДПМНЕ имаше апсолутно мнозинство во парламентот.
Постапката за аболиција, која мора да помине низ Министерството за правда беше и една од причините поради кои се оспоруваше „колективната аболиција“ за прислушувањето што Иванов ја даде, практично, на своја рака. Исто така, се спореше масовноста на помилувањето кое, во суштина, би требало да се однесува на поединечни лица за конкретен случај.
Од кабинетот на Иванов вчера не одговараа на телефонски повици за да кажат дали и како претседателот ќе одговори на барањето на протестантите за одбрана на Груевски. Тие завчера се упатија од Кривичниот суд во Скопје кон резиденцијата на Иванов, каде што оставија писмо со кое го повикаа да спречи политичкиот прогон во земјава. Сепак, демонстрантите не прецизираа што точно подразбираат под тоа, односно дали мислат на помилување, како еден од механизмите што му стојат на располагање на шефот на државата, ама кои, според Уставот, треба да се спроведат согласно со закон. Александра М. Митевска