Во гужва сум, ќе те барам…

Анета Димовска

Не можам да се сетам некој да се пожалил дека има премногу време на располагање, а секојдневно слушам: „Немам време за ништо“ или одговор на телефон или по порака : „Во гужва сум, ќе те барам…“

Зошто недостига време и зошто се сите толку зафатени?!

Економистот Џон Мејнард Кејнс во 1930-тата година предвидува дека идните генерации ќе работат околу три часа на ден и веројатно само по избор. Нивото од три часа на ден не го постигнавме, но предвидувањата на Кејнс делумно се остварија. Заради економскиот и технолошкиот напредок, се скрати платеното работно време, а заради многубројните куќни апарати се намалија и неплатените часови поминати со работни обврски во домаќинството. Ние денес, по речиси еден век, работиме помалку од нашите баби и дедовци. Сепак, нам многу повеќе ни недостига време.

Откако работните часовите се финансиски квантифицирани, времето е доведено во директна врска со парите. Така, луѓето на времето гледаат како на пари.

Економската теорија вели дека кога платите растат, работниците се мотивирани повеќе да работат и поминуваат повеќе часови на работа, жртвувајќи дел од слободното време за дополнителна заработувачка (ефект на супституција). Кога платите се доволно високи, ќе преовлада ефектот на доход и однесувањето на работниците ќе е во спротивен правец, ќе минуваат помалку време на работа, а ќе сакаат да имаат повеќе слободно време.

Зголемувањето на вредноста на работното време врши притисок врз слободното време, па луѓето кои заработуваат повеќе за да трошат, немаат време за истото.

Слободното време се сведува на борба да се избере што да се купи или да се види, што да се јаде или каде да се отиде… Изборот на едно нешто е за сметка на изборот на другото и предизвикува чувство на стрес. Дополнително, изборот го усложнуваат многубројните производи и активности што се на располагање, но и бескрајните можности што ги нуди интернетот. Новите технологии и паметните телефони создаваат чувство дека може да се направи многу повеќе, а желбите и потребите да се задоволат веднаш.

Во вакви услови на борба за поголема заработувачка и за брза потрошувачка, чест е одговорот: „Во гужва сум, ќе те барам…“ Дали овој одговор е оправдан во македонскиот случај?!

Продуктивноста на трудот на ниво на национална економија мери колкава вредност од бруто-домашниот производ е произведенa со еден час труд. Согласно последните податоци на европската статистичка агенција Евростат (се однесуваат на 2014), еден македонски работник за еден час во земјава создава само 43,6 отсто вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија. Продуктивноста во Македонија е најниска во Европа, пониска од Бугарија, Романија, Хрватска, Словенија, Грција… Оваа состојба веројатно не е променета и во годините што следуваат бидејќи во 2015 година е забележан раст на продуктивноста од само 1,5 отсто, во 2016 година 0,3 отсто, а во 2017 продуктивноста на македонските работници се намалува (-2,8 отсто во првиот, -4,0 отсто во вториот и -2,1 отсто во третиот квартал).

Согласно претходните податоци, македонските работници создаваат многу помала реална вредност во еден работен час од нивните европски колеги и соодветно на истото би требало да се помалку зафатени. Или… зафатеноста може да се должи на достапниот интернет и на користењето во работно време на Фејсбук, Твитер, Јутјуб и сл.

Вулгарно, крајно едноставно, претходното би навело на заклучок дека кај нас фразите кои упатуваат на зафатеност со работа генерално треба ретко да се употребуваат и дека како држава многу сериозно треба да се позанимаваме со преземање на суштински мерки за подобрување на продуктивноста на трудот. Поединечно, употребата би била оправдана за оние најмотивираните за работа, односно за оние што најмногу заработуваат.

Според анкета на Државниот завод за статистика, тоа се лицата со високо образование и со работен стаж од 15 до 19 години, во Скопскиот Регион. Мажите заработуваат повеќе од жените. Најмногу заработуваат членови на законодавни и извршни тела, државни функционери и дипломати, како и генерални, извршни и секторски директори во претпријатија. Најголема заработувачка по час е регистрирана во секторите: снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, финансиски дејности и дејности на осигурување, информации и комуникации и стручни, научни и технички дејности.

Така, најзафатениот Македонец е маж на возраст од 40 до 50 години, на раководна позиција во канцеларија во некоја банка или електрокомпанија во Скопје. Секако, може и да е на деловен ручек во некој од елитните ресторани на плоштадот „Македонија“, навидум фокусиран на соговорникот, но постојано со едното око на паметниот телефон кој постојано трепка. Често посегнува по него за да истипка порака: „Во гужва сум, ќе те барам…“

За останатите „презафатени“ кои не се препознаваат во претходниот опис… Некогаш безделничењето беше статусен симбол, да имаш, значи да не работиш. Денес зафатеноста, па дури и чувството на стрес од истата и недостаток на време станаа статусни симболи. Да се биде притиснат од времето е знак на просперитет, индикатор за социјален статус, па затоа сѐ повеќе луѓе се склони да тврдат дека немаат време.

Искрено, „Во гужва сум, ќе те барам подоцна“ секојдневно го изговарам. Најчесто кога одговарам на повик на мајка ми или на други блиски. Некогаш повеќе, некогаш помалку оправдано, но тие ќе бидат тука и подоцна. По сè, можеби значајно е да разбереме дека колкава и да ни е вредноста на еден час, во битката со стрелките од часовникот не можеме да победиме.

Времето е чуден ресурс, многу значаен кога го трошиме и немаме доволно, а највисоко ценет кога ќе замине. По сè, можеби значајно е да разбереме дека со него заминуваат и повиците и пропуштените разговори и неизживеаните моменти, а и драгите луѓе.