Колку чини спасувањето на Груевски

Ерол Ризаов

Цената за спасување на Никола Груевски и неговите најблиски соработници од затвор изнесува колку иднината на Македонија. Ова треба да го покаже собраниската дебата која почнува денес за уставни промени на сите што сè уште имаат дилеми зошто договорот од Преспа е документ од историско значење кој го одредува опстанокот, безбедноста и развојот на државата, го спречува распадот на Македонија и ја сместува во европското семејство. Гаранти за ова се мнозинството граѓани, 609.000, кои веќе се изјаснија. Не помалку силни гаранти се Европската Унија, НАТО, Обединетите нации и меѓународната заедница.
Наспроти нив е раководството на ВМРО-ДПМНЕ заедно со претседателот на државата кои одлучија да ја спречат правдата и да го заштитат поранешниот партиски врв, притоа вреднувајќи ја криминогената банда над државата. Толку за нивниот патриотизам. Тие лажни уставобранители, како свои сојузници ги прогласија сите кои од разни причини апстинираа на референдумот. И тие што се отсутни од земјата, и тие што се починати, и илјадници фантоми сместени во избирачките списоци од времето на ВМРО-МВРО и, се разбира, тие што бојкотираа по партиски налог.
Дали и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифатат директивата на партискиот врв и на нивните ментори кои седат секој ден на обвинителна клупа ќе се дознае наредните денови, но имајќи ги предвид вмровските директиви тешко е да се верува во успех. Дали храброста, историската одговорност и совеста на тие што ги знаат многу добро работите ќе биде посилна или, пак, партиската послушност и стравот од долгата, ама веќе осакатена рака на ВМРО-ДПМНЕ ќе се види во Собранието на очиглед на целата јавност.
Парламентарците на проевропските партии кои го сочинуваат мнозинството и кои веќе двапати го ратификуваа договорот со Грција, заедно со премиерот Зоран Заев уште еднаш треба да ги скршат во парампарчиња трите големи лаги со кои сè уште манипулира испоставата на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е: дека тие се за ЕУ и НАТО, дека ќе направат подобар договор со Грција, дека се загрозени основните идентитетски обележја на македонскиот народ, дека се менува името на државата.
Бесмислена е определбата за членство во ЕУ и во НАТО ако не се прифати договорот од Преспа и уставните измени во согласност со договорот. Тоа веќе го кажаа сите надлежни институции и на НАТО и на ЕУ и многубројни светски државници, дипломати и авторитети докажани пријатели на Македонија, но и на ВМРО-ДПМНЕ. Категорично без резерви е кажано нема влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ без уставни промени. Ова што е разбирливо и за деца од основно училиште, раководството на ВМРО-ДПМНЕ го одбива арогантно заедно со сите последици за иднината на Македонија. Не постојат позначајни институции и сојузи во светот од ОН, НАТО И ЕУ, вклучувајќи ги тука и највисоките државници чии земји ги сочинуваат овие сојузи, кои не се обратија изминатите месеци до Македонија и нејзините политички лидери, но и до сите граѓани. Остана уште да се јави лично господ и да ги замоли арамиите да имаат повеќе разбирање за својот народ. Длабоко сум убеден дека најмалку половината од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека без прифаќање на договорот не се можни евроатлантските интеграции, а целиот состав на партискиот врв знае дека не е можен подобар договор од овој. Нивната измама во овој случај е наметнатата заблуда дека ќе победат на вонредните парламентарни избори и дека ќе оживеат режимот на Груевски.
Втората лага која уште упорно се пласира по социјалните мрежи и која главно ја готват и одработуваат националисти, шовинисти и таканаречени „корисни будали“, а тоа е дека Македонците со прифаќање на Договорот го губат националниот идентитет и повеќе нема да бидат Македонци, го губат јазикот, државјанството и својата историја. Ништо од ова, ама баш ништо не се губи. Националната припадност е универзална категорија и никој не може да им забрани на Македонците да бидат Македонци. Тоа е кажано милион пати.

Македонскиот јазик не е признаен само од ОН уште 1977 година, туку многу порано од лингвистичката наука како еден од индоевропските јазици, како еден од словенските јазици. Државјанството според договорот во сите документи на граѓаните е македонско. Што се однесува до историјата, таа конечно по повеќедецениско задоцнување се препушта на вистинските научници кои треба да ја очистат од идеологија и фалсификати кои направија пустош во главите на Македонците. Па така, ќе превладее сознанието дека не може да се брише историјата. Тоа што се случило, се случило и не може да биде поинаку, колку и да ја разубавуваат политичарите и инстант историчари кои пишуваат историја по урнекот направи сам. Ќе се бришат само фалсификатите со кои се преполни историите на сите балкански народи и држави.
И конечно лагата со промената на името на државата. Се работи за манипулативна полувистина. Суштинското име на државата МАКЕДОНИЈА останува негибнато. Отстапката е во додавката северна. Над 20 држави во светот имаат географски додавки и кај ниту една по тоа не се одредува националната припадност. По една исцрпна дебата во Собранието треба сите во државата да се уверат дека не е во прашање ни договорот со Грција, ни членството во ЕУ и во НАТО, туку спречувањето на Македонија да стане дел од Европа поради спасување на Груевски и неговите соработници. Потоа треба да се оди на избори. Па нека избираат граѓаните што е повредно – државата или бандата.