Коледарските огнови поважни од загадувањето

Петок навечер, како што се спушта ноќта, така расте бројот на луѓето што се собираат во своите маала за да го одбележат Бадник. Со чашка ракија и муабет со соседите се заборава на студот. Традиција е традиција и мора да се испочитува. Но овој пат е поинаку, затоа што новата градска власт покрај апелот да не се пали оган, се закани и дека ќе казнува. А казната е 200 евра. Дури и поповите добија забрана да присуствуваат на ваквите пагански собирања. Па што? На почетокот срамежливо, а потоа потполно транспарентно се крши законот, се палат дрвата и се распламтува огнот. Фотографиите гордо се пласираат по социјалните мрежи. Да се види на кој му е поголем огнот. Така е низ цело Скопје, низ цела Македонија. Инспекции и полиција секако дека нема. Сѐ е оставено на с(о)веста на граѓаните.

По мамурната ноќ, доаѓа празнична сабота. По распеаните коледарчиња, кои ни го најавуваат Христовото раѓање, ред е да се искористи сончевиот ден. Од загаденоста најдобро се бега на Водно, но новата градска власт забрани движење на возила низ планината. Поточно, може ама само до клучката за Сопиште или до паркингот кај „Свети Пантелејмон“ во Нерези. Оттаму до Средно Водно има неколку километри. Ништо, каква забрана, какви бакрачи. „Пали колата“ и за минута си на Средно Водно. Ако те фати полиција, ќе си платиш 45 евра. Ама полиција никаде нема. Сѐ е оставено на с(о)веста на граѓаните.

И тука, всушност, е основата на сите наши проблеми: голем дел од нас немаат ниту свест ниту совест за работите што се важни во општеството. Секој чека другиот да направи нешто, а никој не тргнува од себе, од сопствениот придонес. Бараме државата да ни го среди проблемот со загадувањето, а самите воопшто не водиме сметка дали придонесуваме за загадување на воздухот. Сакаме и чист воздух, и со автомобил на Водно, место со пешачење или со автобус. Сѐ да ни функционира беспрекорно, а да си го сочуваме комодитетот, т.е. ние првите да фатиме „кривина“. Тоа е систем што криво функционира со години и децении, а со менталитет како нашиот ќе си потрае со генерации.

Социолозите велат дека свеста се формира преку процес на социјализација и идентификација со најважните личности од опкружувањето, а нејзината најважна функција е контрола врз деструктивните и неприфатливи нагони, односно спречување да допрат до егото. Таму каде што совеста исчезнала со зборови и дела, се сокрила и човечноста. Општествата што немаат совест, односно во кои таа категорија е протерана, и тоа како се одговорни за својот стрмоглав пад.

Всушност, нашиот проблем вчера и денеска не е во непостоење на поединци што имаат знаење и способност да го променат правецот во кој во стампедо се движи општеството. Нашиот проблем е во нас самите, затоа што во следењето и почитувањето на тесниот личен интерес заборавивме на заедничките интереси, на создавањето организирано општество и на почитување на законите. Заборавивме на општествената одговорност, чесност, ред и дисциплина, затоа што одамна не веруваме во нив. Се раководиме по поговорката: „Ако сакаш да успееш, игнорирај ја совеста“.

Надеж? Иво Андриќ рекол дека ниту еден болен човек не може да оздрави доколку претходно не ја прифати суровата вистина дека е болен. Тешко дека некој од нас не е свесен дека општеството ни е многу болно.

Горан Адамовски