Кога е бал, нека е маскенбал. Маестро музика!

Ѕвонко Давидовиќ

Далечната 1980 година почина една од најзначајните и највлијателните личности на 20 век. Почина Јосип Броз Тито, личност која никого не остави рамнодушен и за која и ден денешен се раскажува, полемизира, шпекулира, личност која остави длабока трага во нашето општество и нашата колективна меморија. Во тој миг плачеше целата држава искрено и од срце, жалејќи што го губи оној кој значеше сигурност и стабилност. Плачеа луѓето уплашени за својата иднина и иднината на државата во која живееја.

И беа во право што плачеа и што беа уплашени, инстиктивно и интуитивно го чувствуваа она што доаѓа. Со смртта на еден кој создаваше се родија многумина кои ќе го уништуваат и разнебитуваат сето она што се градеше од урнатините на Втората светска војна. Се родија и изродија еден куп националИСТИ, социјалИСТИ, ројалИСТИ и уште многу такви ИСТИ без оглед на името и определбата затоа што целта им беше една и единствена, да седнат на упразнетиот трон. Не рекле старите попусто – многу бабици килаво дете. Ниту еден од тие ИСТИ не беше кадарен да го преземе тронот па мораше да се создадат многу такви тронови за да се сместат сите. И би војна, и би поделба, и се создадоа мали, безлични, невлијателни и спремни за грабеж државички. Додека народот славеше самостојност и слобода над уште неизладените жртви од братоубиствената војна, почна грабежот и сакатењето на сето создадено. Балканскиот арамиски оркестар почна со својот концерт под палката на странски диригент.

Почна периодот кој ќе го смени менталниот склоп на луѓето, период кој ќе им покаже дека само посилните и алчните опстануваат, дека кражбата и арамилакот се доблест, неписменоста и простотилакот гордост, а сигурноста е само партиската книшка на партијата која е на власт.
Едноумието на еден, како го нарекуваа некои времето на Тито, го замени безумието на многумина. Се приватизираше сѐ што нешто значеше и функционираше, и од класа на директори се создаде класа на богаташи. Приватизацијата не ја платија директорите кои ги приватизираа фирмите, туку тоа го платија вработените останувајќи без работа и без вложениот труд од сега веќе намерно и вештачки обезвреднетите фирми. Новата буржоазија, сега веќе не црвена како порано, туку шарена и криминална, иако полуписмена, сфати дека само со малверзации, грабеж и уништување на системот може да опстои и да создаде сигурност за себе.

Состојбата на мир, социјална сигурност и функционирање на системот ја сменија со состојба на немири, социјална несигурност и распаѓање на системот. Ништо во државичките кои се создадоа на оваа територија (со исклучок на Словенија) повеќе не беше бесплатно и загарантирано, ниту здравството, ниту школството, социјалната помош или правото на работа. Правниот систем од функционален и целосно хармонизиран и логичен стана хаотичен, нефункционален и парцијален. Одбраната на земјата систематски се уништуваше со носење на нелогични и апсурдни закони за да дојдеме во ситуација во која војската не постои како сериозна сила. Министерството за внатрешни работи почна да служи како агенција за вработување на партиски кадри и како вооружена сила за заштита на владејачката партија по урнек на не така далечната идеја на еден шизофреничен Германец. Финансиите на државата почнаа да служат не за напредокот на државата туку за исполнување на желбите и лекувањето на фрустрациите на малите државници и по раст и по делата. Државата, полека но сигурно, стануваше партија во секој сегмент на своето дејствување и постоење, а народот машина за гласање и стадо за раководење.
Од држава станавме државичка, од луѓе станавме човечиња, од живеење почна животарење.

Речиси четири децении подоцна, мерено од мигот на заминувањето на југословенскиот татко, сите земји во нашето опкружување кои беа далеку зад нас и по слободите, влијанието, стандардот, квалитетот на животот и општеството воопшто, сега се далеку пред нас. Повеќе не можеме да им се смееме на Бугарите за една „червена“, ниту на Грците за лептите и драхмите, дури и една Албанија е далеку пред нас. Степенот на слободите и правата на човекот, квалитетот на живеењето, правниот систем, школството, здравството, одбраната и секој друг сегмент од нашето постоење само назадуваа во овие четири децении. Нам 21. век не ни донесе напредок, туку назадување.

Човечките права и слободи не беа унапредени и издигнати на едно повисоко ниво, туку станаа „мртво слово на хартија“. Правото на работа, правото на слобода, правото на еднаквост и недискриминација, правото на правично судење, неселективна правда и многу други основни права и слободи наместо да се унапредени станаа допрва цел и предмет на борба за нивна примена. Светото тројство на поделба на власта наместо напредок и усовршување се урниса комплетно, па законодавниот дом стана дом на кревачи на раце по налог на извршната власт, а судската власт стана проститутка по потреба на извршната власт. Националната и верска нетрпеливост намерно и по потреба се разгоруваа и станаа точка на раздвојување и омраза,  наместо да се унапредат и станат точка на сплотување и единство.
Четири децении подоцна ништо повеќе не е сигурно во нашето општество и во нашата држава, дури ни нашето име или историја. Антиквизацијата на историјата диригирана од еден внатрешен исфрустриран лик и оркестрирано барање за промена на името од исфрустрирани ликови однадвор, сите нас нѐ направија да се чувствуваме како на маскенбал придружен со барокната музика од звучките на плоштадот „Македонија“. Повеќе не сме во состојба да се препознаеме ниту себеси ниту нашата иднина и сите ние помалку наликуваме на марионетите од куклениот театар на кој маестрото им го дава ритамот со својот оркестар. Маестро, музика!