Кога вазалите владеат

Здравко Савески

Има многу земји во светот, премногу, кои формално се класифицираат како демократски или речиси демократски, а кои имаат корумпирани елити на власт, презрени од сопствениот народ, но поддржани од нивниот колонијален господар. Тој ги тапка по рамо своите вазали, не штеди пофалби за нив кога постапуваат по напатствијата што му ги дава и… мижи на двете очи кога тие ја користат власта за лично богатење, кога ја газат демократијата и ги лажираат изборите. „Имаше неправилности на изборите, но тие не влијаеја на конечниот резултат“. Со вакви фрази колонијалниот господар се труди да си го зачува својот имиџ на поборник за демократија, а притоа да им овозможи на своите вазали да ја задржат власта. Се разбира, оставајќи им одврзани раце на вазалите да ја злоупотребуваат власта во врска со оние работи кои не го засегаат, колонијалниот господар очекува од нив беспоговорно да работат на унапредување на неговите интереси, како ќе им каже – така да постапуваат и во никој случај да не си го дозволат луксузот да покажуваат самостојност или да ѝ „намигнуваат“ на другата страна. А народот? Народот во тие земји осиромашува, му се газат правата, но нема кому да му се пожали. Неговите крици на очај наидуваат на глуви уши.

Но, дали ова е навистина точната дијагноза за многу земји денес? Нели, колонијализмот веќе одамна не постои? Да, оној стариот, надживеан колонијализам кога колонијалниот господар и формално управуваше со колониите, веќе одамна е минато. Но колонијалните механизми со тоа не заминаа во историјата. Неоколонијализмот и тоа како е карактеристичен за современиот свет. Дозволуваш државата да биде формално независна и да биде раководена од лица кои се припадници на домородното население, но ако успееш да поставиш луѓе кои ќе ти слугуваат исто како и класичните колонијални гувернери – тогаш сè станува доста слично како во старите добри колонијални времиња. Дури и подобро е! Бидејќи можеш да му фрлаш прашина во очи на народот со наводната независност, самостојност и слобода на земјата, неоколонијалниот механизам овозможува колонијално подјармување дури и на земји кои претходно не биле формални колонии.

Колку Македонија се вклопува во оваа слика? Се плашам дека сегашната власт на СДСМ и ДУИ свесно го прифати неоколонијалниот вазалски статус со сите реперкусии што следат од него. И претходните влади покажуваа вазалски однос, но целата динамика околу договорот Заев-Ципрас е силна индикација дека степенот на потчинетост кој го има прифатено сегашната власт е очигледно поголем во однос на претходните влади (и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ). Дури и мали земји како нашата, можат, преку мудра политика, да обезбедат значителен степен на фактичка сувереност и доволен маневарски простор да работат во интерес на сопствениот народ наместо да му слугуваат на меѓународниот капитал и на неговите политички експоненти. Но, не! Ниту една досегашна македонска власт не го одбра тој пат, а оваа сегашната – ниту најмалку.

Зошто Заев и СДСМ брзоплето, без никакво чувство за реперкусиите, прифатија промена на името на државата? Дали можеби наивно поверуваа на сопствената пропаганда дека членството во НАТО и ЕУ ќе донесе поголема безбедност и повисок животен стандард и дека за таа цел вреди да се жртвува името на државата? Тоа фактички е подобрата опција. Поверојатната опција е дека тие постапуваа по напатствијата на колонијалниот господар и дека, сега кога го поминаа тестот, ќе ги жнеат плодовите од својот „успех“.

На Македонија не ѝ треба НАТО. Напротив, на НАТО му треба Македонија. Колку и да звучи парадоксално ова – така е. Две се причините зошто САД сака да ја види Македонија, час поскоро, како 30. членка на НАТО. Првата причина е стравот од пробив на руско влијание на Балканот. Овој страв, барем што се однесува до Македонија, е целосно неоснован. Македонија е длабоко во западната сфера на влијание, никој сериозен политички фактор не се залага за преориентација кон Русија па потпаѓањето под руско влијание е нереално сценарио. Сепак, случувањата во Украина и Сирија ги натераа американските планери посериозно да ја сфатат можноста од ширење на руското влијание. И, напати, да дуваат на маштеница. Како во случајот со Македонија. Втората причина е маркетиншка, евтино маркетиншка. Со Македонија, НАТО ќе има 30 членки, а не „само“ 29. Нели, поинаку, помоќно, звучи кога ќе се каже дека НАТО брои 30 земји членки, а не „само“ 29. Но, колку и да се ова нерационални причини, стремежот со Македонија НАТО да брои „застрашувачки“ 30 членки значеше напатствие до вазалската власт во Македонија да направи сè за така да биде, во што пократок временски период и без разлика на цената, економска и симболичка (името).

Начинот на кој Заев и неговата влада се зафати да го реализира напатствието што го доби од својот колонијален господар беше токму вазалски. Од владата на Заев народот очекуваше да се зафати со решавање на горливите економски и социјални проблеми, враќање на демократијата и владеењето на правото. Сето тоа беше ставено на „стенд бај“. Сè што се презеде на тој план беше без душа, без никаква посветеност, колку да се рече дека не земаат џабе плата. А во врска со националните прашања? Целата енергија се посвети на тоа! Како Македонија лани да излегла од некој меѓуетнички конфликт па да мора сè да стои замрзнато, а приоритет да биде решавањето на националните прашања. При тоа, во брзањето да се задоволи волјата на колонијалниот господар воопшто не им беше гајле што, како последица, ќе дојде до распалување на национализмот и златна шанса за десницата преку манипулација со националните чувства да го поврати својот изгубен легитимитет во очите на народот. Ништо не им беше важно, буквално! Освен, вазалски, да ја исполнат волјата на колонијалниот господар, да се покажат достојни за довербата во неговите очи.

А која е добивката за вазалите? Првата добивка е симболичка, со доза на трагикомичност. Од оној вид кога кучето станува среќно кога ќе биде погалено од неговиот стопан. Со слично задоволство, секој добар вазал го сака тапкањето по рамо од својот колонијален господар, за него убаво звучат пофалбите колку тој бил модерен, прогресивен, реформски политичар кој покажува лидерство. Втората добивка има далеку поголеми реперкусии по народот во таа земја. Ги кажавме погоре. Вазалот добива зелено светло од својот колонијален господар, во работите кои не се од негов директен интерес, да владее онака како што ќе смета за сходно. Дури и кога тоа значи коруптивно однесување, газење на човековите права, лажирање на избори. Во првата година од владеењето на СДСМ-ДУИ, тешко можеше да се види промена на начинот на практикување на власта во однос на владеењето на Груевски. Она што претходно самите го критикуваа, штом седнаа на фотелјите, почнаа истото да го прават. И не само тоа. Излетите во „креативно“ толкување на Уставот барем во два наврати (при одземањето на имунитетот на пратениците и при второто гласање на Законот за јазиците), придружени со тотален молк од „меѓународната заедница“ во врска со тоа, се индиција дека, можеби, допрва ќе бидеме сведоци (и жртви) на практикување на власта кое е типично за вазалските држави со корумпирани структури на власт.

Заев си ја исполни задачата која му ја дадоа. Да не се лажеме, задачата беше тешка. Но ја исполни. За тоа ќе биде награден. Да се надеваме дека нема премногу висока цена да платиме при неговата опиеност од моќта.