Кацарска судство VS сваровски судство


Звонко Давидовиќ

Македонскиот јазик е богат јазик, а нашиот народ полн со итроштина, па често за една иста работа имаме по две-три имиња, особено кога нешто е предмет на подбивање или исмевање. Забеган, отиден, улав, луд, растроен, се само дел од зборовите од ризницата на македонскиот јазик. Понекогаш дури, во духот на нашиот народ и неговата досетливост , некои татковци им викаат на ќерките – сине. Наместо едно нормално „здраво“ ние најчесто му се обраќаме на пријателот со „кај си бе“ не мислејќи притоа на местото на кое се наоѓа, што изгледа малку глупаво затоа што тој е тука пред нас. Кај нас ни пцоста нема исто значење како што има во другите земји, туку е најчесто израз на радост што го гледаш пријателот кога сочно ќе го опцуеш спомнувајќи ја мајка му и ќе додадеш онака весело „сто години не сум те видел“. Во секојдневниот наративен говор, ни маргинализираните заедници не се изоставени во поздравувањето, па поздравот „кај си бе педер“ не значи ништо навредливо. За волја на вистината, истиот збор се употребува и во друга смисла, па кога ќе ти каже некој „педер си“, мисли на тоа дека не си фер, не си стоиш на зборот итн.

Кај нас ништо не е онака како што изгледа, ниту значи онака како што звучи. Фраер може да биде и добро и лошо, зависно од тоа каде стои во реченицата и со каков тон е кажано, па „баш е фраер“ и „е јак фраер“ има сосема спротивно значење. Тешко ги прифаќаме новите работи, а уште потешко новите имиња. Кога ќе се каже „кај Рекорд“ или кај „чичко Стоилко“, веднаш се знае локацијата, и покрај тоа што ни „Рекорд“ ни „чичко Стоилко“ не постојат со години.

Сака нашиот народ да се шегува, па и поговорките ги сменил така што од „кој рано рани, две среќи граби“, поговорката сега гласи „кој рано рани цел ден зева“, или „кој на друг дупка му копа сам во неа паѓа“, сега гласи „кој на друг дупка му копа физички е работник“.

И при давањето на прекарите не е ништо подобра ситуацијата, па јас познавам луѓе со прекар Бетовен, Превара, Дубара, Далавера, Миле литар, Перо квасец итн. секој со некаква причина или без причина го добил прекарот. Како викаат, да не ти излезе името.

Е,тука доаѓаме до судството. Судството некогаш беше вистинско судство и право раздаваше според законот и правото, еднакво за сите, што би рекле ни по „баби ни по стричевима“. Судската практика беше воедначена, а секоја година Врховниот суд издаваше збирка на одлуки од која сите ние учевме. И имаше што да се научи. Судиите ги избираше Собранието, немаа свој буџет, ниту траен мандат, немаа тоги, ниту многу високи плати, но имаа кредибилитет, морален и стручен, имаа знаење и беа дораснати на својата позиција. Немаа Академија, немаа Судски совет, но имаа дигнитет и беа вистинска трета власт. Во тогашната Југославија и федералните институции котираа високо и беа исклучително ценети.

Поради зајакнување на самостојноста на судството, по едноумието, како што некои го нарекуваат, се измисли Судскиот совет со кој им се гарантираше на судиите дека другите две власти, извршната и законодавната, нема да имаат никакво влијание врз самиот избор на судиите. Добија траен мандат како уште една гаранција на самостојноста и независноста и свој судски буџет. И игранката почна.

Како и секогаш, во секоја област, токму поради тоа што се бираат самите меѓу себе, почнаа лактањето и лобирањето не за најспособните и највредните туку за најупорните и најмрзливите. Способните работеа и судеа, дома носеа предмети за да пишуваат пресуди, а најмрзливите и најнестручните почнаа да лобираат, притискаат и да се лактаат за изборот во Судскиот совет, гледајќи шанса за добро вдомување, многу права без одговорност и обврски со ич работа. За да успеат во таа своја намера, широко ги отворија вратите на извршната власт и политичките партии барајќи од таму помош и поддршка за фотелјата во Судскиот совет. И ја добија, сесрдно и сестрано што е и нормално, кој не сака да влијае врз судството и да му е алатка за употреба по потреба, особено ако самите те повикуваат. И почна партиска координација, тефтерчиња, подобни и неподобни судии, погазени сите морални вредности. Почна политиката да царува во судството, делокругот на работењето да се намалува, да се измислуваат нотари, извршители, медијатори… Почна невоедначена судска практика, двојни аршини, селективна правда, нееднаквост пред законот, недоследна примена на законот. До судската тога почна да се доаѓа со партиско амин за подобност, пријателски и роднински врски, додворување на функционерите… Почна времето на безумие и време на прекари и подбивање со судството, време на сваровски судството.

Изминаа години и тогашната позиција стана опозиција, а опозицијата позиција. Се сменија министри, директори, јавни функционери, но ниту еден судија. Останаа сите на своите места, сите со својот ментален склоп и морален кредибилитет, со својата неспособност и полтронство, со истиот сончоглед-ефект. Ништо не се смени освен две работи. Оние што го создадоа таквото судство и го бранеа и фалеа сега го критикуваат, а и името му го сменија. Мицкоски го нарече Кацарска-судство, не сфаќајќи дека и едното и другото се две страни на истата безвредна паричка.