Каменот за Мисовски испадна сизифовски

Александра М. Митевска

Добро беше да се слушне како премиерот, а во меѓувреме и министерката за правда, бараат одговорност за инцидентот во затворот во Шутка. Додуша, поводот беше многу лош, така што оставката што ја понуди подоцна директорот на најозлогласениот затвор во државата, всушност, е најмалата работа што мораше да се направи за барем донекаде да се поправат штетите што ги предизвика нападот врз двајцата нови притвореници, а поранешни министри во владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Последиците од инцидентот во затворскиот двор имаат многу пошироки размери од повредите што им биле нанесени на Миле Јанакиески и на Спиро Ристовски, независно од тоа дали поминале само со модринки, како што соопштија лекарите. И без разлика на тоа дали зад настанот навистина се кријат „насилнички сценарија за дефокусирање на јавноста од одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ за крвавиот четврток во парламентот“, како што тврди СДСМ. Всушност, и да е така, поднесувањето оставка стана неминовно, меѓу другото, и поради тоа што во Шутка бил оставен простор за реализација на такви наводни сценарија, кои им овозможија на можните организатори на насилствата на 27 април да станат политички жртви.
Осудата на инцидентот што дојде од Делегацијата на ЕУ, како и од уште неколку меѓународни форуми, е уште еден показател дека последиците од инцидентот се повеќезначни. Овој немил настан не само што фрла друга светлина на целата постапка за лоцирање одговорност за „крвавиот четврток“, правејќи жртви од можните „џелати“, туку создава и атмосфера на наводен политички прогон и го девалвира процесот на реформи, согласно со европските критериуми, кои во еден сегмент се однесуваат и на подобрување на условите во казнено-поправните институции, за што со години наназад државата нижеше лоши оценки во извештаите на меѓународните институции. Последните забелешки во таков контекст, всушност, дојдоа директно од унгарската влада, која азилот за Никола Груевски го бранеше со аргументација за непристојни услови во македонските затвори. И како што во аферата со бегството на поранешниот премиер неодредувањето притвор се покажа како голем пропуст, нападот врз Јанакиески и Ристовски, на некој начин, се постави контра тезите со кои СДСМ своевремено ги критикуваше методите на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото и поради злоупотребата на притворот како казна.
Сепак, добрата работа, во целиот тој парадокс што се создаде, е што барањата за одговорност добија брз одговор. Оставката на директорот Ѓоко Котевски ќе остане запаметена како една од најмолскавичните досега.
Реакциите што дојдоа отстрана можеби ја поттикнаа и брзата реакција на властите, кои претходно, главно, бараа споредни патишта за изземање од одговорност на носители на функции или на институции во кои се случуваа скандали.
Штета што во други случаи претходно се бегаше од принципот на морална и политичка одговорност, како, на пример, кога се делеа грантови на фирми на роднини на функционери, кога Груевски ѝ избега на правдата или сега кога излегуваат на површина случаи на непотизам и судири на интереси при вработувања во претпријатија во сопственост на државата. До некои од овие скандали можеби и немаше да дојде доколку оваа владејачка постава од самиот почеток го воспоставеше принципот на одговорност за избраните или именуваните функционери.
Всушност, ќе беше убаво зборот одговорност да го слушнеме и од лидерот на опозицијата Христијан Мицковски. Но не во контекст во каков што сега го изговара, користејќи максимално запалива реторика во нападите кон власта, туку во насока на преземање одговорност на неговата партија и на поранешни партиски функционери за крвавите настани во парламентот пролетта 2017 година. Токму на тој случај, како и на случаите што ги води СЈО, Мицкоски имаше шанса да покаже нов стил на лидерство во партијата чие претходно раководство, во текот на целата деценија владеење, не успеа да го инсталира принципот на одговорност во своите редови, така што можеби единствениот „преседан“ во таа насока беше принудено да го направи дури откако избувна политичката криза во земјава и се случи „Диво насеље“.
Ако веќе се повлекува некаква паралела, може да се каже дека барем реакцијата на актуелните власти за инцидентот во Шутка беше благовремена – и соодветна на новата истрага што ја отвори Обвинителството – овој пат за лоцирање на организаторите на настаните на 27 април. А наводите што деновиве ги изнесе Обвинителството околу креирањето на сценариото за 27 април се уште една потврда дека одговорноста оди многу повисоко од директните учесници во насилствата, кои единствени останаа во судница по селективната амнестија.
Кога покрај амнестијата, ќе се земат предвид и сите други апсурди што му претходеа на 27 април или се наметнаа во текот на расветлувањето на овој настан, дури и за каменот што вчера го „дотркала“ во парламентот пратеникот Горан Мисовски, може да се каже дека е сизифовски – не според размерите, туку од аспект на симболиката. Како што претходно беше сизифовски тешко да се изберат нов претседател на парламентот и нова влада, така сè уште е сизифовски тешко да се расветли и затвори досието „27 април“. Затоа, како што крвавиот четврток се наметна како меѓник за транзицијата од една во друга матрица на владеење, така и оставката на директорот на затворот во Шутка треба да биде меѓник за поставување на принципот на одговорност во владеење на оваа гарнитура. Затоа што претходната веќе плати дел од цената за своето мошне неодговорно владеење.