Како се снаоѓате?

Марија Павлеска

Летото 1939 година новинарката Милена Јесенска правела репортажа во селото Слани (денес гратче) кое се наоѓа во Чешка, поточно во нејзиниот централен бохемиски регион.

Чешка е окупирана на 15 март 1939 година, а ден подоцна, на 16 март, Моравија и Бохемија стануваат протекторат на нацистичка Германија. Новинарката наоѓа еден селанец и го прашува: „Како е, што има ново?“

На тоа тој ѝ одговара дека компирот му е посаден, а житото посеано. Продолжува кажувајќи и дека ќе исече две стари јаболкници и дека патката имала подмладок. Најпосле ѝ кажува дека треба да ја погледне градината, ако сака, затоа што таа година е многу убава.

Вистинското прашање кое новинарката Јесенска го прашува селанецот, го поставува директно после неговиот првичен дипломатски одговор.

Нејзиното прашање е: „Како се снаоѓате со Германците, господине?“

На што тој уште подипломатски одговара со: „Еее, па вие, тие си врват, а јас си работам.“

Кога моите пријатели од странство деновиве ме прашуваат што има ново, алудирајќи на претстојниот референдум, јас одговарам во ист стил како селанецот. Па им раскажувам за проектите поврзани со театар, им испраќам линкови од текстовите и колумните кои ми биле преведени на англиски и секако им зборувам за мојата градина.

Компирот ќе го вадиме кон крајот на наредната недела. Домашната пченка е веќе готова за варење (и превкусна), а дека деновиве „ќе скршиме“ и неколку пченки пред одење/посета на „печатница“. Иако мојот одговор и скромното домашно производство се органски, тоа не е одговорот што тие го очекуваат.

Друга е приказната кога низ разговор моите овдешни пријатели ме прашуваат за што ќе пишувам следно. Им велам дека можеби е редно да напишам текст посветен на референдумот. На што тие уште подипломатски ми укажуваат велејќи дека има уште време за јавно да се пишува/зборува за тоа.

Хана Арендт во своето дело „Извори на тоталитаризмот“ пишува: „Партиите и отворените општества општо земено за непријатели ги сметаат оние што отворено им се спротивставуваат“.

Кај нас за отворено спротивставување се смета секој повик за отворено аргументирање на одредена тема. Симптоматично е што токму довчерашни дебатери, кога дојдоа на служба во ова што денес се нарекува власт, станаа алергични на критика.

Ниту театарот повеќе не може да се замисли без критика – бидејќи претставата на некој начин не е „завршена“ додека за неа не се реагира јавно. Додека не се изрече суд на лице/лица кои се во состојба да го направат тоа.

Ако театарот не може да се замисли без критика – како е возможно некој да очекува дека без критика ќе помине една толку важна работа како менување име на сопствена држава.

Јас разбирам дека на нашата влада би ѝ било најлесно да сме како жителите на Леонија чија страст е „уживањето во нови и различни нешта“ („Невидливи градови“, Итало Калвино). Жителите на Леонија секое утро се облекуваат во сосема нова облека, се хранат отворајќи го најновиот фрижидер и од нови конзерви, притоа слушајќи најнови џинглови од најновиот и најмодерен радиоапарат.

Но, ако добро се замислиме, ќе се запрашаме дали вистинската страст на Леонците не е „радоста на ослободувањето, отфрлањето, чистењето на себеси и нечистотијата што се враќа“? (З. Бауман)

Зошто токму уличните ѓубреџии се „дочекувани како ангели“? Дури и нивната мисија е опкружена со почитувачка тишина. Тоа е разбирливо, вели Бауман, затоа што откако предметите ќе бидат фрлени никој не сака да размислува за нив.

Отсуството на дебата (посебно јавна и тоа со страни кои немаат агенда за испорачување) го разбирам како тој ритуал на молк при чистењето (на една историја и започнување на нова). Меѓутоа во овој случај, не сум сигурна дека размислувањето може да заврши после евентуалната промена.

Ако пролистаме низ „1984“ на Орвел, книга која на дебатерите службеници им е читана, а некои и учествуваа и на дебати насловени „Што не знаеше Орвел?“ ќе го најдеме разговорот помеѓу Џулија и Винстон за признавањето. Но и за тоа дека да се признае, не значи да се предаде на Министерството за љубов.

Џулија му вели на Винстон: „Можат да те натераат да кажеш било што – но не можат да те натераат да веруваш во тоа. Не можат да ти влезат во душата“.

Бидејќи нашето министерство за вистина проба, но се надевам увиде дека досегашната кампања со слики купени од интернет и евтини слоган(чиња) не може да запали кај душата на Македонецот кој до вчера викаше дека до Индија е негово треба малку да ја смири топката и да започне малку поинаква кампања. Кампања со оние средства што министерствата ги одвоија со истата леснотија со која илјадарче даваат на пазар и кај кондураџиите за гланцање на чевли за време на предизборни кампањи.

Во филмот „Американски одметници“ во кој ликот на Џеси Џејмс го глуми Колин Фарел, за време на првиот грабеж на банка, кога еден старец (кој по природа е бунтовен и сака да се расправа со сите) пробува да влезе во банката која бандата во моментот ја ограбува, двајца од членовите кои стојат пред банката за да не влезе за време на грабежот му велат дека банката не работи затоа што е празник. Тој се спротивставува дека не е празник и настојува да влезе внатре. Тие упорно му го повторуваат истото, а тој настојува дека не постои таков празник. Пред кавгата на влезот од банката да ескалира, доаѓа трет член од бандата и учтиво му вели на старецот: „Господине, во право сте, денес нема никаков празник. Не може да влезете затоа што ние ја ограбуваме банката“. На што старецот одговара нешто во стилот – „па така кажете“ и најнормално си седнува на клупата да почека.

И старецот од почетокот на овој текст кој новинарката го прашала дали му е страв (од војниците) – одговорил „Од што да ми е страв?“ Се замислил, а потоа одекнал како од пушка: „А освен тоа, Ви се молам, госпоѓо, човек може да умре само еднаш. А ако умре малку порано, само е малку подолго умрен.“

Луѓето во глобала сакаат да бидат оставени да си ја работат својата работа. Прошетајте, поразговарајте и сами ќе се уверите. Но, без помпи, фотографи кои ќе сликаат ракувања и исилени насмевки. Онака, искрено и пријателски. Прашајте ги и студентите. Или веќе не е важен нивниот глас? Поканете ги и во дебатна емисија (има уште такви?). Всушност, ни се случи една приказна неодамна од која можевме и требаше многу да научиме. Во Тимјаник денес во малиот групен дом живеат четири деца, иако неколку денови постоеше конфликт со локалното население. Од првиот момент беше јасно дека главниот проблем беше неинформираноста на луѓето. Таму се појавија мајстори пред да се појави министерката. Некои работи мора да имаат процедура. Барем ако сакаме во ЕУ, каде што „сè си има процедура“.

За да ја напишам оваа колумна, првпат донесов лаптоп на планина. Иако сум рекла дека кога сум на планина сакам што помалку технологија, вчера и денес се радувам што и лаптопот и телефонот држат доволно батерија. Јас сакам да верувам дека оваа влада и покрај сè има доволно време и ќе го консолидира своето знаење за правилно да го искомуницира овој референдум. Отворено и транспарентно, како што и милува да се претставува себеси во јавноста.