Кадровски геноцид во здравството

Ерол Ризаов

Една фрапантна бројка што ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче кажува колкави се трагичните последици на кадровскиот геноцид извршен во јавното здравство. Во интервју за „Фокус“, министерот вели дека за само осум години, од 2010 година досега, повеќе од 2.000 лекари заминале во приватните клиники и во странство.

Вие што првпат ја слушате оваа бројка малку застанете, напијте се шеќер и вода оти она што следува тешко може да се поднесе ако немате добро здравје бидејќи е трагична сторија за тоа како е создадено болно општество, иако граѓаните на Македонија платиле милијарди евра во изминатите години за подобро јавно здравство. Со нивните пари наместо пристојна здравствена заштита е направен неверојатен систем на кадровски егзодус, класично прогонство на добрите лекари во странство и во комерцијалните приватни лечилишта во кои можат пристојно да се лекуваат само тие што можат да земат кредит. Богатите од поодамна се лечат во странство. Познати клиники во Истанбул, во Софија, Виена, Љубљана, Белград, Париз, во Лондон, во Берлин, во Франкфурт… па и преку океанот имаат и доктори и пациенти од Македонија, кои по светски стандарди и цени добиваат соодветен третман. Докторите таму примаат за еден месец колку кај нас годишна плата, а пациентите врвна нега.

Дома во државата е направен амбиент на здравствена лотарија, нешто како руски рулет. Тие што имаат среќа да се излечат во приватните клиники и натаму ќе плаќаат и долгови на банките и за државниот фонд за здравствено осигурување. Ако немаат среќа и ако починат, ќе му остават тежок товар на семејството во наследство. Само страдалниците знаат колку се тешки и мачни овие семејни драми.

Што ѝ се случи на Македонија во оваа најчувствителна дејност што треба да се грижи за здравјето на граѓаните и на државата. Министерот вели дека не само што огромна маса лекари заминале во приватните болници и во странство, туку многу врвни професори прерано завршиле во пензија, затоа што државата немала никаква стратегија да ги задржи. Штом нема познати професори од државните клиники, а поради некоја несфатлива одмазда не се ангажираат во професурата оние што заминале на приватни клиники, Медицинскиот факултет во Скопје осиромашува без квалитетен педагошки и наставен кадар. Оттаму во последно време тешки грешки од учени-недоучени лекари. Дали некој во државата има пресметано колку чини да се „направи“ еден добар лекар или еден професор на Медицинскиот факултет. Одговорот е – никој. Затоа што тоа и не може да се пресмета. Нема цена, како што нема цена здравјето. Но затоа, пак, последиците се многу добро видливи и трагични.

За заговорниците дека сѐ има своја цена бидејќи живееме во такво време, еве нека ја решат равенката со три познати и една непозната. Значи, пресметано во сооднос колку чинат шест години студии на Медицинскиот факултет во Скопје, колку тоа го чини студентот, а колку државата, колку чини специјализацијата по завршувањето на студиите, колку чини постојаната научна и практична надградба на докторите, се добива бројка од околу 150.000 евра што ја платиле државата и лекарите. И тука некаде завршуваат бројките од трите познати величини во равенката.

Што правиме со непознатата величина. Колку чини кога еден така обучен добар лекар заминува од јавното здравство поради омаловажување на неговата личност, стручност и знаење и поради понижувачка плата или пензија. Конечно, колкави се штетите на еден поширок план што еден таков лекар престанува да ги лечи пациентите кои за таа услуга веќе платиле, плаќаат и ќе плаќаат со години и децении. Е, тоа не може да се пресмета, бидејќи последиците од создавањето болна нација на ваков начин се непресметливи, бидејќи целата работа со политиката за здравствена заштита на граѓаните е непресметлива, поточно лудачка.

Како поинаку да се објасни кога познати и врвни доктори и професори се испраќаат во пензија, а сѐ уште се во полна кондиција за работа. Па сосема нормално е тие да одат во приватните клиники заедно сосе стотиците свои пациенти. Ве молам, ако некој знае нека ѝ соопшти на јавноста каде чул или видел во која земја дека врвен доктор и професор заминал во пензија, а сака уште да работи. Каде го има тоа. Па тие луѓе во клиниките и на факултетите ги чуваат како икони. Почитта кон нив е речиси како кон жив споменик.

Во која клиника во светот има во подрумите милионски скапа нова медицинска опрема платена со пари на граѓаните, така оставена неотпакувана да рѓосува и да ја прегази времето додека некој ги отпакува и научи да работи на нив. Може ли некој да пресмета колкави се димензиите на ова злосторство. Каде во која држава познат доктор, или специјалист, хирург во јавното здравство има неколку пати помали примања од колегата со еднакви квалификации во приватна клиника со кој до вчера имале помала плата од касап во која било кланица.