И по Лазе – Чедо

Централниот одбор на СДСМ, највисок партиски форум меѓу два конгреси, доби во неделата, во глуво доба, тројца нови членови: едниот – Костадин Костадинов, од новото пратеничко лоби на владејачката партија кој ја има и привлегијата да биде од Струмица; вториот – Андреј Жерновски, довчерашен либералдемократ – сепак доволно политички конзистентен и етаблиран за да може да биде корисен како член на партиското раководство; и третиот некогаш повеќе познат во спортските (карате) кругови. Тој, Чедомир Саздовски, во политичките кругови се „прослави“ дури откако почна да ги менува партиските дресови. Затоа, и не е изненадување што овој пат го облече повторно стариот дрес на СДСМ, туку што на тој начин стигна директно во првата партиска лига.

Една работа е да го придобиеш Саздовски во пратеничката група на владејачката партија за да избегнеш проблеми со кворумот, со какви што парламентарното мнозинство постојано се соочуваше во изминатите месец. Но, сосема друга работа е да го кооптираш во највисокиот партиски орган. Ако на приклучувањето на нов член во пратеничкиот табор може да се гледа како на политички прагматизам, што е и легитимно во одреден степен – во ситуација кога мнозинството е тенко и променливо, лансирањето на политички конвертит во партискиот врв не може да не се смета за политички пазар во кој „купувачот“ плаќа далеку повисока цена од реалната. И можеби најпарадоксалниот момент во сето тоа е што раководството на СДСМ – партијата која до вчера ги сметаше за свои доблест и предност внатрепартиските разногласија и разминувања, сега, главно, молчешкум ја проголта одлуката за враќање на Саздовски на голема врата.

Дел од членовите на ЦО на СДСМ, всушност, можеби и не знаеле кој е новиот член на партиското тело. А, зошто и би знаеле кога Саздовски, во изминатите години откако е пратеник, не беше жолчен ниту, пак, луциден во нападите кон СДСМ. Како што беше, на пример, неговиот довчерашен лидер Стевчо Јакимовски, откако ја напушти партијата и ја формираше ГРОМ, или како што настапуваше Амди Бајрам, додека другаруваше со самиот врв на до скоро владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за сега да почне да им „намигнува“ на социјалдемократите.
Во тој период, Саздовски не можеше да се види во првите редови на „Шарената револуција“, како што и не беше на улица кога СДСМ не сакаше да влезе во парламентот по изборите во 2014 година. Затоа, пак, беше редовен во парламентот кога ВМРО-ДПМНЕ имаше потреба од глас повеќе за каков било закон. Затоа и СДСМ нема потреба да се сомнева сега во неговата редовност, па и лојалност, барем додека партијата е стабилна во власта. Можеби и затоа сопартијците на премиерот Зоран Заев го соџвакаа молчешкум и овој грчлив кадровски залак, како што и претходно проголтаа уште неколку исто така невкусни. Како што беше, на пример, испраќањето на Лазар Еленовски за специјален пратеник во НАТО.
Иако Еленовски беше кадровско решение на ДУИ, случајот со него сам по себе се наметнува за споредба поради неколкуте допирни точки со Саздовски. Едната од тие точки се вика СДСМ, другата СДУ, третата точка е политичката превртливост, а четвртата политичкиот бенефит што и двајцата го остварија по враќањето на власт на нивната матична партија.

Всушност, ако испраќањето на Еленовски во Брисел беше владина одлука, тогаш и за вклучувањето на Саздовски во врвот на СДСМ може да се каже дека е внатрепартиска работа со која не треба да се занимава многу пошироката јавност. Сепак, тој потег многу зборува за кадровските политики на владејачката партија и за тоа каков квалитет може да се очекува од престојната владина реконструкција. Таа одлука, исто така, зборува и за притисокот за проширување на мнозинството со кој е соочен премиерот, а кој, веројатно, немаше да биде од такви димензии доклку тој изиграше поинаку со првите коалициски партнери – интегративците. Доколку Зијадин Села со уште еден пратеник останеше во власта, од каде што, нели, замина поради анимозитетите со ДУИ, тогаш потребата за глас повеќе во законодавниот дом немаше да биде толку алармантна.
Тогаш, најавената реконструкција на Владата немаше да мора да биде само на основа на квантитет, за да се собере партнер повеќе. Туку, ќе можеше да биде навистина освежување во период кога сѐ уште новата влада ги заокружува своите први десет месеци од влегувањето на „Илинденска“, така што се зголемува обемот на опсервација на сите нејзини потези и расте бројката на нејзини критичари.