И пеевме и плачевме за поканата од НАТО

Ерол Ризаов

Последната, најтешка етапа од европеизацијата на Македонија почна со пеење и со плачење, со радост и со тага. На прославата по повод поканата на НАТО, Македонија и тагуваше и се радуваше, едни пееја и се смееја со солзи радосници, други лееја крокодилски солзи над судбината на Македонија и ги проколнуваа предавниците што го продадоа името, трети беа загрижени за буџетските пари на граѓаните да не се трошат на веселби, многу учените дежурни интелектуалци за заштита на националната хигиена беа згрозени од кич парадата, а најмногубројните, како и секогаш, си гледаа сеир и си го тераа ќефот во топлата спарна јулска вечер чекајќи да дувне северец и да излезе појасно на виделина победничката страна, па да одлучат дал да плачат, ил да пеат. Го чекаат ликот кој ќе им каже дали треба да се радуваат или да тагуваат.
Тоа е Македонија, без оглед дали е федерална, народна, социјалистичка, поранешна југословенска, независна, северна… секогаш ѝ е поблиска несреќата и тагата отколку радоста. И во оние ретки моменти на среќа ќе се најде некоја причина да се помати радоста. Кога лани падна македонската Бастилја и кога се ослободи заробената држава од режимот на Никола Груевски, партиските ескадрони и насилници ја спречија радоста и веројатно најголемата спонтана прослава и катарза од прогласување на независноста на државата. На 27 април 2017 година упаднаа вмровските чети на најсветата педа земја која ја означува парламентарната демократија и го згазија како мивка општествениот поредок на државата и светоста на парламентот. Пролеаја крв во Собранието на Македонија во обид за државен удар со попречување да се предаде власта на победниците на парламентарните избори, оценети од ДИК и од многубројните посматрачи како веродостојни и регуларни. Крвта на пратениците и мачните сцени со обиди за убиство и линчување на пратеници кои го обиколија светот и ја прикажаа Македонија како банана држава, не дозволија тие што цела деценија ја чекаа слободата и се бореа за тоа да се порадуваат и да излезат на плоштадите и да кажат – готово е падна тиранијата. Ја спречија насилно прославата на стотици илјади граѓани, но не им ја одзедоа радоста. Тоа се виде многу бргу на локалните избори. Казната беше мал надомест за одземената радост.
Овој пат партиските намќори кои се сомневаат во се што доаѓа од запад, кои гледаат опасност од загроза на самостојноста на криминалните банди и гангстери од врвот на претходната власт, уште проповедаат катастрофа од влегување на Македонија во европското семејство и прифаќање на европските вредности. Почнаа да го трчаат последниот круг со досега невидено валкана кампања против сопствената татковина, со застрашувања на јавноста кои имаат за цел да ја спречат Македонија да стапи во рамноправно членство со најголемите светски воени и економски сојузи, како што се Северноатлантската алијанса – НАТО и Европската Унија.
Ќенеф кампањата ги пушти на виделина своите бербатлаци со празнење на партиската септичка јама. Па, сега скриени зад името на државата и зад измислени опасности по националниот идентитет и наводно скрнавење на македонскиот јазик проповедаат бесмислици дека тие не се против ЕУ и НАТО, туку дека ја спасуваат Македонија од ЕУ и од НАТО кои сакаат да ја обезличат, да го избришат македонскиот идентитет. Нив совршено не ги интересира што пишува во договорот со Грција. Тие не читаат договори, не читаат ништо. Тие се знаат без да читаат. Штом на нешто честита светот ние треба веднаш да плачеме и да тагуваме, тоа е нивната доктрина.
Досега најлошата пропаганда, која не дава ни пет пари што се разоткрива за неколку минути, упорно се форсира и натаму, се плаќа штедро со украдените пари од граѓаните на Македонија со цел да не влезе Македонија во НАТО и во ЕУ и да се попречи правдата против осомничените за нарушувања на човековите права и слободи, против осомничените и тужените за криминал и корупција и против владеење на правото што е клучен, предуслов да отпочнат преговорите со ЕУ. Ете затоа беше повикот на партиските барабани да не се слави поканата за НАТО оти не била вистина. Лага било што 29 земји едногласно одлучиле да се врачи поканата, лага било и самото врачување, лага било и самото честитање за поканата од првите луѓе на НАТО. Лага ќе биде и датумот за почеток на преговорите. Ќе бидат лага и самите преговори, можеби заслепените ќе го прогласат за лага и самиот влез на Македонија во ЕУ.
А, можеше прекрасно сенародно да се означи последната најтешка етапа од европскиот пат со заедничка прослава, со оневозможување на политичките партии да си го препишат ексклузивно сами на себе успехот. ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно сè поцврсто се определува против остварувања на стратегиските историски интереси на државата, против членството во ЕУ и во НАТО.
Мнозинството граѓани на Македонија знаат дека без одредени компромиси не се можни двата сојузи, но што е уште поважно ги прифаќаат отстапките како горчлив лек за поздрава иднина своја и на поколенијата. Тоа е така затоа што веќе осознаа дека Договорот не ги засега ни името на државата Македонија, кое останува како константа од 1944, од основањето на првата држава до денес, но и за век и веков. Мнозинството граѓани дозна дека со Договорот не се доведува во прашање националната припадност на Македонците и со ништо не се оспорува македонскиот јазик и македонското државјанство. Отстапките кои се направени не загрозуваат ниту една идентитетска припадност на Македонците и на граѓаните на Македонија. Со потпишување на Договорот нема да се загрозат ниту националната, ниту јазичната припадност, ниту историјата, ниту било што од посебноста на македонската нација. Напротив, токму поради тие отстапки во иднина ќе се зајакнува македонскиот национален идентитет.
Опасноста од поделба на Македонија е надмината со стапувањето во сојуз со НАТО. Преговорите и членството, пак, во ЕУ ќе означат прогрес и побрз развој на Македонија, подобра иднина за сите граѓани.
И, конечно, бидејќи сами одлучуваме за својата иднина, Владата како уставно најодговорна за вкупните состојби во земјата треба да ја преземе одговорноста против секое попречување во остварувањето на стратегиските државни интереси. Доколку не успее во тоа, ќе биде највиновна за неуспехот, без оглед колкав е нејзиниот придонес за историската шанса. Едно се шансите, друго се головите. Победува тој што ќе даде повеќе голови. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски имаат уште многу кратко време да се определат дали ќе учествуваат во поделба на најголемиот успех по осамостојувањето на државата, или дефинитивно ќе се определат за вмровскиот врховизам и уништување на сè што е напредно и на сè што ја води Македонија во стабилна европска демократска држава. Овој пат нема да успеат бидејќи сознанието за европската припадност на граѓаните на Македонија ќе биде пресудно. ВМРО-ДПМНЕ и неговите водачи и лидери ако не го видат тоа ќе завршат во музеј.