И извештајот на Караџоски не доби собраниска виза

Собраниската Комисија за политички сиситем и односи меѓу заедниците на вчерашната седница не го усвои годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2017 година.
Претениците од владеачкото мнозинство порачаа дека Судскиот совет не ужива легитимитет и повеќе не треба да го води суството. Според владејачките пратеници, овој состав на Судскиот совет само купува време и се обидува што повеќе да остане актуелната состојба во судството. За извештајот рекоа дека не нуди решенија и само ја констатира состојбата.
Како што истакна генералниот секретар на Судскиот совет Анита Андоновска, во претходната година Советот избрал пет судии и тоа по еден во Врховниот суд и во Апелацискиот суд во Битола, и тројца во Апелацискиот суд во Скопје. Во текот на годината вкупно во работа имало 603.211 предмети од кои 480.370 новопримени, а 123.205 пренесени од претходната година како нерешени. Вкупно се решени 503.680 предмети.
– Тоа значи дека судовите во целина работеле ефикасно и ажурно и успеале да го совладаат приливот на новопристигнати предмети и да го намалат заостатокот за 25.272 предмети…. Во текот на 2017 година Советот не изврши избор на судии за дел од испразнетите места во судовите, бидејќи сите кандидати кои ја завршија почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители се избрани за судии и јавни обвинители, туку само ја искористи можноста за времено упатување на судии од еден во друг суд, рече Андоновска и додаде дека се донесени одлуки за времено упатување на пет судии и тоа најдолго за една година.
Претеничката Анета Симеска Димоска од СДСМ посочи дека Извештајот е површен и не содржи ништо од препораките на Прибе.

– Од извештајот се добива впечаток дека работата во судството е идеална и е без ниту еден критичен збор, рече Симеска Димоска.
Во реплика Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека СДСМ иако е една година на власт ништо не направил во судството и цела година, како што кажа, им поминала во креирање тело за реформи во судството на чие чело на крај се ставил лично премиерот. На тоа, Симеска Димоска одговори дека го ослободиле судството од политичките притисоци и притисоците од извршната власт и додаде дека премиерот е на чело на телото за реформи во судството заради негова поголема ефикасност.
Илиоски, пак, нагласи дека поставувањето на премиерот на чело на телото за реформи е еден вид на благ притисок на судската власт. – Веднаш откако беше избран за премиер вети генерален реизбор на сите судии. Не е ли и тоа директен притисок врз судсвото, бидејќи од позиција на премиер не смее да се искажува директна закана, рече Илиоски.
Овој состав на Судскиот совет, со кој претседава Зоран Караџоски, е при крајот на мандатот. Во изминатите години Советот беше честа цел на критика на сега владејачката партија, која како опозиција обвинуваше за партизираност и непристрасност на судската власт. Годишниот извештај на Судскиот совет е само уште еден во низата извештаи на институции кои во изминатиот период не добија „виза“ од матичните собраниски комисии. Станува збор за институции кои одговараат пред парламентот, а чии раководства главно се избрани уште за време на претходното парламентарно мнозинство.
Сепак, неусвојувањето на годишните извештаи повеќе претставува политичка порака или гест отколку што има некое конкретно значење, затоа што во собранискиот Деловник не се предвидени санкции и мерки за институциите и одговорните лица чии годишни отчети нема да добијат „зелено светло“ од Собранието.