И Груевски остана сам

Слободанка Јовановска

Во политиката, како и во другите сфери, има подеми и падови, има врвови и понори. Фотографијата на поранешниот премиер Никола Груевски како стои пред железната ограда што ги делеше протестантите од полицијата пред Кривичниот суд, ќе биде прилог за историјата како една недопирлива политичка фигура за своите политички интереси и права сега мора да се бори лично и на улица.
Фотографијата покажа, исто така, дека Груевски полека но сигурно политички останува сам, дека постепено го напуштаат најблиските соработници, а како што се виде и до неодамна бројните поддржувачи. Зад него, во одбрана на приведените, не се појавија ни Никола Тодоровски, ни Сашо Мијалков, ни Гордана Јанкуловска, ни Никола Попоски, ни Миле Јанакиевски, а најгласен беше Филип Петровски, кој е ниско во хиерархијата на ВМРО-ДПМНЕ. Од подржувачите можеа да се избројат едвај двестотини, што е сигнал дека тие, а и членството на најголемата политичка партија во Македонија, се соочуваат со реалноста и со последиците од политиката што ја водеа десет години наназад во државата.
Груевски, според она што го соопшти вчера, го остави сам и претседателот на државата Ѓорѓе Иванов. Наспроти барањата од приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ да „одговори на ситуацијата како што треба“, поточно да се обиде повторно да им даде аболиција на осомничените за обидот за државен удар во Собранието на 27 април, тој порача дека одговорност за насилствата мора да има. И, таа малку морална амнестија што ја искажа во јавното обраќање не беше наменета за поранешниот премиер туку за членовите на движењето „За заедничка Македонија“.И Виктор Орбан деновиве се сретна со премиерот Зоран Заев и ја искажа поддршката за евроинтеграцијата на Македонија, иако до неодамна правеше се да го спаси од пораз Груевски.
На Груевски почнаа да му вртат грб и обвинетите во случаите на Специјалното јавно обвинителство. Се повеќе од нив почнуваат да ја признаваат вината за делата за кои се обвинети, при што прашање е колку од нив зад сцена се пријавиле за заштитени сведоци. Колку што слабее моќта на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ толку расте сознанието дека никој не е заштитен од дострелот на правдата.
Иако се прави обид за креирање политичка криза околу последните апсења, никој веќе не верува дека најголемата опозициска партија има таква внатрешна обединетост и таква надворешна сила и подддршка за да успее во тоа. И ако бараат „правда“, онака како што тие ја разбираат, приведените приврзаници, пратеници и членови на оваа партија ќе мора во иднина да се ослонат на законите, а не на улицата. Во јавноста и во судницата Груевски и приведените ќе мора да докажат дека здравјето на Едмонд Темелко е поважно од некакви си причини од тоа на Томислав Кежаровски, на Ване Цветанов, на Велија Рамковски и други жртви на нивното владеење. Ќе мораат да не уверат исто така дека титулите и заслугите на Игор Дурловски, на Владо Јовановски, на Бетмен Велит и на нивниот воен херој Јохан Тарчуловски се поголеми од Уставот и од законите. Дека пратениците Крсто Муковски, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски и тројцата останати добиле мандат од граѓаните да поттикнуваат, да охрабруваат и да овозможуваат насилство или самите да тепаат. Ако не можат да го докажат тоа, ни стоењето на барикади нема да им помага.