Интервју со Петар Богојески: Пропуштена шанса за национален конзензус

Активностите и ставовите за успешен референдум со цел Македонија да стане дел од евроатлантските структури го чинеа Петар Богојески разрешување од функцијата заменик-генерален секретар во ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека 2018 година е промашена на сите полиња, затоа што како држава не успеавме да изградиме консензус по клучното прашање. Богојески оценува дека неуспешниот референдум ќе се рефлектира во сите сфери, а цената ќе ја платиме неколкукратно. Владата не работи добро, а ВМРО-ДПМНЕ се „прочистува“ со кадри од груевизмот. Во интервју за „Независен весник“, Петар Богојески порачува дека ако амнестијата за оружениот конфликт од 2001 година не ги растресе столбовите на правниот систем, и амнестијата за настаните од 27 април нема да предизвика ломови. Најмногу од причина што нашиот правен систем нема столбови, а со тоа и нема што да се растресе.
Г. Богојески, каков е моментно Вашиот статус во ВМРО-ДПМНЕ откако партијата Ве разреши од функцијата заменик-генерален секретар? Одите ли во седиштето на партијата, дали сте активен на партиските собири?
-За мене ова беше исклучително интензивна година, особено поради јавните настапи. Во исто време, исклучително поучна година во која стекнав искуство во делот на политиката, како никогаш досега. Функциите доаѓаат и си одат. Битно е да се остане човек, верен на принципите и вредностите за кои се залагаш. Тука мислам дека покажавме многу, сите ние кои сме промотори на процесот на реформи во ВМРО-ДПМНЕ и во целото општество. Останавме доследни на она во кое силно веруваме. Исто така, остануваме оптимисти дека тој комплициран процес на крајот, сепак, ќе успее. Лично не учествувам на последните протестни маршови, зашто ги сметам за безидејни, бесцелни и обид да се воскресне концептот на „Заедничка Македонија“, кој беше најпогубен за ВМРО-ДПМНЕ, а најкорисен за СДСМ.
Што точно се случува во моментов во ВМРО-ДПМНЕ? Впечаток е дека по бегството на Никола Груевски и апсењето на Сашо Мијалков, стивна бурата по серијата исклучувања и разрешувања од партијата?
-На политичката сцена во Македонија се случуваат толку многу значајни процеси, што внатрепартиските дневни случувања во ВМРО-ДПМНЕ се навистина маргинален процес. Сакам само да истакнам дека сè што се случува во македонското општество е тесно поврзано со политичките партии. Оттука, прашањето за практикување на внатрепартиската демократија е од јавен интерес. Тука апелирам на граѓанска будност и конечно отворање на процес за донесување нов закон за политичките партии, со кој „власта“ ќе ја преземе републиката во свои раце, односно ќе се воспостават минимални стандарди за демократско уредување на партиите. Решенијата да се преточат во партиските статути. Интересен е процесот на „прочистување“ на партијата од страна на перјаниците на груевизмот. Сепак, најголем проблем се „киднапираните“ општински комитети. Таму е причината за овој дефетизам, кој ја поплави партијата. Нам ни треба модерна и напредна партија, надвор од интересот на тесен круг личности.
-За Македонија 2018 година беше исклучително важна и со историски случувања. Каде е ВМРО-ДПМНЕ во сите тие настани?
Неуспехот да изградиме национален консензус за државните интереси на Македонија ја прави 2018 година на испуштена историска шанса за македонско национално единство. Без разлика дали на процесот за средување на билатералните проблеми со соседите ќе се гледа низ позитивна или низ негативна призма. Нема дилема дека ова се историски настани и дека ќе ги изучуваат генерациите кои доаѓаат. За жал, повторно сите процеси се одвиваат преку меѓународна медијација, која е клучна за запазување на македонската државност. Пропуштена беше можноста да се испрати громогласна порака до светската јавност. Оставивме работите да се решаваат во балканската кал, преку балкански методи. Тоа секој од нас Македонците ќе го плати повеќекратно. Самите така избравме. Како секогаш, така и сега, најскапо ги плаќаме сопствените историски грешки. Се надевам дека идните генерации ќе бидат многу помудри од сегашната, ќе донесуваат одлуки и ќе го изградат достоинството на Македонија. Сепак, ако во фокус ги ставиме економските политики, тука скромно е да констатираме пропусти во одредени области. Едноставно, само можеме да констатираме стагнација во сите економски сектори. Владата се покажа како исклучително неподготвена да реализира што било од ветеното на овој план. Даночните реформи и продолжената злоупотреба на казнената политика допрва ќе ја урнат економијата на земјава. Станува неподносливо да се раководи мал бизнис и од него да се храни семејството. Но сега е важно да преживее државноста. Тоа е доволно за следниве 10 години.
Од друга страна, 2018 година е изгубена година за ВМРО-ДПМНЕ. Партијата остана надвор од историските процеси. За светската и за дел од домашната јавност, ние застанавме на погрешната страна на историјата и со тоа ризикуваме да ни се повтори ’45-’49 година. Се надевам тоа ќе биде избегнато. Се пропушти драгоцено време за суштински реформи во партијата за да се подготви за победа на изборите во 2019 година. Изостанаa демократизацијата и модернизацијата, а европските политики се мисловна именка. Огромното влијание на луѓето од поранешното раководство, кои инсистираат на практикување на груевизмот, како модел на управување со партијата, се провлече цела година. Исто така, и недостатокот од храброст да се направат некои чекори. За жал, добар дел од „новите ликови“, исто така, се „крстат во груевизмот“, што претставува сериозна загриженост како да се оди понатаму.


Дали Законот за амнестијата, за кој гласаа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, може да ги растресе столбовите на правниот систем?
-Правда секому, амнестија никому. На Македонија ѝ треба кредибилен евроинтеграциски процес. Не можеме преку прекршување на европските вредности и практики да зборуваме за европеизација на земјата. Тоа е смешно. Најмалку на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја поддржаа процедурата за промена на Уставот, им е потребна амнестија. На тој начин, тие самите се изложуваат пред историскиот суд. Нивниот глас „за“ треба да биде глас на визијата за европска Македонија. А проблемите со личните судски постапки треба да се разрешат низ правична процедура, каде што е претерана квалификацијата дека извршиле терористичко дело. Тоа е неодржливо. Ако амнестијата за оружениот конфликт од 2001 година не ги растресе столбовите на правниот систем, ни оваа последна амнестија за настаните од 27 април секако нема. Најмногу од причина што нашиот правен систем нема столбови, а со тоа и нема што да се растресе.
Што беше поспектакуларно: бегството на Груевски или амнестијата? Какви пораки можат да се извлечат од двата настана?
-Можеби мислите поскандалозно? И двата настана имаат заеднички содржател, а тоа е цената на пропаднатиот референдум, цената на пропуштената шанса одлуката да ја донесат македонските граѓани. Сега почитувани мои сограѓани, без многу емотивни испади, подгответе се да платиме уште повеќе.
Кој е поконфузен во овој момент – СДСМ како владејачка партија или ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција?
-Можеби најтешкото прашање за мене. И двете доминантни политички партии од македонската политичка сцена се потонати во сопствениот егоизам и тесни интереси. Во овие моменти ВМРО-ДПМНЕ работи за СДСМ, а СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ. Најупорниот ќе изгуби. Тоа дејствува погубно по мотивот за политичка будност и активизам кај граѓаните. Сепак на крајот, самите граѓани ги избираат политичарите, па оттука оваа состојба е резултат најмногу на таквите одлуки.
-Што може да донесе 2019 година – и за земјата и за Вашата партија ВМРО-ДПМНЕ?
Треба да останеме оптимисти. Пред нас е големата надеж. На државата ѝ треба помош, поддршка од секого од нас. Всушност, тоа е наша основна граѓанска должност. Не треба сè да ѝ се остави на Владата и чекајќи да пропадне Владата, да направиме да ни пропадне републиката. Ќе повторам, македонската државност нема цена. Таа е највисокиот македонски национален интерес. Во таа смисла, очекувам ВМРО-ДПМНЕ да ги мобилизира сите човечки капацитети и во партијата, но и надвор од неа, да ги стави на располагање на државата, да работат на најнапредни концепти и решенија за иднината на сите нас. Владата покажа низа слабости и ја остави земјата неподготвена спроти клучната 2019 година, кога требаше да станеме земја членка на НАТО и да отпочнеме преговори за членство во ЕУ. За жал, влезот во алијансата е одложен за 2020 година, што за мене е неприфатливо. Се чувствувам беспомошен како човек поради тој факт. Потребен е итен ангажман на сите нас, власт и опозиција, да ставиме на знаење на авторитетите од НАТО дека сакаме полноправно членство во НАТО во 2019 и точка. Тоа е наш врвен безбедносен национален приоритет, во пресрет на случувањата во Косово. Посакувам тоа да го сработиме во 2019 година. Оптимист сум за почеток на преговори со ЕУ поради тоа што силни меѓународни фактори ѝ помагаат на Македонија во подготовката. За жал, и тука потфрламе ние Македонците и чекаме други да ни ги сработат нашите домашни задачи. Тоа треба да го промениме во 2019 година. А за ВМРО-ДПМНЕ, се надевам дека следната година ќе биде година на консолидација и длабоки промени, со оглед на фактот што нè очекуваат претседателски избори.
Имате ли сознанија дали во партијата почнало разгледувањето на можните кандидати за претседателските избори?
-Да, секако. Се спомнуваат некои личности, кои се силно поддржани од новоформираното крило, кое мисли дека е „тврдо“ во последниве две години. Не би изложувал име на кој било сопартиец, со оглед на фактот што немам никакво влијание во изборот на кандидатот. Оној што ќе го избере кандидатот тој ќе ја сноси одговорноста за изборниот резултат. Меѓународната изолација на партијата и нарушениот кредибилитет пред граѓаните сериозно ја отежнуваат претседателската битка за нас. Се надевам на најдобро, не само за Република Македонија, туку и за ВМРО-ДПМНЕ.
Горан Адамовски