Има многу трошачи на јавните пари како ДИК

Абдулменаф Беџети

Буџетот како најважен социо-економски документ на државата, покрај другото претставува и субстанцијален инструмент за мерење на демократичноста и капацитетот на државните институции. Основните постулати и критериуми за добро владење се најпрепознатливи кај буџетскиот процес – од планирање, програмирање, буџетирање, па се` до извршување. Тие принципи почнуваат со транспарентност, одговорност, ефективност и завршуваат со отчетност. Од  демократскиот капацитет на институциите зависи и степенот на нивната примена.

Впрочем, Господ да ги благослови САД, а посебно нивните амбасадори. Требаше ли да се дозволи амбасадор на САД да не прозива? Изгледа оти така треба во овој наш Западен Балкан. Благодариме ваше екселенцијо, амбасадоре Бејли. Ќе бидете запаметен!

Точно пред три години (ноември 2014), тогашната амбасадорка на САД во Република Косово, Јакобсон , поради неодговорното и екстремното калкулирање со институциите бидејќи неколку месеци по изборите не се составуваше влада, директно им плесна на косовските политичари, и тоа на албански јазик ,,немојте да ја посерете работата“! Една година подоцна, при калкулирање со реформите во правниот систем на Албанија во т.н. процес на верификација  на судските структури на сите нивоа, амбасадорот на САД, Доналд Лу, сред Тирана на конференција на судии директно, во лице, им плесна на судиите дека на некои од нив рачниот часовник им чини колку неговиот амбасадорски автомобил (претпоставувам некој џип на Џенерал Моторс или во најмала рака некој Крајслер.

Пораката на амбасадорот Бејли среде Скопје јас не ја сфатив како шлаканица врз ДИК и нејзините неодговорни членови,за наша несреќа едногласни во мислите и менталната матрица! По огромниот јавен притисок, ним им требаше повеќе од една недела за да делуваат. Тоа беше успешна шлаканица за мнозинството, кое, без разлика дали намерно толерира или опортунистички се однесува, покажува огромна слабост за капацитетот на управување. Да биде грешката уште поголема, мнозинството на чело со премиерот се оградува со оправдување дека ДИК е независна институција каде Владата не сака да интервенира и да ја нарушува институционалната независност. Вака велеше и режимот на Груевски за ,,независноста“ на судската власт се додека не ги слушнавме ,,бомбите“! Ако навистина вака мислат, ова е голема глупост од проста причина што Владата е надлежна за извршување на буџетот како со внатрешната, така и со надворешната контрола на трошењето на јавните пари.

Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии за четиригодишниот период (2018-2020) е одлично структурирана и сеопфатна. Во првото нејзино поглавје, како основна зацртана цел е подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавната потрошувачка. Но, во неа се наоѓаат чудесни и парадоксални констатации. На пример, се вели: „Јавниот долг изнесува 4,74 милијарди евра или 46 проценти од БДП. Како резултат на прудентната фискална политика во изминативе години,

Република Македонија останува умерено задолжена земја“! На која прудентна фискална политика мисли авторот на оваа констатација? На таа политика за трошење јавни пари, како на пример, износ од над 37 милиони евра за еден национален театар каде што пропаѓаат и кршат ребра глумци на сцената или на кој по само 3-4 години од изградбата му протече покривот? Па што дека во него се монтирани и сваровски лустери од Австрија во милионски износи! Можеби вреди, бидејќи со тоа сме влезени во нивните каталози како промотивни потрошувачи на земја со над 30 проценти степен на сиромаштија!

Во истата програма, поточно во второто поглавје, како приоритети и резултати се зацртани дури седум цели, од кои најмалку четири таргетираат буџетски корисници кои, на пример, се однесуваат кон јавните пари како ДИК! Па што дека потпретседателот на ДИК (инаку магистер на науки од Питсбург Универзитетот) за ова однесување се споредува со бонусите на менаџментот на АД ,,Пивара“ Скопје.

Некои членови на ДИК, трудејќи се да се оправдаат пред јавноста, барем во нешто беа сосема во ,,право“ кога јавно кажаа дека има многу како нив во оваа држава. За жал, апсолутно се во право. Ги има многу, почнувајќи од разни регулаторни „независни“ тела, разни комисии и институции, па се` до разни управни, па и надзорни одбори на Владата во јавните претпријатија или установи. Во сите овие тела и структури има најразлична политика за надоместоци и наградувања, а во многу од нив дури и со дуплирани позиции, без разлика на нивниот конфликт на интерес. Дури и таму каде Владата е малцински акционер, како на пример кај „Телеком“. Да биде парадоксот уште поголем, во многу такви јавни претпријатиа, и покрај тоа што имаат структурални загуби, имаат менаџерски и надзорни профитери поединци.Владата да ги објави сите, поименично. Не поради нас, туку поради неа!

Амбасадорот Бејли со право најмногу се фокусира на нетранспарентноста на ваквиот тип одлуки. Затоа, крајно време е Владата, која во своите редови и на различни нивоа има најголема „војска од граѓанскиот сектор“, без одлагање да ги објави сите тела, комисии, установи… кои се наградуваат од јавни пари, поименично и по износи! Спротивно, ние ќе го сториме тоа, колку и да се труди Владата да ги ,,класифицира“ тие информации. И во овој момент поседуваме стотици примери , но очекуваме надлежните институции да го прават тоа. Така почнавме и со претходниот режим кога ги криеше огромните буџетски намени под класификацијата ,,разно/друго… и сл.“, и покрај тоа што износите беа повеќе од половина од синтетичката буџетска позиција. Токму во 2009 година, заедно со сегашниот советник на премиерот за економски прашања го започнавме тоа.

Разликите во надоместоците и наградите во овие тела воопшто не корелираат со целите на успешност или со резултатите од работењето. Низ овие тела (со огромни разлики) седат партиски кадри, најчесто „милитанти“, а најретко професионалци. Проблемот не е само до фискалните и финансиските ефекти на јавните тела и установи, туку во „креирањето борци за лична профитна кауза“! Зарем толку брзо ги заборавивме „каракамишевото“ или „никовското“ олицетворение! Целата оваа фела, која најчесто е најмалку заслужна за да се етаблира таму, претставува одлична ,,смеса“ за дисторзија на демократската власт. И структурите на претходниот режим во првите две години не беа такви, нив системот ги етаблира, креира и форсира. Ако вака продолжиме, бетер ќе биде. А, мене ми е жал, не зашто протестиравме и се боревме цели 7-8 години, туку зашто се изедначуваме и се упросечуваме како да сме исти. Ми е жал што нема да ми веруваат ако кажувам дека јас не сум таков.

Ете, затоа се бара институционален капацитет. А тоа е предуслов за успешност!

Авторот е академик

(Текстот е објавен на академскиот блог ResPublica. Можете да го прочитате овде )