Изгласани сите Предлог амандмани за измена на Уставот

Предлог-амандманите за измени на Уставот, согласно Договорот од Преспа беа поддржани денеска од пратениците во собраниската Комисија за уставни прашања.

На седницата на која се расправаше за предлог-амандманите на Уставот не учествувуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Седницата ќе продолжи утре во 13 часот, а на неа на дневен ред ќе биде втората точка – предложениот уставен закон за спроведување на амандманите.

Во фокус на дебатата беше државјанството односно членот 2 и ставот 2 каде што се предвидува државјанството да биде „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“.

Забелешките доаѓаа од пратениците од Алијансата на Албанците и од Беса кои бараа во делот за државјанството каде е наведено „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“, да биде избришан терминот „македонско“ и да пишува само ,,државјани на Република Македонија“.

Со оваа формулација не се согласуваат пратениците од Алијансата на Албанците Зијадин Села и Фадил Зендели од Беса. Пратениците Соња Мираковска од НСДП и опозицискиот пратеник Панчо Минов од ГРОМ, пак, ги поздравија интервенциите во предложените амандмани по собраниската дебата и јавните расправи организирани од Владата.

Села смета дека со ваквата формулација се губи смислата на Уставот и се создава поделба на граѓаните на Македонци и останати која се одразува во општеството. Тука според него, но и според Зендели треба да стои „државјани на Република Македонија“. Лидерот на Алијансата на Албанците го обвини премиерот Зоран Заев дека, како што кажа „гради моноетнички национален концепт“ и оти го наметнува во државата.

За државјанството, рече Зендели, не се разговарало во Парламентот, туку сега на „шверцерски“ начин се става во предложениот уставен закон за спроведување на амандманите. И тој, како и Села има поднесени амандман до Комисијата за членот 2 став 2 од уставниот закон што се однесува на државјанството. Дополнително интервенциите што се направија во предложените амандмани по јавните дебати, според него, се шминкерски и оти во уставниот закон се става нешто што не е онака како што е наведено во Договорот од Преспа. Пратеникот на Беса рече дека амандманот што го поднел на овој член е според Уставот.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи реплицирајќи им на пратениците Албанци рече дека интервенциите се направени во согласност со Договорот од Преспа, што беше и причина за уставни измени, додека етничките прашања се опфатени со Охридскиот рамковен договор, кој ќе стане составен дел на Уставот.

Опозицискиот пратеник Панчо Минов од ГРОМ, чии што предлози за интервенирање во уставните амандмани делумно беа прифатени од страна на Владата особено во делот на примената на Преспанскиот договор, рече дека тоа многу ќе влијае на неговото гласање на пленарната седница кога и треба да се донесат уставните амандмани.

Минов предупреди дека во вака специфичен момент за Македонците кога се менува уставното име на државата, што предизвикува револт, горчина, болка, на седницата на Комисијата се оспорува идентитетот на мнозинството граѓани и оти треба да се потенцира дека сето ова има една смисла а тоа е влез во ЕУ и НАТО.

За Предлог-уставниот закон беа поднесени седум амандмани и тоа Алијансаната на Албанците, од Беса, Мухамед Зекири и Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Амандмани на предлог-амандманите за пленарната седница може да се понесуваат најдоцна осум дена пред почетокот на седницата, која е закажана за 9 јануари следната година.  За усвојување на уставните измени во третата фаза потребно е двотретинско мнозинство.