Изборите се нов референдум

Ѓорѓи Спасов

Во Украина претседателските избори ќе се одржат на 31 март следната година. Приближно во тоа време ќе бидат одржани и претседателските избори во Македонија. И додека во Украина веќе 15-ина политичари, јавни личности и бизнисмени објавија дека имаат намера да се кандидираат за таа важна функција во државата, а десетина агенции за испитување на јавното мислење веќе со месеци наназад редовно ги мерат и ги објавуваат шансите на тие кандидати за победа на изборите, нас во Македонија мува не нè лази.

Иако Македонија не е земја со полупретседателски систем како Украина и овластувањата на претседателот кај нас се значително помали отколку во земјите со претседателски систем (како САД) и со полупретседателски (како Украина и Франција), сепак, молкот околу можните кандидати за иден претседател на Македонија и слабиот интерес на кандидати за таа функција изгледаат малку невообичаено.

Една од причините за тоа е што најголемата опозициска партија во земјата во моментов не знае кај ѝ е главата. По бегањето од земјата на Никола Груевски, притворањето и судењето на голем број бивши функционери на партијата, исклучувањето и разрешувањето од функции на пратеници кои не мислат како лидерот Христијан Мицковски, ВМРО-ДПМНЕ тешко и ќе најде кандидат за таа функција, кој доброволно ќе прифати да учествува во поразот на тие избори. Но, сепак, Мицковски изгледа дека веќе ја започна изборната кампања за претседателските избори со протестите што ќе ги одржува секоја среда пред Владата. На првиот од нив веќе повика: „Ајде да победиме на претседателските избори и со тоа да ставиме крај на овој мрачен режим и да ја исправиме Македонија на нозе“. Со други зборови, Мицковски најави дека претседателските избори има намера да ги претвори во еден вид нов референдум за тоа во која насока ќе се движи Македонија.

Од друга страна, СДСМ засега има други поважни работи. Политичката судбина на Заев и на СДСМ, па и евентуалниот успех или неуспех на претседателските избори ќе зависи пред сè од тоа дали ќе успее да го зачува потребното двотретинско мнозинство за промена на Уставот, по што и Грција треба да го ратификува Преспанскиот договор. Ако се одржи тоа мнозинство, Македонија по ратификацијата на договорот од страна на Грција ќе добие покана за членство во НАТО, ќе добие и датум за започнување на разговорите за членство во ЕУ и ќе има многу заслужни за тој голем исчекор на Македонија. Меѓу нив, освен премиерот Заев, кој веќе објави дека нема намера да биде кандидат за претседател на државата, се секако неколкуте најзаслужни за тој успех, како што се Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Стево Пендаровски и Бујар Османи. Претседателските избори во тој случај ќе бидат не само уште еден потврден референдум на веќе донесената одлука за поддршка на договорот со Грција, кој ги отвора вратите на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ, туку со победа на нив сегашната владина коалиција ќе ја отстрани најголемата пречка во земјата за продолжување на тој процес која се вика Ѓорге Иванов. На Македонија ѝ е потребен претседател кој ќе го потпише веќе ратификуваниот договор со Грција, законот за јазиците, законот за прогласување на Уставот по промените, кој исто така ќе го гарантира владеењето на правото и кој нема хистерично да се спротивставува на сите политики на владиното и на парламентарното мнозинство. Но потребен е и претседател чиј легитимитет конечно ќе биде признаен од сите политички партии во Македонија.

Оттука ДУИ, како „ексклузивен претставник на политичките права на Албанците“, одново излегува со идејата дека при изборот на претседател на државата Албанците „не смеат да бидат надгласани“. И за да не се случи тоа и да не мора одново ДУИ да ги бојкотира изборите за претседател, како во 2014 година, а Македонија да добие претседател чиј легитимитет ќе го почитуваат сите политички партии, навестува дека партиите од владината коалиција треба да излезат на тие избори со претходно „консензуално утврден кандидат за таа функција“.

Ова само по себе не изгледа спорно ниту компликувано, иако во секоја од партиите има процедура за кандидирање и на крајот, нивниот кандидат за претседател на државата се утврдува со тајно гласање на конвенцијата на партијата која ја сочинуваат сите делегати на нивниот конгрес. Имајќи ја предвид успешноста на предизборната коалиција на СДСМ и ДУИ за време на последните локални избори и заедничкиот интерес за избор на личност за претседател кој ќе ја поддржи реализацијата на политиката на Владата и на сегашното парламентарно мнозинство, може лесно се најде такво решение откако ќе се проверат рејтинзите на сите можни кандидати.

Но какви и договори да се постигнат меѓу партиите и колку и да се нагласува референдумското изјаснување на граѓаните на овие избори, може да се случи тие да бидат неизвесни до последниот момент.

Првпат вакви избори се одржуваат речиси на половина од мандатот на новата влада, кога можат лесно да се мобилизираат протестни гласови од страна на опозицијата. Се одржуваат во услови на силна политичка конфронтираност меѓу власта и опозицијата по одржаниот референдум за името и во време на засилување на глобалните политички судири на Балканот. И овој пат, со нив не се одржуваат истовремено ниту парламентарни ниту локални избори, како што беше случај во 2009, и 2014 година, па дополнителна мобилизација и мотивација на избирачкото тело нема да има.

Ако се има предвид дека владејачката коалиција на референдумот, кој беше бојкотиран од опозицијата, обезбеди излезеност од 666.344 граѓани или околу 37 отсто од избирачкото тело, а за успешен избор на претседател на државата е потребна излезеност од најмалку 40 отсто од запишаните во избирачкиот список, тогаш станува јасно дека без договор на сите политички субјекти во земјава дека нема да има бојкот на вториот изборен круг, Македонија тешко ќе избере претседател.

Ако владината коалиција, со заеднички кандидат за претседател, уште во првиот круг од изборите обезбеди нејзиниот кандидат да ги добие оние 609.427 гласа што ги доби на референдумот, тоа може да биде гаранција дека нејзиниот кандидат ќе биде избран уште во првиот изборен круг. Но прашање е дали претседателските избори нема да ги искористат поголем број партии, за во првиот круг да добијат медиумско внимание и да си ја измерат својата политичка поддршка меѓу гласачите со свои кандидати, за кои ќе обезбедат 10 илјади потписи.

Ако нема договор, тоа може да го направат и Алијансата за Албанците и ДУИ и Беса, а и многу други независни кандидати од македонскиот етнички блок.

Иако се чини дека има многу време до одржувањето на претседателските избори, за мерење рејтинзи, за договарање и носење одлуки, па и за кампања, се чини дека некои подготовки треба веднаш да започнат. Првата од нив е секако е да се постигне договор меѓу партиите во владејачката коалиција (пред сè, помеѓу СДСМ и ДУИ) околу заеднички прифатлив кандидат за претседател на државата. И втората е да се потпише некаква декларација за фер избори меѓу сите партии што ќе учествуваат на изборите дека никој нема да го бојкотира вториот изборен круг (односно, барем овој референдум) независно од резултатите во првиот изборен круг.

Без таков договор, може да ни се случи да не се избере претседател за првпат во Македонија, или одново да имаме претседател на кого нема да му се признава изборниот легитимитет.

Само за потсетување, во првиот изборен круг на претседателските избори во 2014 година кои ги бојкотираше ДУИ, излезеноста беше 37,5 отсто, а во вториот изборен круг, кој се одржуваше истовремено со парламентарните избори, излезеноста беше само 41,1 отсто со сите можности кои ВМРО-ДПМНЕ таа година ги имаше за изнесување на своите поддржувачи на избирачките места и за фалсификување на изборната волја.