Идеологијата на модерните народни партии

Костадин Богданов

Неколкудецениската самостојност на државата несомнено покажа дека политичкиот живот во Македонија треба(ше) да се гради првенствено врз идеологиите вградени во внатрешните документи на двете најголеми македонски политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Иако во меѓувреме, во неколку наврати, истите беа подложни на себепрочистување, сепак, до ден-денес овие две партии останаа два главни носечки столба, две алтернативи на македонскиот политички пазар кои, барем теоретски, требаше да понудат различни начини кон остварување на една заедничка цел – просперитетно и развиено македонско општество. Едната треба(ше) да биде центар-десно позиционирана, а другата центар-лево. Сепак, неколкудецениската самостојност сведочи дека Македонија е сѐ уште млада демократија за една таква реска филозофска поделеност, па не ретко политиките на „десните“ се движеа кон либерализам со социо-примеси, додека политиките на „левите“ беа во дел, по учебник, обележја на конзервативните партии. Таквото несвојствено идеолошко дејствување, особено изразено во последната деценија, беше резултат на потребата од собирање на дневнополитички поени и билдање на виртуелен партиски рејтинг, и најчесто во политичката филозофија тоа се нарекува популизам (и левичарски и десничарски), односно политика на „ниски страсти“.

Страсти кои во секое време кај секој поединец или групи во општеството, а особено кај „полуинформираните“ можат веднаш да бидат разбудени и подоцна предмет на лесна манипулација, но, за жал, само со краткорочен ефект. Последиците што остануваат на среден и долг рок предизвикани од таквиот краткорочен „успех“ на популистичката филозофија можат да бидат навистина длабоки за општеството во целина, особено кога станува збор за недоволно социолошки развиено општество како нашето. Впрочем, тие последици од политиката на „ниски страсти“ секојдневно се чувствуваат и можеби се една од главните причини за сегашната внатрешна поделеност и меѓусебен анимозитет, кој најдобро наоѓа самопотврда во актуелната доктрина на „предавници“ и „патриоти“.

Доколку тргнеме од сознанието дека (еден) извор на внатрешниот општествен антагонизам, па и меѓусебната гола омраза (судејќи по коментарите на социјалните мрежи) се токму политиките насловени како популизам, тогаш лесно може да се заклучи дека решението за општественото помирување се наоѓа во внатрешните акти на овие две партии, а тоа е враќањето кон нивната изворна идеологија зацртана во статутот. Во случајот на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е модерната идеологија на народните конзервативни партии, која во себе содржи шест елементи, суштински спротивни на филозофијата на популизмот.
Првиот елемент е политички либерализам. Народните партии се залагаат за суштинска демократија во општеството изразена преку фер изборен модел. За народните партии, политичкиот конкурент (или противник) во тој модел, не е антидржавен елемент ниту елемент кој треба да се уништи и никогаш да не му се даде шанса да раководи со државата. За народните партии е сосема вообичаено и здраво да се има различни мислења и политики во едно општество и по најсензитивните теми, и сосема е нормално да се случуваат периодични промени на власта. Народните партии ги почитуваат своите политички конкуренти и градат со нив консензус по значајни прашања. И тоа не само заради нив, туку заради следните генерации.

Вториот елемент е довербата во институциите. Народните партии веруваат во институциите на сопствената земја. Веруваат во судството, веруваат во администрацијата, веруваат во полицијата, веруваат во војската… Веруваат дека секоја недоследност, забелешка или несогласување може да се реши низ системот на домашните институции бидејќи ти се олицетворение на државата, односно нивната негација означува и негација кон самата држава која тие партии претендираат да ја водат. Народните партии веруваат во доктрината на слободна и непартиска држава. Во професионални институции кои не служат претежно за вдомување на партиски кадри.

Третиот елемент е потребата од градење плурално и инклузивно општество. Народните партии имаат за цел да ги вклучат сите групи во општеството во општествените текови. Особена грижа водат кон маргинализираните групи бидејќи секој има право на достоинствен живот со еднакви шанси, а во согласност со демохристијанската филозофија. Ширење говор на омраза, ксенофобија или лажна супериорност е во спротивност со нивното политичко битисување. За народните партии мултикултурализмот и мултиетничноста на едно општество, претставуваат додадена вредност за општеството, потенцијал со огромни можности.
Четвртиот елемент е грижата за општествените вредности. Иако е тешко да се дефинираат и набројат точно кои се тие, сепак, социјалниот „капитал“ на едно општество најчесто дефиниран како „цивилизација“, односно социјални придобивки кои ја одразуваат природата на човекот и општеството во дадениот момент, народните партии не го жртвуваат поради краткорочни политички ефекти. Приватноста, сопственоста, владеењето на правото, еднаквоста, антидискриминацијата, солидарноста, сигурноста и безбедноста, здравјето, животната средина, образованието, слободните медиуми се само дел од концептот на современи општествени вредности за чија конзервација и унапредување се грижат народните партии.

Петтиот елемент е пазарен либерализам. Модерните народни партии во основа ја имаат идеологијата на отворен пазар за сите. Пазар кој ќе се развива самостојно, без надворешни интервенции. Пазар во кој државата нема да биде најголемиот работодавач и чија ликвидност нема да зависи од редовноста на државата во исплатата на нејзините обврски кон операторите. Пазар во кој успешниот, конкурентниот и иновативниот ќе господарат, а не оној што ја финансирал политичката кампања за изборите или е доволно близок со некој „горе“. За народните партии е неприфатливо да се злоупотребуваат државните институции за да се влијае на слободниот пазар.

И, конечно, шестиот елемент е вербата во ЕУ-интеграцијата. Модерните народни партии длабоко веруваат во перспективите што ги овозможува интеграцијата на европските народи. Веруваат дека блиската меѓусебна соработка, без граници, со заедничка валута и со сите разлики во степенот на развој на нивните економии, нема друга алтернатива за примарната цел – одржување на мирот и безбедноста на европскиот континент. За нив соседите на нивните земји не се „душмани“ кои сакаат да ги распарчат или да ги тргнат од „библискиот“ пиедестал, туку, напротив, во нив гледаат искрени пријатели со кои можат многу да споделат заради доброто на сопствените граѓани и развојот на нивните општества.

ВМРО-ДПМНЕ сопствената идеологија како политичка партија ќе продолжи да ја гради врз концептот на модерните народни партии. Вредностите на модерните народни партии ќе бидат дополнително засилени во новиот статут на партијата. Тоа е патот по кој партијата треба да се развива во иднина и да биде препознатлива во политичката арена како центар-десно ориентирана партија. Секако, рака под рака со сите извлечени поуки од минатото, во кое краткорочните ефекти од одредени политички филозофии се заканија да ја изместат од корен конзервативната идеологија на партијата по која таа требаше да биде препознатлива и да ја позиционираат како екстремна десница зачинета со популизам. Но, она што е многу значајно, е потребата овие вредности да се ползуваат и применуваат во пракса, секојдневно, ревносно и со силна верба во нив, за да не останат само деклараторни заложби на хартија. Само на тој начин, ВМРО-ДПМНЕ многу скоро повторно ќе ја добие честа и одговорноста да ја води државата, и со тоа да ги вгради овие вредности во севкупниот општествен систем заради просперитет и благосостојба на секој поединец во него.
(Авторот е член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ)