Иванов нема веќе муниција против договорот

„Апсолутното вето“ за законот за ратификација на договорот од Преспа е веројатно последната „муниција“ што претседателот Ѓорге Иванов ја искористи за опструкција на спогодбата меѓу владите на Македонија и Грција создавајќи со тоа терен и за свој политичко-правен „отстрел“ поради непочитување на Уставот.
Откако се придвижи процесот на уставни измени, како втора етапа по референдумот, на Иванов му се практично врзани рацете за понатамошни интервенции околу преспанскиот договор. Освен ако има намера да продолжи да го прекршува Уставот и да ризикува против него да биде по вторпат поведена постапка за импичмент во новата констелација на односи во законодавниот дом, кога ВМРО-ДПМНЕ не е веќе одлучувачки фактор за обезбедување двотретинско мнозинство.
По одлуката за пристапување кон уставни измени, Иванов се огласи во јавноста со оценка дека мнозинството народни избраници постапиле спротивно на волјата на народот на референдумот. Од друга страна, шефот на државата нема можност да влијае во процесот на промена на Уставот. Негова единствена надлежност во тој дел е да се јави како евентуален подносител на предлог за пристапување кон уставни измени, додека во финалната фаза од постапката нема потреба од негов потпис за амандманите што ќе се донесат. Иванов единствено треба да го потпише уставниот закон за извршување на амандманите што ќе бидат донесени, но во овој случај тој нема право на вето, со оглед на тоа што и оваа регулатива се носи со двотретинско мнозинство.
Според член 75 од Уставот, претседателот е должен да го потпише указот доколку законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Но Иванов еднаш веќе го прекрши Уставот со тоа што и по второто изгласување не го потпиша законот за ратификација на договорот од Преспа, како што направи претходно и со Законот за јазици. Поради тоа, процесот на спроведување на спогодбата тече без таа да биде објавена во „Службен весник“ што, пак, би значело нејзино стапување во сила. Засега нема конкретен одговор дали тоа што договорот не е објавен во „Службен весник“ може да претставува проблем при неговата ратификација во грчкиот парламент – чекор што би следел по донесувањето на уставните измени во земјата, односно во првите месеци од следната година, пред политичките субјекти во Атина да влезат во изборна кампања.
Со оглед на роковите за спроведување на договорот, невозможно е да се чека на смена на врвот на државата бидејќи мандатот на Иванов истекува кон средината на мај следната година. Од тој аспект, една од варијантите е договорот да биде објавен без потписот на Иванов. Претседателот на парламентот Талат Џафери во неколку наврати најавуваше таква можност, но тоа не се случи досега.
Џафери вчера за „Независен весник“ изјави дека во однос на договорот со Грција ќе се направи тоа што треба да се направи кога ќе дојде време. Џафери потврдува дека уставните амандмани, како што рече, не подлежат на верификација од претседателот на државата.
– Кај Иванов треба да биде доставен единствено законот за извршување на уставните измени. Но, со оглед на тоа што и овој закон се носи со двотретинско мнозинство, тој е обврзан да го потпише, така што нема можност да го суспендира. Не сакам да прејудицирам што би било ако Иванов и во овој случај одлучи до крај да го погазува Уставот – ни изјави Џафери.
Во една изјава пред извесно време, откако се постигна потребното двотретинско мнозинство за пристапување кон уставни измени, Џафери посочи дека парламентарното мнозинството би можело да покрене постапка за утврдување одговорност на Иванов за непочитување на Уставот. Сепак, тој посочи дека прво треба да се види расположението на осумтемина пратеници од опозицијата кои на 19 октомври гласа за пристапување кон уставни измени.
– За да се усвои барање за импичмент на претседателот потребни се две третини од гласовите што во моментот ги немаме. Би било непотребно да влеземе во процес кој знаеме дека би завршил негативно. За овие теми треба да се разговара со тие пратеници и ако тие дадат поддршка, секако дека тоа ќе се иницира – кажа Џафери.
Во новата пратеничка група што ја формираа пратениците што беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, според информациите, засега со резерва се гледа на можноста од импичмент за Иванов. Оваа пратеничка група останува во опозиција и нема да биде дел од парламентарното мнозинство. Оттаму велат дека не планираат да даваат бланко-поддршка за други владини предлози за чие донесување е потребно двотретинско мнозинство без консултации и усогласувања со мнозинството.
За вчера беше најавена средба на новата независна пратеничка група со премиерот Зоран Заев и министрите за надворешни работи и за правда, Никола Димитров и Рената Тренеска-Дескоска, за да се разговара за нацрт-амандманите на Уставот што Владата треба да ги достави до Собранието.
Пратениците посочија дека ќе се разговара за уставните амандмани во согласност со нивните барања за зајакнување на идентитетот, за одложена примена на името Република Северна Македонија по влезот на ЕУ и за ништовност на уставните измени доколку Грција не ја ратификува спогодбата.
Владејачките партии планираа разговори и со опозициската ВМРО-ДПМНЕ околу уставните амандмани, ама засега нема најава за консултации на тоа ниво. Петнаесетдневниот рок за доставување на нацрт-амандманите истекува в петок.

Нов распоред на сили и во Уставниот суд

Иванов не само што е првиот македонски претседател кој двапати беше избиран на непосредни избори, туку е и првиот досега кој се соочи со постапка за импичмент. Процесот против него, сепак, заврши во парламентот, без можност Уставниот суд да се изјасни дали шефот на државата ги прекршил Уставот и законите со колективната аболиција за случаите на СЈО.
Овој пат разликата е во тоа што СДСМ, како опозициска партија што тогаш ја покрена постапката за импичмент, сега ја има најмногубројната пратеничка група во собраниското мнозинство, наспроти ВМРО-ДПМНЕ, од чија пратеничка група, пак, беа исклучени осумтемина пратеници што го поддржаа владиниот предлог за пристапување кон уставни измени овозможувајќи двотретинско мнозинство.
Според член 87 од Уставот, претседателот е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. Постапка за утврдување одговорност на претседателот покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии. Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот, функцијата му престанува по сила на Уставот.
При покренувањето на првиот импичмент за Иванов, претпоставките беа дека во тогашниот состав на Уставниот суд нема да може да се обезбеди двотретинско мнозинство за евентуално „разрешување“ на претседателот, во случај постапката да се преселеше од парламентот во судот. Сега, и во Уставниот суд има поинаков распоред на сили, што се виде и при расправата за иницијативата за „замрзнување“ на референдумот за името. Претставката за оценување на уставноста на Одлуката за распишување на референдумот беше отфрлена во Уставниот суд со седум гласа „против“ и само два „за“.
Александра М. Митевска