За мувлата на македонскиот патос

 

Петар Арсовски

Неодминливо, постојано и повторно ме фасцинира упорноста со која голем дел од македонската нација ја одбива слободата. По не знам колку време, конечно имаме можност засекогаш да затвориме најголем дел од клучните прашања кои досега ни биле огромен камен околу вратот и со тоа да се отвориме кон светот, да затвориме едно огромно поглавје од несигурната историја и да зачекориме во зрелоста. Но, се појавува еден феномен: соочени со можноста зад себе да го оставиме балканскиот траор и ослободени од минатото да свртиме нов лист, како спонтано и масовно да нè фаќа паника од фактот што вечната борба ќе заврши.

Се прашувам, кој е тој длабок феномен кој толку слепо нè врзува за минатото, за маката, која е причината која нè спречува да се ослободиме од стегите кои нè врзуваат за маката на одамна мртви генерации и на сметка на тоа да ја ризикуваме иднината на нашите деца. Како да ни е поважен споменот на бабите и дедовците кои одамна се прашина, одошто среќата на идните генерации кои живеат овде и сега.

Мислам дека причината за овој невротичен страв е можеби комбинација на повеќе психопатолошки фактори. Првиот е релативно едноставен: ние сме вљубени во сопствениот патос. Опиени сме од приказните за вечниот македонски непокор, зависни од нашата болка. Ако не сме жртви, ако нема крв до колена, пискотници, лелекања и црнила, никаков наратив не нè возбудува. Не мислам дека е тоа чист мазохизам – тоа би било премногу едноставно објаснување. Коренот е подлабок, посуштински. Ние сме зависници од вечното страдање – кое го мразиме и сакаме истовремено. И како и секој зависник, имаме моменти на луцидност, во кои нашата зависност ја отфрламе со рационални аргументи, но интимно, во својата потсвест, ние си ја сакаме нашата болка. Така, можноста да се ослободиме од неа ја доживуваме со страв, со несигурност, со невротична паника.

Инаку, приказната за одбивањето нема никаква суштинска логика.  Во моментов, дури и ако ги прифатиме најцрните прогнози и тврдења за тоа што значи за нас договорот од Преспа, ќе дојдеме до едноставен и логичен парадокс. Еве, да претпоставиме дека најтемните сценарија се точни – дека договорот ги загрозува, најмалку делумно, нашите историски линии на самоспознавање и идентификација.

Што е загрозено, а што е на понуда? Загрозени се (условно) некакви дамнешни идеи, мемоарите на минатите генерации, чие време и онака е одамна поминато, историскиот поглед во ретровизор замачкан со патетичните лигавици на македонскиот идеализам. На сметка на ова, на понуда е иднина за оние што допрва треба да живеат, подобра ситуација веднаш, како и просперитетот на идните генерации. И ние сега треба, на сметка на аналите на историјата, кои или веќе сега фаќаат мувла, или ќе ја фатат наскоро, да ја жртвуваме благосостојбата на нашите деца, кои ниту барале, ниту сакаат да бидат дел од нашата трагедија. И зошто – за овие старциве, генерациите што одамна се прав, да бидат важни, да не им се наруши имиџот. Секој нормален би избрал подобро денес и утре, на сметка на пресек со националната меморија.

Сепак, зачудувачки, за голем дел од нашиве современици, ваквиот избор е невозможен. Соочени со потребата да ги закопаат историјата и навраќањето на вечната жртва и да исчекорат кон ново поглавје, кое секако (и во најпесимистичките варијанти) би било драматично подобрување од сегашната состојба, тие ја избираат болката, патосот. Или, уште поточно, спомените на болката. Во манир на чиста потсвесна патологија, не само што ќе ги одбијат слободата и промената, туку и ќе бидат крајно агресивни кон оние што ја промовираат, напаѓајќи ги исконски и жолчно. Тие не се способни да се променат во нација без страв и несигурност и хистерично ќе врескаат за тоа што сме загубиле и што сме „предале“ (измислените митови на вечниот непокор), бидејќи во суштина, не ги мразат оние што се сигурни и ослободени од националниот страв, туку се лути самите на себе што не можат да го поминат тој праг.

Психолошки, феноменот е релативно едноставен, но неговите последици се комплексни. Луѓето не се плашат за идентитетот или за „вечното име“, или за нацијата. Тоа се апстрактни конструкти кои без проблем се адаптирале и претходно – Македонија се викала со неколку различни имиња само во последните два века, а Македонците биле прекрстувани неколку пати – на „ов“, на „иќ“, како било згодно, па ете, сме опстанале и сме се адаптирале. Луѓето се плашат од затворањето на ова прашање, од слободата и одговорноста која доаѓа со тоа. Се плашат дека ќе мора да влезат во конкуренција на глобалниот пазар, каде што нема клиентелизам, роднини и врски, се плашат дека ќе мора да работат, дека ќе бидат одговорни за сопствените постапки, дека ќе мора да се натпреваруваат во систем во кој има поспособни од нив. Едноставно, се плашат од фактот што нивната судбина ќе зависи од нивната способност, а не од вечниот заговор „да се сотре македонското име“, кој засега е совршен изговор.

Таквиот патолошки страв е вграден во длабоката потсвест и ќе има сериозни последици за оние што сега под притисокот на моментот ќе одлучат да го пречекорат прагот на неизвесноста, а психолошки не се зрели за тоа. Таквиот чекор, кој во моментов е изнуден, кај голем дел од нацијата ќе се реперкуира во одмазда кон протагонистите на ваквата промена, кои ги „зезнале“ да одлучат, што е секако лоша вест за сегашната власт. Со други зборови – тие сега ќе загризат, ама ќе им паметат. Ќе бидат лути што сме ги разбудиле од сонот, зашто кошмарен, лажен или не, е полесен  за справување одошто реалноста.