За Македонцките работи

Звонко Давидовиќ

Пред 115 години Крсте Петков-Мисирков во книгата „За македонцките работи“ ги изнел своите научно-теоретски погледи за самобитноста и посебноста на македонскиот народ со историски пристап кон настанокот на другите европски и словенски народи, а како единствена замисла и цел за национална афирмација на македонскиот народ во современа модерна европска нација со своја слободна и целовита држава.
Посебен осврт и акцент Мисирков става на македонскиот, особено литературниот јазик, сфаќајќи дека јазикот е национален интерес на македонскиот народ и успешно средство за зачувување на македонската самобитност, различност и националната свест. Во миговите кога Македонците немале своја самостојна држава, Мисирков не случајно става акцент на македонскиот јазик препознавајќи силно средство во национално-политичката борба против туѓите пропаганди и обиди за асимилација.

Во изминативе 115 години овој народ изминал многу беспаќа , бил угнетуван, асимилиран, протеруван, негиран, многу крв пролеал и од многу работи се откажал, но никогаш не се откажал од својот вековен сон за своја самостојна држава, од вековната желба и копнеж да биде свој на своето. Вековната борба и упорност се оствариле делумно во создавањето на своја самостојна држава Република Македонија.

Од мигот на осамостојувањето до денешен ден овој народ и неговата држава поминале многу премрежиња и избегнале многу понори благодарејќи на мудроста и кроткоста на народот и делумно на политичарите кои успеале да ги артикулираат интересите на својот народ и да ги преточат во правна рамка на самостојната држава, правна рамка олицетворена во Уставот и законите.

Ако пред повеќе од еден век на Мисирков и на секој свесен Македонец им било јасно дека јазикот е гаранција за зачувување на националниот идентитет и е гаранција за создавање самостојна македонска држава во иднина, денес на секој македонски политичар и секој свесен Македонец треба да им е јасно дека функционирање на правниот систем, еднаква примена на законите за сите и одговорност за секого се основа за зачувување на таа макотрпно и крваво создадена држава и гаранција за нејзино напредување во иднина.

За жал, денешните политичари ја немаат мудроста на Мисирков, храброста на Карев и визионерството на Глигоров. Државата која ја добија на тацна, создадена, дефинирана и осамостоена, држава која служеше како пример за Балканот, денешните политичари ја разнебитија, создадоа земја за потсмев, кметовство за финансирање на своите психопатски визии и клептомански желби, ја доведоа на раб на пропаст и на дно на сите цивилизациски стремежи, а на врв на сите светски црни листи.

Изминативе десетина години беа негирани сите светли мигови од македонската национална историја од Илинден до АСНОМ, од Кирил и Методиј до Коста Солев Рацин. Се плукаше по херојството и крвта на македонските борци во Народноослободителната војна, свесно и намерно заборавајќи ги како нешто со што ретко која земја може да се пофали. Се подигаа и ѕидаа храмови фалсификувајќи ги нашето потекло, битките, борбите и стремежите на хероите кои ја натопиле ова земја со својата крв. И најмногу од сѐ ги кршеа Уставот и законите, фалејќи ја и промовирајќи ја посредноста и славејќи ги медиокритетите, ставајќи ги најнеспособните на најбитните места и намерно и смислено урнисувајќи го и приватизирајќи го судството, со што ја урнисаа државата и плукнаа на сето свето од минатото.
Поделбата на власт во Република Македонија веќе не постоеше бидејќи извршната власт стана креатор на сиот политички, економски и социјален живот, Собранието само ги аминуваше желбите на Владата со подигање на два прста, а судовите ги спроведуваа во живот на грбот на граѓаните. Партијата стана основна клетка на нашето живеење, стана услов и основа за вработување, механизам за богатење, гарант и обезбедување за неодговорност, криминал и одбегнување на законот и заслужената казна. Партиската книшка стана Библија, кредитна картичка, пропусница за удобен живот без работа и одговорност, легитимација за амнестирање на се и сешто, доказ за успешноста во животот. Ваквата барокна раскалашност на која би ѝ позавиделе и римските баханалии создаде и новоговор со кој успешно се бранеше неспособноста, лудилото и медиокритетството. Еден од најзначајните зборови во новоговорот стана зборот предавник. Овој збор означуваше сѐ и секого што беше во спротивност со античкиот барок и апашлакот на преродбениците. И навистина беа преродбеници. Го преродија менталниот склоп на луѓето и создадоа нација на сончогледи и подлизурковци , а од друга страна ги преродија своите банкарски конта и имотната состојба, од ништо на милиони евра и бескрајно многу имот. Со еден збор, оваа господа преродбенички и ударнички без пардон го деинсталираа правниот систем и правната држава, сѐ што вредеше и функционираше урнисаа и монтираа свој систем на безвредности, криминал и лично богатење.
Како што секој режим има свој крај така и на овој му дојде крајот со „бомбите“ кои одекнаа заедно со слоганот на шарените – нема правда, нема мир. Огромна беше надежта дека вистинските вредности ќе се вратат, дека повторно ќе бидеме пример за правна држава на еднакви граѓани, дека основа и услов за напредувањето ќе биде способноста и чесноста и дека криминалот ќе биде санкциониран, а секој што се огрешил од законот ќе биде повикан на одговорност. Како гаранција дека тоа ќе се случи беше формирано СЈО, беше даден збор на новиот лидер и збор на меѓународниот фактор.
Изминаа повеќе од две години од формирањето на СЈО и од огромниот обелоденет криминал, сѐ што добивме и што беше санкционирано се гаќите на една шмизла и пресуда со условна осуда. Од дадениот збор на новиот лидер добивме нефункционално Собрание, старо-нова економска елита, истите сончогледи на истите судиски функции и ниту еден од спомнуваните во предизборието повикан на одговорност.
Од меѓународниот фактор добивме уште полош совет на обвинители и обвинител од резервна клупа кој никако да заигра што би се рекло со фудбалски жаргон.
А за македонцките работи за кои многу луѓе несебично ги дадоа своите животи и ја натопија оваа земја, секоја нејзина педа со крв, ќе видиме што ќе се случи во најблиската иднина надевајќи се дека онаа песна од „Риблја чорба“ нема да се оствари, песна која оди некако вака – „за идеале гину будале…“