За историски пораз нема оправдување

Ерол Ризаов

Ако денот се познава по утрото и во циганско лето, Македонија е пред најголемиот пораз во својата современа историја.

Вчудовидувачки за здравиот разум, меѓусебна примитивна борба меѓу пратениците на националистичката анахрона политичка партија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на европски ориентирани пратеници и партии, кои го претставуваат мнозинството во Собранието, на очиглед на јавноста, деновиве тече како матен и надојден Вардар со добра изгледност за трагична разврска по 27-годишни напори, одречувања и блокади на европскиот пат. Македонија во својот парламент од своите народни избраници, по сопствена вина, се збогува од Европа со полни усти љубов на сите пратеници. Трогнувачка е глетката на актерските дострели на пратениците колку многу ја сакаат Европа, нејзините вредности и демократија, со колнење во искреноста за определбата кон ЕУ и НАТО, но патриотите во одбрана на татковината и на „невините жртви“, кои седат секој ден на судските клупи, ги отфрлаат со невидена леснотија евроатлантските интеграции, ја одбиваат поканата на НАТО и на ЕУ, која веќе нема да се повтори за недораснатиот кандидат.

Тоа се случува токму во моментот кога изгледите за остварување на најзначајните државни интереси и приоритети стануваат реалност во блиска иднина. Шанса која за земји како Македонија се дава еднаш или ниеднаш во историјата. И овие генерации граѓани, како и нивните претходници, стануваат сведоци на тажната вистина дека во Македонија не може ништо да се случи без големи маки и страдања, дури и кога независноста и слободата ни се дадени како подарок без ниту еден испукан куршум и без ниту една жртва. Македонија уште не знае што да прави со слободата. Претпочита камшик.

Како спасение, од една страна се нудат лаги на патриотите од последното прибежиште на криминалците, демек тие ја спасуваат земјата од капитулација и обезличување на македонскиот народ, а од другата страна се нуди помирување и простување на злоделата на арамиите и на обидот за убиства на пратеници со цел да се спречи примопредавањето на власта и конституирањето на парламентот по легални и веродостојни избори. Премиерот Зоран Заев во улога на самариќанин, која самиот си ја додели како наивен посипувач со пепел врз сопствената глава, понуди самоубиствен пазарлак за помирување и простување за обидот за државен удар лани на 27 април. Одекна како шок-бомба понудата за исплатливост на криминалот, корупцијата и насилството за да се изгласаат уставните промени. Таква трампа не може да си дозволи ни Трамп.

Напорите да се дообјасни што сакал да каже премиерот само ја потврдуваат неопходноста конечно да почне да го мери секој изговорен збор. Тоа што сто пати јавно кажал дека нема амнестија за криминалот не важи ни пет пари при понуда за помирување од парламентарна говорница и тоа за обиди за државен удар и за убиства. Заев може да им прости на тие што му ја кршеа главата, но не може никој да им прости на тие што го уриваа државниот поредок во Собранието. Организаторите на овој удар врз темелите на државата не ги исполнуваат ни најминималните предуслови за простување бидејќи ниту ја признале вината ниту се покајале за стореното дело, напротив, тоа го сместуваат во своите патриотски подвизи и арогантно бараат правда изигрувајќи херои и невини жртви. Нарачателите на овој упад во Собранието кукавички се тргнаа настрана оставајќи ги нивните извршители да се бранат пред судот.

Последиците од помирувањето и простувањето не можат да бидат жртвата што ја понуди Зоран Заев уште на стартот на преземање на одговорноста со смена на режимот на Груевски и со потпишување на договорот со Грција. Жртвата за која беше подготвен Заев и која треба да ја поднесе лично тој и оваа влада и власт се ударите кои беа очекувани при остварување на националните и државни интереси. Сите пречки што стојат на тој пат треба да се отстранат храбро во рамките за уставот и законите. Попречувањето на највисоките национални и стратегиски интереси не може да помине со амин на премиерот и на владата која ги има сите механизми и најголемата одговорност да ги спроведе во дело. Попречувањето на иднината на Македонија и нејзината европеизација не може да се отстрани со сервилни понуди за помирување со рецидивите на еден режим, туку само со јазикот кој најдобро го разбираат криминалците со бели крагни, а тоа е ригорозно владеење на правото и одбрана на државните и национални интереси и интересите на сите граѓани. Падот при остварување на виталните државни интереси е жртвата што се очекува од оваа влада и од Зоран Заев. Нема никакво оправување ако во тоа не се успее. Оправдувањата дека опозицијата не е конструктивна и не го проценила историскиот момент само го зголемуваат револтот во јавноста дека храбриот човек кој ги фрли „бомбите“ и ги откри најголемите злоупотреби на власта и ограбувањето на граѓаните и на државата и му рече на Никола Груевски да замине кога беше најмоќен; човекот кој застана на чело на движењето за соборување на режимот, откако дојде на власт омекнува секојдневно по најтешката добиена битка. Последните шок-бомби на премиерот Заев експлодираат во неговиот двор. Дали тој и неговите приврзаници ќе цимолат од солзавецот што самите го фрлија или ќе преземат решителни чекори за остварување на историските цели на граѓаните на Македонија, најмногу зависи од него и неговиот тим. Историскиот предзнак е на нивна страна. Сиот цивилизиран свет дава поддршка, законите и уставот се на нивна страна.

Неуспехот во ваква добиена позиција ќе ја потврди разорната максима со три збора пуштена во оптек: Не ги бива. Ајде покажете ве бива – или не ве бива да ја завршите работата како што треба.