За анкетата на МЦМС

Александар Кржаловски

Повод за овој напис е последната анкета на МЦМС, поточно на Телевизија Телма и МЦМС, за актуелните политички случувања, а која за нивни потреби и по нивна нарачка ја спроведе агенцијата „М-проспект“, на национално репрезентативен примерок од 1,014 лица, во периодот од 7 до 15 ноември, со статистичка грешка од 3,1% и ниво на доверба на резултатите од 95%.

Главните резултати од анкетата беа веќе објавени во емисијата на ТВ Телма „Топ тема на ваша страна“, емитувана во средата, 21.11.2018 година, а која е дел од истоимениот проект на ТВ Телма (во кој МЦМС е партнерска организација) финансиран од УСАИД (Американската агенција за меѓународен развој), како што се објавува секоја емисија во одјавната шпица, во целиот период додека трае проектот (од есента 2016 година, до крајот на оваа 2018 година).

Целосниот извештај од анкетата сè уште не е комплетиран и ќе биде објавен во текот на идната недела, но како директор на МЦМС секако ги имам на увид сите податоци и сакав да се осврнам на некои од резултатите, но и да ја искористам приликата и да се обидам да демистифицирам некои работи околу анкетите (оваа, а и многу други претходно, па се надевам и за идни).

Патем, емисијата „Топ тема“ постоеше и пред да почне овој проект, а сигурен сум дека ќе постои и по неговото завршување следниот месец. Она што дополнителното финансирање го овозможи (покрај учеството и на МЦМС како партнер) беше воведување нови содржини во самата емисија, но и потемелна истражувачка работа надвор од емисијата. На пример, концептот на „жешко столче“ (еден гостин – најчесто политичар носител на висока функција, наспроти 3-4 новинари од разни редакции – не само од Телма) или пак таканаречените town hall дебати, во кои учествуваше и јавноста, односно граѓани во публика со можност и тие да поставуваат прашања. Покрај иновации за самата емисија, се овозможи ангажирање дополнителни новинари за продлабочени истражувачки прилози, како и следење на социјалните мрежи и во самата емисија, но и дебатата за неа по нејзиното завршување. Конечно, се овозможи и поредовно следење на јавното мислење со месечни телефонски анкети за актуелните политички случувања (вклучително и рејтинзи на партиите), но и на други актуелни теми.

Од аспект на МЦМС, значајна беше можноста на поголемо вклучување на граѓанските организации и актуализирање на теми битни за граѓаните од разни области на секојдневното живеење (животна средина, загадување, рудници, социјална заштита, маргинализирани групи итн.), преку користење на нивни анализи и извештаи и/или учество во самата емисија како говорници.

Но, да се вратиме на самата анкета и на резултатите од неа. Главните прашања кои беа истражувани овој пат беа постапката на уставни промени (во постреферендумски услови и со изгласан почеток на постапката во Собрание – анкетата е започната потоа), како и евентуалната амнестија, а вообичаено се поставија и прашања за можни избори, довербата во  политичарите и рејтинзите на партиите.

Во однос на уставните промени, за разлика од претходната анкета, пред референдумот, спроведена во август и објавена на почетокот на септември, кога мнозинството сметаше дека доколку не успее референдумот, во Собранието не треба да продолжи постапката за уставни измени, сега поддршката за тој процес е мнозинска. Имено, 56,5 отсто сметаат дека е оправдана собраниската расправа за тоа, додека околу 41 отсто се против (за споредба, пред референдумот 50,7 отсто беа против, а 38,4 отсто за продолжување на процесот во Собранието). Ова може да се интерпретира и како толкување на резултатите од референдумот – дека иако не е постигнат цензусот (и со тоа референдумот беше неуспешен), сепак за мнозинството граѓани фактот што излегоа 666.000 граѓани и над 90 отсто од нив гласаа „за“ е доволно оправдување за Собранието да се занимава со ова прашање. За истакнување е дека сепак мнозинството етнички Македонци (54 отсто) е против ова!

Интересно, мнозинска (54,4 отсто) е и поддршката за одлуката на осумте пратеници од опозицијата (седум од ВМРО-ДПМНЕ и еден од Социјалистичката партија) да гласаат за отворање на процесот на уставни измени во Собранието (38,2 отсто не ја оправдуваат оваа нивна постапка). Очекувано, мнозинското мислење го носат етничките Албанци, кои во 77 отсто го одобруваат потегот, додека кај етничките Македонци поголем е бројот на оние што се против (47,4 отсто), но незначително повеќе од оние што ја поддржуваат нивната одлука (46,1 отсто). И тука очекувано (поради поларизираноста во државата на партиска основа), најголем дел од поддршката доаѓа од симпатизерите на СДСМ, додека кај оние на ВМРО-ДПМНЕ доминира осудата на тој чин. Сепак, за одбележување е и тоа дека секој четврти симпатизер на оваа партија  има разбирање за овие свои сопартијци.

Тука би споделил и едно прашање кое не беше објавено на „Топ тема“, а тоа е дека повеќе граѓани (46,7 отсто) не се согласуваат со одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да ги исклучи од свое членство овие пратеници, додека 39,1 отсто ја оправдуваат. Сето ова може да води до зголемена поддршка до крајот на процесот – односно зголемен број  пратеници од опозицијата кои на крајот ќе гласаат за уставните промени. Секако, нема гаранции за тоа.

Токму за такви „можности“ без следните прашања во анкетата, односно дилемата во јавноста дали постои некаков договор со овие осум (или и други) пратеници за гласање на уставните измени и ако има, дали тоа на пример вклучува некаква амнестија (особено нивна – на тие што се обвинети во некои случаи на СЈО). Ваквите шпекулации беа подгреани со чудната коинциденција на излегување од притвор на тројца пратеници во истата недела во која се одржа гласањето, одлагањето на седницата на 19.10. на три пати и нивното гласање за доцна таа вечер, кога и последниот од нив беше ослободен од притвор.

Па така, прашањето беше дали испитаниците (а со тоа и граѓаните) сметаат дека треба да има амнестија за постигнување на политичко помирување во земјата. Тука веќе 2/3 (66,9 отсто) од граѓаните не се согласни, додека 1/4 (24,8 отсто) се согласни. Убедливо е мнозинството против амнестија и кај етничките Македонци (64 отсто) и кај етничките Албанци (74 отсто). Секако и кај симпатизерите на СДСМ (82 отсто), додека кај оние на ВМРО-ДПМНЕ ситуацијата е целосно изедначена на 47 отсто.

Малку поголемо е разбирањето да има амнестија за случајот „27 април“, отколку за случаите на СЈО, но и во двете прашања отпорот е мнозински (58 и 62 отсто). Ова може да ја отежне постапката во Собранието, особено ако се потврди дека „има договор“ за некаква амнестија и тоа се процесира преку предлог-закон на новоформираната собраниска Комисија за помирување за да се обезбедат 80 гласови и за конечното гласање на уставните промени. Противењето на јавноста за каква било амнестија е големо и можеби е тоа политичката цена за која зборуваше премиерот Заев, но овој еден месец од одлуката во Собранието на 19.10. (кога сè уште не смееше ни да се спомне зборот „амнестија“ откако премиерот во Собранието говореше за „помирување“), веќе отворено се дебатира за амнестија и се чини дека е јасно дека такво нешто ќе има, а прашање е само колкав ќе биде нејзиниот опфат. Тоа (амнестијата) ќе е веројатно горката пилула што ќе треба да ја голтнат поддржувачите на Владата или пак цената што ќе треба да ја плати СДСМ на следните избори.

Кога сме кај изборите, третиот блок прашања беше за тоа. Поради ограничен простор за колумнава, само да констатирам дека: а) граѓаните се против предвремени парламентарни избори (59 отсто); б) премиерот Заев и натаму е убедливо политичар со најголема доверба (21,4 отсто и три пати поголема од следниот на листата – лидерот на опозицијата Мицкоски со 7,4 отсто), но и со пад од околу 5 процентни поени од минатата анкета (додека кај Мицкоски има удвојување на довербата); в) зголемена е разликата во рејтинзите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на 5,3 отсто (од 1,5 во август и 0,9 отсто во јули), но и раст на ВМРО-ДПМНЕ кај етничките Македонци (речиси 5 процентни поени, наспроти 3,3 и 2,8 на последните две анкети).

И демистификацијата на повеќето работи околу анкетите ќе остане за некоја следна колумна, а во оваа прилика да се осврнам само на една работа која предизвика контроверзи во јавноста и шпекулации на медиуми кои не најдоа за сходно ни да прашаат или побараат појаснување, пред да ги објават своите коментари. Имено, на прашањето за која партија ќе гласате, само 5,3 отсто од етничките Албанци изјавиле дека нема да гласаат. И тоа се коментира/интерпретира како „неверојатен одѕив од 95 отсто“. Прво да појаснам дека покрај тие 5 отсто има и 16,4 отсто кои не знаат за кого ќе гласаат или не дале одговор, па во најмала рака тоа може да значи дека над 20% се неопределени. Второ, овие „неверојатни“ проценти не биле многу различни и во минатата анкета – точно, биле нешто повисоки (8% и 21%), но не и драстично различни, за сега некои коментатори да се исчудуваат на овој резултат. И конечно, ова не е прашање за излезноста, кое и така тешко се проценува (дури и со едно или две посебни прашања само за тоа) и секогаш на анкетите процентите за излезност се повисоки отколку што тоа се покажува во реалноста на самиот ден на изборите. На пример, на јулската анкета, 66 отсто од испитаниците изјавија дека ќе излезат на референдумот на 30 септември, на таа во август 58 отсто, со дополнителното прашање на истата анкета за веројатност за излегување на скала од 1 до 10, сепак МЦМС прогнозираше излезност од 46 отсто, а на крај во реалноста се случи излезноста на референдумот да биде 37 отсто.