Замките од размената на територии на Балканот

Јануш Бугајски

По неколку провокативни изјави на српските и косовските политичари и среде релативната тишина од Вашингтон и Брисел, се зголемуваат претпоставките дека меѓу Белград и Приштина се планира територијална размена. Косовскиот претседател Хашим Тачи тврди дека дијалогот Белград-Приштина ќе вклучи разговори за корекции на границите – термин што подразбира размена на територија, а не само договор за демаркација, каков што неодамна беше склучен меѓу Косово и Црна Гора. Некои српски функционери постојано ја истакнуваа територијалната опција како начин за нормализирање на односите меѓу двете држави, но досега ова прашање не е сериозно разгледувано.

Она што ги разгоре шпекулациите за тајни размени беше изјавата на Тачи дека разговорите со Белград треба да го разгледаат обединувањето на Прешевската Долина со Косово, дел од јужна Србија со мнозинско албанско население. Тачи јасно сака да го внесе Прешево во разговорите за да не се соочи со еднострано предавање на северно Косово, во кое Србите претставуваат мнозинство во четири општини.
САД и ЕУ постојано се спротивставуваат на какви било промени на границите, гледајќи ги таквите потези како опасни во се уште нестабилниот регион. Но, почнаа да се појавуваат шпекулации дека Вашингтон и Брисел можеби ќе се обидат да го решат спорот меѓу Србија и Косово преку територијалната опција и пуштија пробен балон за да видат што може да се договорат Белград и Приштина без директно меѓународно посредување.

Во неодамнешните изјави за медиумите, американскиот амбасадор во Косово и портпаролот на Европската комисија не ги отфрлија територијалните ревизии, едноставно тврдејќи дека е потребно Белград и Приштина да постигнат решение. Во исто време, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека разговарал за можна поделба за време на посетата на Вашингтон. Само германската канцеларка Ангела Меркел отворено ги отфрли сите промени на границата за време на неодамнешниот состанок во Берлин со босанскиот премиер.
Историски гледано, поделбите не се ништо ново, било преку повоени приспособувања од страна на победничките страни или врз основа на демократски плебисцити или меѓувладини договори. Додека Југославија беше распарчена низ војни и избори, а Москва не можеше да го одржи СССР со сила, Чехословачка беше спогодбено поделена меѓу Прага и Братислава. Но, во секој случај, новите земји беа поранешни федерални субјекти, кои поседуваат јасни административни граници и избрани влади. Потенцијалната поделба на Косово ќе го легитимизира новиот принцип – поделбата на држави што произлегоа од непостоечки комунистички федерации.

Таквиот процес би барал најмалку четири услови за мирно да се реализира. Прво, бидејќи само суверени држави можат да разменуваат територија, Србија и Косово треба да се признаат една со друга како независни држави и да не го блокираат влезот во меѓународните институции. Второ, народното одобрување во двете земји ќе треба да се обезбеди или преку парламентот или преку јавен референдум. Трето, меѓународното посредување би било од суштинско значење за спроведување на какви било територијални договори. И четврто, на граѓаните погодени од замената на територијата би требало да им се помогне да се преселат во државата по свој избор.
Но, дури и ако се исполнети сите овие услови, промените на границите на Западен Балкан се оптоварени со опасности и ќе се толкуваат во целиот регион како легитимирање на националната хомогенизација. Со очигледното отфрлање на принципот на мултиетничност, барањата за моноетничност би ескалирале и би можеле да се распаднат неколку земји. Западните институции и силите на НАТО може да се најдат неподготвени за бранот на нестабилност што би можел да го зафати регионот.

Во Косово, Српската православна црква жестоко се противи на каква било загуба на територија, особено што повеќето српски верски објекти и над 60 отсто од српското население не се наоѓаат во северните општини. Радикализираните Срби и Албанци можат да поттикнат насилни протести со цел да го протераат другиот етникум од нивните доделени територии. Сличен процес може да се предвиди во Прешевската Долина ако се договори размена на територија.

Територијалните ревизии, исто така, ќе ја зголемат поддршката во Косово за обединување со Албанија. Таквиот интензитет може брзо да се прошири во Македонија, каде што најмалку една четвртина од населението се Албанци. Заканите за територијалниот интегритет на Македонија ќе го интензивираат етнонационализмот, потенцијално ќе го поткопаат договорот за името со Грција и ќе ги вовлечат Бугарија и Албанија во проширен конфликт.

Во меѓувреме, српскиот ентитет во Босна и Херцеговина би можел да побара примена на косовскиот преседан со цел да влезе во Србија, хрватското население може да поднесе молба за апсорбирање на западна Херцеговина од страна на Хрватска, а бошњачкото население би можело да се бори српското муслиманско мнозинство во Санџак да се обедини со Босна. Црна Гора, исто така, ќе биде фатена во средината на овој виор, при што Бошњаците, Србите и Албанците ќе бараат делови од земјата во која тие формираат локално мнозинство. И сето ова е малку веројатно да се случи во мирна политичка клима, а може да биде зачинето со насилни инциденти за да се докаже дека е потребно раздвојување.

Иако ваквото сценарио звучи како балкански подарок за Кремљ кој може да придонесе за оправдување на нејзината поделба на Украина, Грузија и Молдавија, ќе биде прерано за Москва да ја прослави поделбата на која било балканска држава. Ваквите случувања би нагласиле дека самата Руска Федерација, која содржи 85 федерални единици, исто така може да биде територијално поделена според етнички, верски или регионални принципи. Парадоксално, поделбата на Косово или Босна би можела да послужи како прототип за идната дисолуција на Русија.

(Авторот е виш соработник на Центарот за анализи на европската политика во Вашингтон)