Закон за главните виновници да станат херои

Ерол Ризаов

Кога пред повеќе години во Јоханесбург и Кеjптаун на група македонски новинари и уредници ни раскажуваа како дошло до помирување во Јужна Африка по апартхејдот и ѕверските убиства и измачувања, нашите домаќини и колеги ги гледавме и ги слушавме вџашени со неверица, исчудувајќи се дали е тоа можно. Долги години вестите што ги читавме за настаните во Јужна Африка станаа толку вообичаени што ги примавме како прогнози за временската ситуација од Зајчев Рид, како рутински извештаи какво ќе биде времето, без ништо особено да смени во нашите размисли. Скромните познавања за Нелсон Мандела и неговата борба и страдањата на илјадници луѓе во затворските ќелии кои ги посетивме беа шокантни не помалку од фашистичките концентрациони логори. Но, сепак, најголемото изненадување беше моделот за помирување и простување кои го беа примениле страдалниците и џелатите.

Злосторниците требало само да посведочат кога, каде и кого убивале, да се покаат во директен радиопренос и готово. Простено е. Се прави записник од комисијата и случајот оди во архивата. Тираните се слободни.

Не знам како сум изгледал кога го слушнав ова, но кога изустив – дали е можно, човекот што ни го кажуваше ова како да ја разбра мојата реакција, се сврте кон мене и ме праша: „Како се помиривте вие во Македонија по конфликтот од 2001 година?“ Веднаш се огради дека му е познато дека се работи за многу различни настани кои се неспоредливи, но рече дека помирувањето и простувањето секогаш се болни, дури ако се работи за убиство само на еден невин човек. Се сеќавам на мојот одговор, иако бев затечен со прашањето. Реков кај нас воениот конфликт заврши со договор меѓу двете страни. Соговорникот рече – тоа не е помирување без сведоштво и признавање на вината од двете страни. Кога-тогаш можат да се откопаат секирите.

Нашиот менталитет е многу поразличен од вашиот, одговорив. Ако кај нас сведочат јавно тие што убивале недолжни луѓе, без оглед дали преку радио или во друг медиуми, ќе избие крвава граѓанска војна со многу потрагични последици. Човекот ги крена рамениците, рече – ок, ако тоа функционира добро што е договорено и потпишано само на хартија, тогаш е во ред. Но не остави впечаток дека беше убеден оти е праведна нашата постапка. Јас останав со убедување дека нивното простување и помирување е случај без преседан во светската историја имајќи ги предвид тежината и масовноста на злосторствата.

Деновиве, по толку години од тој разговор, прочитав во нашите медиуми повеќе текстови во кои се прават споредби и анализи со помирувањето во Јужна Африка доведени во врска со нашата актуелна ситуација како примери во веќе отворената медиумска јавна дебата дали за настаните од 27 април, кога се случи обид за државен удар со крвопролевање и со попречување да се конституира Собранието и да се изберат претседател и влада, треба да има помирување и простување и на кој начин тоа треба да се направи и дали е воопшто можно да дојде до таков чин. Случај кој станува дополнително претежок од ден на ден поради трката со времето да се изгласаат уставни промени кои се одлучувачки предуслов за влез на Македонија во Европската Унија и членство во НАТО. Две најголеми стратегиски цели за идниот побрз развој и опстанок на државата прифатени од сите релевантни политички партии и голем број граѓани од првиот ден на независноста на Македонија, но неприфатливи исто така од голем број граѓани поради отстапките и компромисните решенија во договорот со Грција.

Помирувањето во Јужна Африка даде добри резултати, иако велат дека сè уште има сведочења и неразјаснети убиства. Простувањето опфати голем број луѓе што направиле непростливи злосторства. Во Македонија Охридскиот договор функционира, иако останаа неразјаснети повеќе злосторства, а виновниците не одговараа пред законот. Раните сè уште не се залечени кај страдалниците од воениот конфликт и сè уште служат за политички пресметки. Политиката и интересите пресудија амнестија во 2001 година.

Ако овие два примера на помирување (со голем знак прашалник дали означуваат и простување или само покривање со пепел на жарта која уште долго ќе тлее) според својата тежина се прифатливи како решение да се одбегнат уште поголеми трагедии жртвувајќи ја правдата, тогаш зошто настаните од 27 април 2017 година станаа многу потежок случај со кој е соочена Македонија до точка на вриење. Одговорот веќе излезе на виделина бидејќи настанот што сите го осудија, вклучувајќи ги и тие што стоеја зад ова злодело и го организираа попречувањето на примопредавањето на власта на парламентарното мнозинство по легални избори, подоцна откако почна да функционира правдата се повлекоа и го преквалификуваа упадот во парламентот како патриотски и херојски чин. Осудата на настанот не се проследи со каење и извинување, со барање прошка. Организаторите сега бараат законско решение за амнестија со политичка одлука префрлајќи ја вината на страдалниците, како ништо да не се случило.

Се работи за уцена. Уценети се Македонија и нејзините евроатлантски интеграции, а штитот е преспанскиот договор со Грција и компромисните решенија во него. Последната понуда од ВМРО-ДПМНЕ да се донесе закон по итна постапка која ќе ги ослободи од одговорност сите учесници во настаните од 27 април е признание дека главниот мотив не е договорот со Грција, туку слободата на сите учесници во нападот на Собранието и пратениците за да не дојде до судска разврска и откривање на организаторот и на главните извршители на обидот за државен удар и прогласување на вонредна состојба со цел да нема преземање на власта од страна на формираното мнозинство и попречување на другите судски постапки што ги води Специјалното јавно обвинителство.

Предлогот за таков закон по итна постапка не е проследен со извинување и признавање на злосторничкиот акт, туку со ароганција и безобѕирно условување. Во таков случај прифаќањето на амнестија само со политичка одлука, без судска разрешница и без извинување и каење, без затворски казни на организаторите според тежината на одговорноста од највисоко рангираните до најниско ниво е политичко самоубиство не само на страдалниците, туку на целиот правосуден систем.

И жртвувањето за повисоки цели како што е членството во ЕУ и во НАТО треба да има мера до каде може да се оди. Не може најголемите виновници да бидат херои.