Заев да не ја повтори историската грешка

Ерол Ризаов

Медиумските најави дека премиерот Зоран Заев може напролет да се кандидира за претседател на државата, колку и да се плод на претпоставки и анализи за добитни комбинации, заслужуваат внимание затоа што премногу наведуваат на помислата за повторување на историската грешка што ја направија Бранко Црвенковски и СДСМ во 2004 година. Тоа беше дебакл чии катастрофални последици, по инсталацијата на режимот на Никола Груевски и по цела една ера на тиранија, сè уште ја држат заробена парламентарната демократија и го кочат побрзиот развој на земјата и остварувањето на најзначајните стратегиски цели.

Кажано наједноставно груевизмот, неговите водачи и следбеници и сега успеваат во голема мерка да ја попречуваат иднината на Македонија и нејзините граѓани. Стравотниот еднодецениски дисконтинуитет и уништувањето на сите вредности и натаму ја деградираат државата и ги забавуваат сите демократски, општествени, економски и културни развојни процеси.

Да се потсетиме телеграфски што се случи таа пресудна 2004 година и во периодот до 2006 година, што на голема врата го донесе на власт Никола Груевски. По големата победа на социјалдемократите и коалициските партнери со апсолутно мнозинство во парламентот во 2002 година, кога надежите дека Македонија бргу ќе ги оствари своите стремежи да стане членка на НАТО и ЕУ беа големи, сосема неочекувано Бранко Црвенковски во екот на својата најголема популарност, по авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски, одлучи да се повлече од премиерската функција и да се кандидира за претседател на државата, иако беше избран како лидер во кој јавноста имаше најголема доверба за остварување на стратегиските цели и државни интереси.

Во добиена позиција, кога ВМРО ДПМНЕ беше во тешка криза, тој ја започна авантурата за освојување на претседателското место кое, според уставните ингеренции, е далеку од влијанието за остварување на крупните и тешки реформски зафати кои беа предуслов да се европеизира Македонија. Додека траеја тешките судири во ВМРО ДПМНЕ меѓу новиот лидер Никола Груевски и основачот на партијата Љупчо Георгиевски, кои водеа кон распад на револуционерната партија што стаса до каменување на куќите на вмровските пратеници и нивно прогласување за предавници, Црвенковски и СДСМ направија салто мортале за освојување на најзначајната пензионерска функција во политиката од страна на младиот популарен премиер.

Оваа историска грешка беше оправдувана со нужноста дека друг кандидат не би бил во можност да обезбеди излезеност што го наметнуваше Уставот. Да се одеше на предвремени парламентарни и претседателски избори со друг кандидат, како што имаше предлози, многу веројатно успехот ќе беше двојна победа на коалициските партнери на власт. Но, таквата можност веднаш беше арогантно игнорирана и крајниот резултат беше голема пирова победа. Црвенковски стана претседател, а СДСМ од 2002 до 2006 година смени тројца премиери и тројца претседатели на партијата при двотретинско мнозинство во парламентот. Тоа предизвика голема конфузија и во владата и во партијата и во јавноста.

Се судрија повеќе различни концепти и залудно беше потрошено време на големи дворски игри и постојано јавно дефиле на полтрони и партиски конвертити. Корупцијата и организираниот криминал влегоа на голема врата во секојдневието, а рејтингот на власта се стрмоглави за кратко време. Тоа овозможи брзо консолидирање на ВМРО ДПМНЕ и зацврстување на позициите на Никола Груевски. Поразот во 2006 година беше неизбежен.

Веќе ги препознавате сличностите и разликите доколку и сега, на половина мандат, Зоран Заев и коалицијата на власт ги повторат истите грешки. Заев е синонимот на уривање на режимот на Груевски по мирен пат на избори. Храброста да ги обелодени бомбите чии експлозии од прислушуваните разговори со месеци предизвикуваа политички земјотрес со што се потврдија сомневањата за криминалите и злоделата на власта, за тешките злоупотреби и кривични дела на врвот на ВМРО ДПМНЕ го доведоа Заев на премиерска функција со тесно мнозинство, но со мандат да ги оствари истите цели блокирани од 2006 до 2017 година.

Договорот со Грција сега, само на чекор од изгласување на уставните амандмани поради тешкиот товар од законот за амнестија, како и новата ера во историјата на Македонија, која води во НАТО и кон почеток на преговорите со ЕУ, можат лесно да бидат доведени во прашање ако се пензионира Заев како претседател и се пресели во резиденцијата на Водно наместо да ја доврши најзначајната работа за која беше избран и што се случува еднаш на сто години или никогаш. Македонија никогаш не била поблиску до остварување на своите историски стремежи од сега. Евентуални кадровски експерименти за партиски трки при избор на претседател на државата, кој нема значајна улога во остварување на реформите, е повторување на историјата како фарса од 2004 во 2019 година.

Успешното ратификување на Договорот со Грција во двата парламента со јасна нагласка на Брисел за членството во НАТО и извесноста за почнување на преговорите со ЕУ, концентрирање во наредните неколку месеци на економските реформи и на предизборните ветувања, е најсилниот адут за заедничкиот кандидат на коалицијата на власт за избор на претседател на државата. Во спротивно, Заев се става на кантарот на јавноста со незавршена работа за која му беше дадена довербата.

Ако се случи еден таков непромислен чекор, оние стотина луѓе што се собираат секоја вечер пред Христијан Мицкоски и прават сообраќаен хаос во Скопје лесно може да се претворат во силно движење за враќање на Груевски и груевизмот. Политичките, кадровски и изборни маневри во добиена позиција ќе бидат строго казнети. Време е СДСМ да излезе јавно со својот претседателски кандидат.