Заврши љубовта меѓу Французите и Макрон

Љупчо Поповски

Каква разлика може да направи една година? Секој политичар за една година може да го почувствува гневот на народот откако бил воспеван како херој, но она што му се случува на францускиот претседател Емануел Макрон пред првата годишнина од неговиот избор се чини дека поминува многу вообичаени граници во Европа. Во Франција се гневни студентите, железничките работници, администрацијата, пензионерите, синдикатите. Задоволни се само извршните директори. И сѐ само поради тоа што Макрон реши да го испорача она што го вети – промена на Франција за да може да го фати чекорот со развиените економии.

Макрон има малку причини да биде задоволен. Дури 60 проценти од Французите се „несреќни“ со него и со неговата амбициозна реформска агенда. Во анкетата направена за магазинот „Пари мач“ и објавена во средата, бројките се разочарувачки за претседателот кој мисли дека ќе биде запаметен како реформатор и човекот кој ѝ ја вратил моќта на Франција. Процентот на одобрување за работата на Макрон е 40, а сепак мнозинството, 57 отсто, се согласува дека претседателот се држи кон своите изборни ветувања дека ќе ја намали улогата на државата и ќе ја зголеми конкурентноста на Франција.

„Јас го правам она што реков дека ќе го правам“, изјави пред некој ден Макрон. Едвај 30 отсто од анкетираните се согласуваат дека Макрон има разбирање за грижите на францускиот народ и дека најавените даночни олеснувања за оние што заработуваат најмногу го прават него претседател на богатите. Французите имаат многу поголемо разбирање за надворешната политика на Макрон и дури 67 отсто се согласуваат со неговата страсна одбрана на ЕУ и односите во Унијата, како и подобрувањето на угледот на Франција во светот.

Кога беа објавени резултатите од оваа поразувачка анкета, Макрон беше во посета на источна Франција каде што го пречекаа со свирежи непријателски расположените железничари. Француските железници, СНЦФ, се во огромни долгови и Макрон сака да ги намали привилегиите што ги имаат нивните работници. Предлогот на претседателот од 1 јануари 2020 година да престанат да важат гаранциите за бенефициран стаж за нововработените, беше иницијалната каписла за штрајковите што почнаа минатиот месец и ќе траат до крајот на јуни. За време на овие штрајкови само еден од три супербрзи возови „те-же-ве“ сообраќа на пругите, а еден од четири интерсити-возови. На неколкуте големи демонстрации од стотици илјади луѓе на железничарите на улиците им се приклучија и студентите и административците и пензионерите. Ден пред објавувањето на анкетата, студентите го окупираа престижниот универзитет Sciences Po, последната таква блокада во редицата акции што се случија и на други универзитети. На еден од прозорците од универзитетот висеше транспарентот „Студентите на Sciences Po се против диктатурата на Макрон“. Од овој елитен универзитет произлегоа цели генерации француски политичари вклучувајќи го и самиот Макрон. Студентите се жестоко против најавени реформи во високото образование, со кои приемот на бруцоши треба да биде многу поселективен.

Макрон ги разгневи и пензионерите најавувајќи зголемување на даноците за нив, потоа административците, кои не се задоволни од предложеното кратење на големите трошоци во јавниот сектор. Најпосле, тој разгневи и многу други Французи соопштувајќи дека ќе ја сведе максимално дозволената брзина на главните патишта на 80 километри на час за да го намали бројот на несреќите со смртни последици.

Оваа тешка седмица за Макрон почна минатата недела со интервју на телевизијата ТФ1, на кое тој се соочи со надвикување и навреди од двајца познати француски новинари. Едниот беше Едви Пленел, прв човек на истражувачката мрежа „Медиапарт“ и поранешен главен уредник на „Монд“. А другиот Жан-Жак Бурден од телевизијата РМЦ-БФМ. Овие новинари ветерани на интервјуто не носеа вратоврски и не му се обраќаа како „господине претседател“, туку едноставно како „Емануел Макрон“ од почетокот до крајот, како да е Граѓанинот Макрон од времето на Француската револуција. Ова интервју, за кое сѐ уште пишуваат француските медиуми, на свој начин ја отвори сезоната на ловот на францускиот претседател. „Во секоја област има незадоволство“, грмеше пред претседателот новинарот Плевел, а Макрон не можеше да ја скрие својата лутина: „Вашето прашање е пристрасно. Незадоволството на железничарите нема ништо со незадоволството во болниците“. Бурден речиси му викаше на Макрон, зборувајќи вака: „Вие чепкате по готовината во паричниците на пензионерите. Извинете ме, Емануел Макрон!“

„Јас морам да ја вратам земјата назад на работа“, одговараше бледиот Макрон. „Вие не сте учител, а ние не сме ученици“, бесно му возврати Пленел употребувајќи ја фразата која со децении е дел од француските политички дебати. „Не сакам интелектуална нечесност“, процеди низ заби Макрон.

Некои од неговите лути политички противници, како лидерот на крајната левица, Жан–Лук Меланшон, соопштија триумфално „Јупитер падна од небото“, алудирајќи на кралот на боговите. Макрон, или Јупитер, секако не падна од небото, но неговата харизма и порака е подјадена, најмногу поради тоа што во Франција има премногу луѓе кои се наклонети ситуацијата да остане статус кво, како и големата дарежливост на државата. Макрон го обвинуваат дека ја вратил монархистичката култура во Франција и особено се посочува на неговото „триумфално“ обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур. Макрон беше пречекан со многу помпа и невообичаени почести. Тој таму го изложи своето внимателно визионерство за иднината на Европската Унија, кое беше оцрнето од многу пратеници како нереалистичко, а некои сугерираа дека тој е шарлатан.

Во исто време во француските книжарници се појавија мемоарите на претходникот на Макрон, Франсоа Оланд, „Лекциите на моќта“, во кои тој нема пријатни зборови за претседателот, кој едно време беше негово протеже и министер за економија. Оланд посредно соопштува дека Макрон му забил нож в грб откако ја објавил својата претседателска кандидатура, иако претходно го уверувал дека нема такви намери.

Со домашните грижи во мислите, Емануел Макрон денеска отпатува во Вашингтон на средба со човекот со кого добро се разбира – Доналд Трамп. Обидувајќи се да се претстави како нов лидер на Европа, Макрон оди со мисија да го убеди Трамп да не се откажува од нуклеарниот договор со Иран. Во четвртокот Макрон беше во Берлин на средба со Ангела Меркел за, меѓу другото, да ја подготват европската понуда за дополнителни обврски на главниот договор, затоа што од него во голема мерка зависи регионалниот мир. Макрон очекува Трамп да има разбирање за европските желби, онака како што ги послуша советите за ограничен ракетен напад врз сириските центри за производство на хемиско оружје. Макрон и Трамп ќе имаат можност да разговараат за Сирија, Северна Кореја и Русија на две официјални вечери – едната само за двата брачни пара на имотот на Џорџ Вашингтон во Вирџинија, а утредента на официјалната државна вечера во Белата куќа. Макрон ќе има и 30-минутен говор во Конгресот. Одамна некој европски лидер немал такви почести во Вашингтон. Тоа е резултат на специфичното пријателство на Трамп и Макрон, иако поддршката за американскиот претседател во Франција е само 14 отсто. Макрон како да си има поставено задача да го „култивира“ однесувањето на Трамп и да го задржи во кругот на европските сојузници, особено кога се креира заедничката одбранбена политика.

Овие почести во Америка само за миг ќе ги олеснат домашните главоболки, а потоа Макрон ќе го вратат на европскиот терен. Поради неговите амбиции за воспоставување поголем европски буџет и министер за финансии кој ќе биде надлежен за сите земји во еврозоната, како и создавање банкарска унија, тој нема многу разбирање во Берлин. Макрон веќе се повлече од својата идеја за транснационални кандидати за европските избори во 2019 година, кога виде дека партиите во најголемите земји не сакаат да се откажат од својата моќ и го прифати пристапот на реалполитиката.

Клучот за неговото европско лидерство лежи во изборите за Европскиот парламент идната година. Големите партиски групации ја бараат поддршката на неговата новоформирана партија. Макрон очекува да види каков ќе биде успехот на неговата партија во Франција, а потоа да гради сојузништва. Без негова поддршка, Европската народна партија ќе ја загуби моќта во европските институции. Тука лежи неговата моќ за убедување на другите европски лидери, особено во блокот на десниот центар. „Јас не му припаѓам на ниту едно политичко семејство кое е презентирано меѓу вас“, рече тој во Европскиот парламент. „Тоа е мојата слобода“.