Економијата во 2018 има „задоволителна“ оценка

 

Никола Поповски

 

Пред околу десет дена кредитната рејтинг-агенција „Стандард енд пурс“ ја соопшти својата годишна оценка за Македонија со која само го потврди претходниот и постоен кредитен рејтинг на Македонија. Тој е на нивото „ББ-, со стабилен изглед“, оценка која во рамките на оваа агенција се провлекува уште од самото воведување на кредитниот рејтинг на земјава во 2004 година, односно веќе 15 години. За волја на вистината, во 2004 година земјава имаше и подобар од сегашниот кредитен рејтинг и тој беше „ББ, со позитивен изглед“, а истиот во 2005 и 2006 година прогресираше во сега веќе недостижната оценка „ББ+, со стабилен изглед“. Сегашната оценка не е нешто што треба да нè радува или макар и само да се поздрави бидејќи сè уште е во рангот на т.н. „шпекулативен“ рејтинг од нивото на „ББ“, но со оној фамозен „-“ односно минус и со него се укажува дека ваквата оценка на кредитен рејтинг на земјава и економијата е поблиску до веќе многу попроблематичниот „Б“, отколку до посакуваниот „БББ“, што претставува т.н. „инвестициски рејтинг“, односно состојба во која агенцијата препорачува инвестиции во форма на СДИ или заеми и кредити на земјата.

Зошто е тоа така? Основниот одговор е дека кредитните, односно економските и пошироките општествени перформанси на земјата едноставно се на тоа „шпекулативно“  ниво, а тоа ниво за нас не е посакуваното. Особено не на прагот пред влезот во НАТО и евентуален датум за почеток на преговори за некое идно членство во ЕУ. Со оглед дека до новите избори преостануваат околу година и пол, за жал, во мандатот на оваа власт кредитниот рејтинг на земјава нема значително или воопшто да се подобри.

Сепак одредени, иако не толку репрезентативни резултати во економијата се постигнаа, но тие се многу далеку од посакуваните. Можеби за пошироката јавност ќе биде чудно што релативно подобри резултати се постигнаа во екстерниот сектор на економијата. Ако тие се предвесник на еден подинамичен раст, тоа ќе биде многу позитивно, но за тоа ќе треба да се причека. Имено, дефицитот на салдото на тековната сметка на државата е негативен, но тоа според податоците на НБРМ изнесува само 31,9 милиони евра, односно помалку од 0,3 отсто од БДП што е блиску до урамнотежено салдо и тоа се должи и на релативно стабилниот и одржлив дефицит од 1.811 милиони евра на трговскиот биланс, но и на рекордното позитивно салдо од 1.797 милиони евра од девизните дознаки од странство што ги добиваат граѓаните на земјава. Ако на тоа се додаде исто така рекордното салдо од 622 милиони евра на СДИ, нема да зачудува стабилната екстерна позиција на земјава што резултираше со раст на девизните резерви и нивна позиција на задоволително ниво во месечно покритие на наредниот проектиран увоз на стоки и услуги во број на месеци.

Логично е наивно да се запрашаме дали кредитната агенција S&P тоа не го забележа. Секако дека го забележа, но таа исто така забележа и дека внатрешните фискални биланси не се многу позитивно променети и дека фискалниот дефицит на општата власт според првичните податоци на Монетарниот фонд и понатаму е на релативно високо ниво од околу 2,7 отсто од БДП, како и во последниве три години, а и јавниот долг остана непроменет во тие три години (2016-2018), односно остана на ниво од 48,7 отсто од БДП, а тоа ниво е нешто над посакуваното за сегашното ниво на раст на економијата и општото ниво на развој на земјава. Подобро ќе беше доколку тоа почнеше благо да се намалува кон нивото од 45 отсто од БДП со тенденција да се спушти на посакуваните околу 40 или помалку отсто од БДП во наредната декада.

Инфлацијата во земјата, мерена преку растот на трошоците на животот, и понатаму е на многу ниско и соодветно ниво од 1,5 отсто годишно и таа не претставува никаква закана за економските движења ниту предизвикува некакви неочекувани идни движења.

Комбинацијата на ваквите движења придонесе стапките на економскиот раст и вработеноста, односно невработеноста, за нас најважните економски показатели, да се задржат во зоната на „задоволителни“, па сепак релативно далеку од посакуваните динамични стапки на раст од, на пример, 4-5 отсто на економијата и 3-4 отсто на вработеноста. Економскиот раст, според првичните податоци на ДЗС, во 2018 година се задржа на нивото од само 2,7 отсто и тоа се случи во услови кога последните три квартали од годината имаа раст од нешто над 3 отсто во рамките на проекцијата, но растот во првиот квартал целосно потфрли, дури и до ниво на стагнација. Друг факт што не е многу охрабрувачки е што економијата во 2018 година порасна за 2,7 отсто во услови кога таквиот раст е во однос на 2017 година која пак во однос на 2016 година, да се потсетиме, беше стагнантна со раст од само 0,2 отсто. Со оглед дека и проекциите за оваа 2019 година се само за нешто над границата од 3 отсто, дури и во услови тие целосно да се остварат, не може да се очекува да се оствари некаков посакуван раст со подинамична стапка. Таквото скромно повлекување на економијата во последниов тригодишен период (2017-2019) не треба да се смета за наш неуспех, но исто така, не може да доведе ниту до некакво забележливо нагорно заживување на економијата.

Резултанта на тоа е што нивото на вработеноста се придвижува нагоре со бавно темпо и на крајот од 2018 година достигна ниво од скромни 45,9 отсто, што е зголемување од само 1,6 процентни поени во однос на крајот на 2017 година и многу далеку од, на пример, нивото на вработеноста од околу 60-70 отсто што ја имаат земјите членки на ЕУ од нашиот регион. Во такви услови дури ни падот на стапката на невработеност за првпат од 1991 година на нивото од под 20 отсто, односно на 19,4 отсто (податок за крајот од 2018 година) не предизвика поголемо внимание ниту интерес, бидејќи нејзиното намалување не се темели само на растот на бројот на вработените лица во рамките на активното население, туку се должи и на намалувањето на уделот на невработените во него поради забрзаното иселување токму на делот на невработените лица од корпусот на активното население. За ваквите податоци, за жал, нашата земја нема соодветна статистика.

Конечно, ваквите прилично шаренолики показатели во врска со економските движења во минатата година не оставаат простор да сме многу задоволни. Тие упатуваат на одредено раздвижување во економијата кое некако постојано е под закана да остане во рамките на задоволителното, но не и да покаже јасни и недвосмислени знаци на почеток на подинамичен и одржлив економски раст што ќе ги решава проблемите на невработеноста и на животниот стандард  на одржлив начин. Во оваа прилика ќе се воздржиме од сè поприсутните коментари на странските, но и домашните експерти дека и ваквите скромни резултати нашата економија и земја ги испорачуваат и одржуваат по цена на два невообичаени трошоци. Едниот е целосна деградација на нејзината животна средина, особено на воздухот и водите чија вредност буквално се намалува на сметка на тековниот раст на БДП и вториот е по цена на постоење на релативно евтина работна сила (ниско квалификувана, квалификувана и високо квалификувана), чиј трошок на пазарот сè уште е сериозно потценет. Додека времето на последново во врска со цената на работната сила немилосрдно истекува, се чини дека економскиот раст по цена на уништување на животната средина и природната околина допрва доаѓа. На тој план, Македонија многу лошо се снаоѓа.