Едно… за сите нивни

Илo Трајковски

Колку траорна и бурна седмица! Вртоглаво редење настани: почеток на промената на името, афера до афера во власта, тешка сообраќајна несреќа со многу изгубени животи, лесно интелектуално пометнување со тешко загрозување на претседателска кандидатура, проблематичен избор на член на толку очекуваната антикорупциска комисија и уште многу други настани! Изобилство на дразби и поттици за мислење! Не случајно, полскиот социолог, проф. Марјан Њезгода, Македонија ја гледа како вистинска социолошка лабораторија! А во лабораторија сенешто се случува. Адреналинот постојано високо, концентрацијата на непланирани последици максимална. Овде навистина не е здодевно. Тешко и гадно е живеењето во вакви услови, но не е здодевно. Од друга страна, луѓето бараат поинтересни и попријатни места за живот и заминуваат од тука.

Во таква клима и министерот за информатичко општество и администрација, ја сподели со јавноста својата загриженост од состојбите. Тој во одбрана од критиките за партиски вработувања предупреди на опасноста членови и симпатизери на неговата владејачка партија да ја напуштат државата ако и сега кога се тие се на власт не добијат вработување во државната администрација или во некое од јавните претпријатија со подобри плати! Во негова одбрана, а со слични јанѕи и аргументи се пројавија и други видни претставници на владејачката партија и коалиција.

Сè ми се чини дека низ таквите реакции и спорните настани кои ја предизвикаа реакцијата на јавноста се провлекува една иста нишка – начинот на разбирање на „сите“ од паролата „едно општество за сите“. Работата е што „сите“ не значело тоа што буквално значи, а тоа е сите ние граѓани на земјата ни северна Македонија. Тука „сите“ значело сите нивни. Сите нивни деца, сите нивни роднини, сите нивни швалерки/швалери, сите нивни сопартијци. Или, општо речено, сите нивни клиенти за искористување на јавните добра со кои располагаат промоторите на паролата за едно општество за сите. Во времето кога беше лансирана не сме можеле да знаеме ниту дека под „сите“ не се подразбира секој граѓанин ниту, пак, колкумина се тие нивни „сите“. Особено што таа парола одеше во пар со паролата „Нема правда, нема мир“. Двете беа идејни оружја за ослободување на заробената држава од клиентелистичките и патронашките практики на претходните власти.

Речиси две години како правдата му прави пардон на мирот. Апетитите кон јавните ресурси почнаа да се пројавуваат, сè послободно, сè поагресивно и сè поскандалозно. Проблемот се појавува со тоа што едното општество на сите нивни партиски клиенти се покажува толку бројно толку големо што државата му станува мала. Државните јасли се покажуваат тесни и посни за на нив да се приберат сите нивни. Затоа се прошируваат и кон квазијавните претпријатија во кои државата има свои удели. Затоа им пречат реакциите на граѓаните од околината кои се чувствуваат истиснати од пошироко сфатената идеја за општеството како дом баш на сите, независно од народност, религија и, пред сè, независно од партиската припадност.

Според логиката на министерот, нивните луѓе десет години биле најдискриминирани граѓани во државата бидејќи им било забрането да се вработуваат и во јавниот и во приватниот сектор. И тој е делумно во право. Претходната власт навистина вработуваше и делеше јавни ресурси по строго партиски критериуми, особено после 2008 година. Таквото политичко патронство иако не беше преточено во формално-правно озаконета забрана, сепак продуцираше де факто дискриминација. Но, проблемот е што министерот искажува загриженост само за дискриминираните од неговите партиски редови, а не и за сите дискриминирани граѓани. Некои од нив одамна заминаа во странство бегајќи токму од дискриминацијата. Други останаа со надеж дека проектот едно општество за сите ќе донесе крај на преференцијалното вработување и воопшто третирање на граѓаните.

Од оваа перспектива актуелното фаворизирано вработувањето на партиски членови и симпатизери може да биде протолкувано како спроведување на политика на селективна позитивна дискриминација или на селективна афирмативна акција. Демек, сегашното фаворизирање свои претставува праведна компензација за дискриминацијата претрпена во претходниот период. Но не беа дискриминирани само членовите или симпатизерите на оваа или онаа тогашна опозициска партија. Оттука, каква би била таа афирмативна акција која не ги опфаќа сите претходно дискриминирани. Таа сега не ги дискриминира претходните дискриминатори бидејќи тие се заштитени со постојните институционални аранжмани и права. Таквата селективна афирмативна акција на вработување само свои сега, де факто значи нова дискриминација врз грбот на независните и партиски неопределените. Тие страдаа и претходно, страдаат и сега, а по сè изгледа ќе страдаат и понатаму. Нив никој нема да ги заштити и селективно афирмира или да ги ослободи од дискриминацијата.

Тоа покажува дека ни сегашната власт не ја ослободува државата, а ниту себеси од тиранијата на политичкиот метод на партиско патронашко и клиентелистичко владеење. И не само тоа, туку со споменатите изјави таквиот метод на владеење пред масата со нараснати апетити се брани и се прикажува како единствено нормален. Се потврдува како точно тврдењето дека партиите се како змиите. Тие не се водени од главата туку од опашката. А опашката долга, долга…

Сепак, министерот најави дека ќе има откази на вработените роднини на функционери од власта кои претходно беа вработени во државни институции и фирми. Под притисок на сензибилизираната и критичка јавност власта го коригира непотистичкиот курс и политики. Колку ќе трае, ќе видиме. Можеби, сепак, општеството ќе стане еден дом за сите граѓани. Колку поголем е тој дом, толку ќе е помала и помалку привлечна државата. Да си кажеме и да си прифатиме дека либералниот модел на организација на општеството е неспоив со навртување на сите членови на општеството на државните јасли.

Претпоставка за тоа е донесување јасна законска регулатива која злоупотребата на јавните овластувања ќе ја направи неисплатлив потфат. Јавните ресурси како што се, на пример, работните места во јавните институции мора да им бидат достапни на сите граѓани под еднакви услови. Во прилог на ова, на крајот ќе си допуштам еден личен исказ.

Драги пријатели! Знам дека во горните редови ќе препознаете ангажман кој ги доведува во прашање вашите родителски планови околу вработувањето на вашите деца. Сепак, убеден сум дека тие легитимни планови не се загрозени од ваквите ангажмани. Има и други „кучиња“ што лаат, а карванот ќе продолжи да си оди. Проблемот е во тоа што ние имаме два каравана. Едниот носи млади на државни јасли, а другиот ги изнесува надвор од земјата. И едните и другите се товарени со наши деца. Заложбата ми е да создаваме услови нашите деца да имаат слободен избор. Да останат тука или да се бараат на друга сцена, како горди и самостојни личности, а не како наши должници или како жртви на нашите апетити поткрепени со коруптивни навики и методи.